Македонските граѓани се на второто место на листата најгневен народ во Европа, покажува Глобалниот извештај за емоции на Галуп, aмериканска мултинационална аналитичка и советодавна компанија позната по анкетите на јавното мислење ширум светот.
Кога станува збор за гневот, на прво место во Европа е Турција, каде 34 отсто од жителите изразуваат одредена количина гнев секој ден, додека Македонците се втори, со 26 отсто од испитаниците кои рекле дека чувствуваат гнев во текот на денот.
По Турците и Македонците, следуваат Албанците и Црногорците со по 24 отсто и Шпанците со 23 отсто.
Од нашето опкружување, Бугарија, Србија и Косово се некаде на дното на листата, односно меѓу 11 и 13 отсто од граѓаните од овие три земји изјавиле дека чувствуваат гнев во текот на денот. Кај Грците, оваа бројка изнесува 21 отсто.
Земјите со најмал процент на гнев на дневна основа во Европа се Финска и Естонија со 7 отсто, Португалија со 8 отсто и Холандија и Хрватска со по 9 отсто.
Индексот на позитивно искуство и индексот на негативно искуство се пресметани од истражувања во 142 земји и области во 2023 година.
Резултатите од 2023 година се засноваат на телефонски и лице-в-лице разговори, како и веб-анкети од над 1000 испитаници по земја или област.
Освен за чувството на гнев, испитаниците биле прашувани и дали чувствуваат тага, стрес, загриженост, физичка болка, задоволство, дали се добро одморени, дали дента научиле нешто и дали биле третирани со почит.