fbpx

Истражувачките новинари се жалат на затвореност на институциите

-

Граѓаните, новинарите и невладиниот сектор годинава помалку се жалат на транспарентноста на институциите во споредба со истиот период минатата година. Во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која до декември 2019 година функционираше како колективен орган со назив Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во првите четири месеци од годинава од разни странки се доставени 109 жалби поради неможноста од институциите да добијат информација од јавен карактер. Во истиот период лани до Агенцијата имаше доставено 171 жалба, што е за 62 жалби повеќе отколку годинава.

Од Агенцијата информираат дека досега успеале да ги решат сите 850 поднесени жалби, од кои 109 се доставени во првите четири месеци од годинава и 741 се други наследени од претходната година.

Тие тврдат дека по изборот на новото раководство на Агенцијата во декември 2019 година, за сите жалби се изготвени соодветни решенија и истите се доставени до имателите и барателите на информации од јавен карактер, почитувајќи го притоа законскиот рок од 15 дена од моментот на доставување.

– Постапувајќи по жалбите доставени во текот на 2020 година, за голем дел од нив донесе решенија со кои жалбите беа уважени и предметите беа вратени на повторно постапување на првостепените органи (имателите на информации), со укажување како да постапат. Исто така, во добар дел донесените решенија се со диспозитив во кој жалбите се уважуваат, а на првостепените органи (имателите) им се наложува, во рок од 15 дена, по поднесените барања до нив да постапат согласно одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да донесат соодветни решенија и за тоа да ја известат Агенцијата – вели Цветан Станоески, од Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според него, од 109 жалби, само околу десет жалби се одбиени како неосновани или, пак, ги отфрлиле како ненавремени. За четири месеци, директорот и заменикот на новата Агенција ги решиле сите заостанати предмети, кои ги наследиле од претходната Комисија за слободен пристап до информации, која не можеше да ги реши пристигнатите предмети поради немање кворум за работа.

За овие четири месеци од работата, Агенцијата изготвила Годишен извештај за работењето на Агенцијата во текот на 2019 година, донела Упатство за спроведување на новиот Закон за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и формирала сопствена Прекршочна комисија, која ќе им изрекува глоби на институциите што располагаат со информации од јавен карактер и нема да ги споделат со граѓаните.

Молк на институциите

Новинарката Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) е задоволна од работата на Агенцијата за слободен пристап до информациите од јавен карактер и тврди дека таа им помага на новинарите кога се соочуваат со нетранспаретност на институциите за потребите на нивните приказни. Меѓутоа, Цветковска истакнува дека ако годинава имало помалку жалби, тоа не значи дека институциите биле потранспаретни отколку лани. Таа се жали дека за нејзините истражувачки приказни има сериозни проблеми да обезбеди пристап до информации од јавен карактер, особено кога бара специфични информации поврзани со големи тендери и договори.

Според искуството на новинарката Сашка Цветковска, најнетранспарентни јавни функционери се генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, и министерот за здравство Венко Филипче, кои со години одбивале да споделат информации од јавен карактер со новинарите од ИРЛ.

Според неа, Рашковски веќе една година го игнорира барањето на ИРЛ да добијат пристап до физибилити-студијата за хеликоптерската прва помош, како и за понудените банкарски гаранции на понудувачите на тендерот.

– Имавме страшни притисоци кога баравме информации за хеликоптерската прва помош, а, од друга страна, не добивме ниедна информација – се жали Цветковска.

Лошо искуство оваа истражувачка новинарка имала и со Министерството за здравство, кое веќе две години го моли за информации во врска со склучувањето на Договорот за јавно-приватно партнерство со Жан Митрев за детска кардиохирургија.

Цветковска две години не добила информации ниту за лиценците за одгледување канабис во Северна Македонија. Кога таа барала информации во врска со детската кардиохирургија и лиценците за канабис, наишла на молк од страна на Министерството за здравство.

– Никој не ви одговара на барањето до истекот на законскиот рок, ни дека е прифатено барањето, целосно или делумно, ниту дека сте одбиени поради некоја причина. Едноставно, наидувате на молк од институциите – објаснува Цветковска.

Попрво плаќаат глоба наместо да дадат информација

Другиот начин како институциите ги забошотуваат барањата на новинарите за слободен пристап до информации е така што тие формално ќе ви одговорат, меѓутоа без да му дадат правен статус на предметот. Цветковска тврди дека овие институции свесно одат да го изгубат спорот пред Агенцијата за слободен пристап, ама нема да ги дадат бараните информации.

– Попрво би платиле 200-300 евра глоба од Агенцијата за слободен пристап, отколку да дозволат пристап до бараните информации – претпоставува таа.

Инаку, откако се применуваат новите законски измени и дополнувања, Агенцијата нема изречено ниедна глоба за прекршување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Според Цветковска, решение на ваквото кршење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер од институциите лежи во нови измени и дополнувања на Законот, со кои ќе им се даде можност на Агенцијата, од името на жалителите, да ги гони кривично раководителите на институциите, кои ќе ги игнорираат укажувањата на Агенцијата дека треба да споделат информација од јавен карактер.

– Ниеден новинар кај нас нема време да губи во водење судски постапки. Ние треба да истражуваме и пишуваме, а не да се тужиме по судови за да добиеме информација. Освен тоа, за поднесување тужби треба да се платат судски такси. Кој новинар има пари да си дозволи таков луксуз – прашува Цветковска.

И ЗНМ не добива информации според слободен пристап

Во Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се свесни за проблемот со нетранспаретноста на институциите. Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, вели дека самиот факт што Агенцијата не функционираше речиси една година, доволно зборува за транспарентноста на јавните институции. Меѓутоа, досега ниту еден новинар не се пожалил во ЗНМ за потешкотии при добивање информации од институциите, но, според Секуловски, тоа не значи дека таков проблем и не постои. Тој ги повикува новинарите да ги пријават сите примери на непочитување на Законот за слободен пристап до информации за да се следи примената на законот и да се реагира до надлежните за да се подобри праксата.

Тој посочува примери кога самото Здружение наишло на молк на разни јавни институции да добијат информација од јавен карактер. Така, лани речиси половина од општините во Северна Македонија одбиле да дадат информација колку пари по разни основи потрошиле во медиумите. Секуловски спомнува и друг пример кога како Здружение не успеале да добијат информација од институција.

– Минатиот месец како канцеларија на ЗНМ се обративме до еден од скопските судии и баравме да добиеме копија од правосилна пресуда во која една од странките е новинар. Ни беше посочено дека поради фактот што дел од администрацијата е дома, не се во можност да ни одговорат и ни посочија да поднесеме барање според законот за слободен пристап, со цел да добијат време и да се обидат да ни ја обезбедат информацијата – објаснува Секуловски.

Според него, ЗНМ во иднина ќе посвети поголемо внимание на транспарентноста на институциите во услови на вонредна состојба и здравствена криза, бидејќи сакаат да исклучат можност некој да ја злоупотреби ситуацијата и да скрие информации од интерес на граѓаните.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...