fbpx

Истражување на ИДСЦС: Голем пад во перцепцијата на граѓаните за влијанието на ЕУ во земјава

-

Во 2021 година, 68 отсто од граѓаните ја поддржуваат идејата за членство на Северна Македонија во ЕУ, но македонските граѓани не се доволно информирани во врска со траекторијата и временската рамка на процесот на пристапување.

Перцепираното влијание на ЕУ во Северна Македонија се намалило на најниско рангирање во последниве години – од 44,8 отсто во 2019 година на 9,5 отсто во 2021 година, покажуваат наодите од две истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Според овие истражувања, перцепцијата на граѓаните за ЕУ како најголем сојузник на земјава се намалила од 43,2 отсто во 2019 година на 13,1 отсто во 2021 година. Во исто време, се зголемил и процентот на испитаници кои одбиле да одговорат на ова прашање – од 1,3 проценти во 2020 година, на 17,6 отсто во 2021 година. Најголем дел од оние што одговориле (17,1 отсто) рекле дека сметаат оти САД би биле најголем сојузник на Северна Македонија.

Повеќе од една третина од испитаниците (35 отсто) не се свесни и не го препознаваат најголемиот донатор кој обезбедува финансиска поддршка за развојот на земјава. Процентот на граѓани кои ја препознаваат ЕУ како најголем донатор се намалил, па во 2021 година изнесува 21,6 проценти, за разлика од годината претходно, кога бил двојно повисок.

Повеќе од половина од испитаниците, 56 проценти, поддржуваат поблиско сојужништво меѓу сегашните партнери од Отворен Балкан во рамките на процесот на интеграција во ЕУ.

Во истражувањето е опфатена и перцепцијата на граѓаните во однос на областите за компромис со Бугарија, а според наодите, мнозинството граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да отстапи од бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 процент), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во земјава (65,4 отсто).

Во заклучокот на документот „Од пофалби до разочарувања 2021: Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“ се наведува дека во време на намален кредибилитет на ЕУ и без видливи случувања во процесот на пристапување кон ЕУ, граѓаните се чувствуваат значително повеќе дезориентирани од кога било досега.

„На испитаниците им е сè потешко да препознаат потенцијален сојузник на земјата, што укажува на зголемена конфузија меѓу населението. За првпат од 2017 година, одговорите кои не можат да го посочат најголемиот сојузник ја надминуваат перцепцијата за САД или ЕУ како сојузници“, пишува во документот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...