ИСТРАЖУВАЊЕ: Младите сакаат авторитарни лидери, веруваат и во некои од дезинформациите за ковидот

Фото: Мета.мк

Високи 82 отсто од младите сметаат дека на нашата земја ѝ е потребен лидер со цврста рака, а омилени политичари им се авторитарните лидери на Балканот и низ светот. Покрај тоа, мнозинството од младите веруваат во некои од дезинформациите за ковид-19 пандемијата што се шират низ земјава.

Високи 57,8 отсто од испитаните млади рекле дека се согласуваат со тврдењето дека корона вирусот е создаден во лабораторија, а не по природен пат. Исто така, најголем дел од младите – 41,2 отсто се согласуваат дека мала група на моќни луѓе ја создале пандемијата за да манипулираат и владеат со светот. Истовремено, 38,3 отсто веруваат дека вакцините за ковид-19 достапни во нашата земја се со ист квалитет како оние во земјите на ЕУ.

Ова се резултатите од длабинското истражување „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија: 2021“ на Фондацијата за демократија Вестминстер спроведено на национален примерок на млади граѓани меѓу 2 ноември и 3 декември 2021 година.

Покрај ваквите загрижувачки податоци во однос на симпатиите на младите кон авторитарни лидери и кон дел од дезинформациите за ковидот, забележително е дека голем процент од младите одговориле со опцијата „не знам“, односно се без одговор на дезинформациите за кои биле прашани во истражувањето, како што се: „вирусот е создаден за да се намали светската популација“, „технологијата на правење на вакцините (и-РНК) ќе му наштети на човештвото“, и „вакцините за ковид-19 предизвикуваат неплодност“.

Инаку, истражувањето покажува дека перцепцијата на младите за лидер со цврста рака е човек со цврст став, компетентен и способен, го исполнува ветеното, човек со јасна цел и визија за земјата, кој го сака својот народ и се грижи за него нешто како Тито. Во однос на помалиот број на млади кои лидерот со цврста рака го перцепираат негативно, велат дека тој сепак е некој што е насилен и агресивен, се води од политичкиот интерес, ја наметнува својата волја и не го интересира мислењето на народот.

Сепак, ваквите податоци не можат, а да не се доведат во врска со перцепцијата на младите кон сите чинители во земјава, односно со довербата во институциите. Само 13 отсто од младите во земјава сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив или нивните проблеми. Младите највисоки оценки во истражувањето имаат дадено на образовните институции (2,50) и на средношколските и студентските тела (2,45), а наспроти нив со најлоша оценка се Собранието на РСМ и политичките партии во земјава.

Околу 15 отсто од младите сметаат дека целосно или прилично може да влијаат врз тоа што и како работи власта, додека 45 отсто од испитаниците истакнуваат дека нашата земја ќе стане членка на Европската Унија, што е за 15 отсто помалку во споредба со истражувањето од пред 2 години.

Фото: Мета.мк

Уште еден значаен податок од истражувањето на Фондацијата Вестминстер покажа дека половина од младите луѓе (51 отсто) покажуваат иницијативност за решавање на одредени општествени проблеми, но поразителни 5 отсто од младите постојано успевале да го решат проблемот, како и 23 отсто од нив рекле дека често успеваат да го решат проблемот. Иако имаат иницијативност, 51 отсто од младите рекле дека ретко имале успех во решавањето на одредени општествени проблеми, како и 19 отсто не успеале да го решат проблемот за кој се активирале.

Во спроведената анкета на 1.060 млади испитаници, 60 отсто од младите рекле дека доколку би имале можност, би се иселиле од земјата. Овој процент е речиси непроменет во однос на 2020 година од претходното истражување.

Истражувањето покажува дека 4 од 10 млади кои биле вклучени во анкетата се целосно или прилично задоволни од своето место во општеството, додека 6 од 10 млади луѓе се делумно или целосно незадоволни од своето место во општеството.

„Во истражувањето втора година по ред забележуваме дека младите со попреченост, но и оние коишто се надвор од главниот град, за жал, се во значително полоша позиција од своите врсници коишто се во Скопје и од оние коишто се без попреченост. Ова е случај во најголем дел од прашањата во истражувањето и токму затоа, особено институциите, но и граѓанскиот сектор, треба да ги имаат предвид специфичните потреби на овие групи на млади луѓе“, изјави Дамир Незири, претставник во земјава на Фондацијата за демократија Вестминстер на денешната промоција на истражувањето.

Заменик-Амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Џулија Смит рече дека истражувањето за младите луѓе во земјава покажало дека тие кои се вклучени во младински организации имаат поголемо верување во себе и поголема доверба дека  може да направат разлика, и ова го акцентираше како позитивен показател. Наспроти ова, речиси 8 од 10 млади луѓе сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите, рече заменик-амбасадорката, потенцирајќи го ова како предизвик.

На панел-дискусијата што се одржа по презентацијата на резултатите од истражувањето, учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски, којшто дојде и издвои време за да ги слушне ставовиве на младите лица. Тој во своето обраќање во неколку наврати акцентираше дека младите лица од осамостојувањето на земјава се предводници на промените и на достигнувањето на денешното ниво, кое е за 10 пати повисоко во споредба кога се формирала нашата држава на почетокот на 90-тите години од минатиот век.

Фото: Влада на РСМ

Низ дискусијата на која учествуваше премиерот Ковачевски, претседателот на Сојузот на средношколци Лука Павиќевиќ се осврна на истражувачките резултати, кои покажуваат дека младите се незадоволни од своето место во општеството.

„Кој нѝ дава за право да се чудиме дека 57 отсто од младите ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките случувања во земјата“, запраша Павиќевиќ, кој препорача да се засилат програмите по граѓанско образование во средните училишта и истото да се направи задолжително кај сите средношколци кои посетуваат настава од прва до четврта година средно.

Рита Бехадини, новинарка и претседателка на Центарот за еднакви можности „Бубамара“ на панелот рече дека младите повеќе не се иселуваат од земјава поради повисока плата во странство, туку за подобар животен стандард, споменувајќи дека најголем дел од младите во истражувањето рекле дека не можат ниту да влијаат на начинот на којшто работи владата. Само 22 отсто од младите рекле дека биле консултирани од институцитие при носењето на одлуки.

„Ако навистина сакаме промени, мора да најдеме механизми како младите да се сфатат сериозно и да станат дел од одлучувањето, особено девојките. Треба да најдеме начин да ги мотивираме за да бидат дел од промената“, рече Рита Бехадини.

Дениз Селмани, програмски менаџер на Ромалитико на дискусијата рече дека потребни се афирмативни мерки што ќе им се понудат на младите, дополнувајќи дека политичкиот систем во земјава не нуди доволно можности за младите лица. Тој спомена дека на ниво на Владата или во Собранието треба да се формира посебно тело коешто посебно ќе се бави со враќањето назад на младите кои си заминале во странство.

Инаку, истражувањето на Фондацијата за демократија Вестминстер донесува и десетина препораки, а меѓу нив е изработката на Национална стратегија за млади и исполнување на обврските предвидени во Законот за младинско учество и младински политики. Агенцијата за млади и спорт да обезбеди повеќе средства за работа на секторот „млади“ во однос на вкупниот буџет, додека препораката за локалните самоуправи е да креираат локални младински совети и да ги почнат подготовките за отворање на младински центри.