Основното јавно обвинителство Штип донесе Наредба за спроведување истрага против двајца соизвршители на кривични дела – изнуда и предизвикување општа опасност.
Од Јавното обвинителство соопштија дека осомничените, во наследните неколку дена од старата година, испратиле повеќе заканувачки пораки кон трето лице, изнудувајќи му парични средства.
Соочен со сериозни закани кон сопствениот и животите на членовите на своето семејство, оштетениот ги пријавил осомничените, по што на 4 јануари била организирана средба за да им предаде 30.000 денари. Полициски службеници ги затекнале при обидот да ги преземат паричните средства и ги уапсиле.
„Во текот на претходната постапка, Основното јавно обвинителство Штип обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека истите лица на 16 декември, пред зграда на улицата ‘Сремски фронт’ во Штип намерно запалиле паркиран автомобил ‘Сеат леон’ сопственост на една оштетена. На тој начин со умисла предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето“, велат од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените, поради опасноста од бегство, можноста да влијаат врз сведоците или да ги повторат делата. Судот го прифатил предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена.