fbpx

Истражување: Повеќе од 50 отсто од граѓаните сметаат дека хомосексуалноста треба да се лекува

-

Само еден отсто од општата популација во Македонија знае што означува ЛГБТИ, високи 58 отсто од родителите сметаат дека ако нивното дете е ЛГБТИ, треба да се лекува, а 84 отсто од граѓаните во државата не поддржуваат парада на гордоста, покажуваат резултатите од регионалното истражување на јавното мислење за ЛГБТИ, кое летово се спроведуваше во Македонија и во другите земји од Западен Балкан.

Од „Субверзивен фронт“ и „ЛГБТ Јунајтед“ – Тетово велат дека резултатите од истражувањето се загрижувачки, особено поради ставовите и перцепциите на населението за оваа ранлива и дискриминирана група граѓани.

– Иако за голем дел од резултатите на ова сеопфатно истражување на јавното мислење за ЛГБТИ во Македонија имавме изградено прилично точни претпоставки и очекувања, сепак, навистина е загрижувачки да се прочита дека мнозинството од луѓето овде сметаат дека си болен и дека треба да се лечиш. Трендот на иселување на ЛГБТИ-лицата од земјава и понатаму е нагорен, а насилството врз ЛГБТИ-лицата како горлив проблем еднакво се препознава и од општата јавност и од самите ЛГБТИ-лица. Клучниот заклучок од овие сознанија е дека ЛГБТИ-лицата во голем дел идентификуваат дискриминација во сферите на вработување, полициска заштита и социјална заштита – области каде државните органи имаат надлежност и обврска да постапуваат и да дејствуваат – вели Антонио Михајлов од „Субверзивен фронт“, здружение што ги застапува правата на ЛГБТИ-лицата.

Беким Асани од „ЛГБТ Јунајтед“ – Тетово вели дека истражувањето, исто така, покажало дека се зголемува бројот на припадниците на ЛГБТИ-заедницата што сакаат да станат активисти во борбата за нивните права.

– Она што нам, како активисти, нè охрабрува и ни помага во креирањето на визијата за иднина, е податокот дека третина од ЛГБТИ-лицата во Македонија кои одговориле на прашалникот, сакаат да станат активисти за ЛГБТИ-права, дека личниот контакт со ЛГБТИ-лице значително ги редуцира стереотипите и предрасудите кон оваа заедница и дека физичкото насилство врз овие лица е неприфатливо – изјави Беким Асани од „ЛГБТ Јунајтед“ – Тетово, организација која работи на зајакнување на ЛГБТИ-заедницата во Македонија.

Истражувањето го спроведуваше регионалната програма на Националниот демократски институт од Вашингтон во соработка со канцелариите на „Ипсос стратеџик маркетинг“ во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и во Црна Гора, во јуни и во јули годинава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.