Скендербег е национален херој на Албанците, но и на сите народи кои сакаат мир на Балканот, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети по повод 550-годишнината од смртта на Ѓерѓ Кастриот – Скендербег, која беше одбележана денеска.

Ахмети, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министри, пратеници и функционери од ДУИ положија цвеќе пред споменикот на Скендербег во Скопје, откако претходно беше интонирана албанската химна.

– Скендербег останува централна личност за сите народи на Балканот кои го сакаат мирот. Денеска достоинствено можам да кажам дека и Охридскиот договор е во духот на Скендербег – рече Ахмети.

Прашан зошто нема претставници од другите партии на Албанците, но и на Македонците, Ахмети истакна „имало јавна покана за сите“.

Претходно во Големата купола на Собранието беше одржана свечена академија на која, покрај претседателот на Собранието, се обратија и директорот на Институтот на духовното и културното наследство на Албанците, Скендер Асани, директорот на Институтот за национална историја, Драги Ѓеорѓиев и професорот Владо Поповски, историчар и член на Одборот за одбележување на годишнината.

Џафери во своето обраќање истакна дека ликот и делото на Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег е тесно поврзано со сите кои денеска живеат во Република Македонија, односно со „вековните стремежи и борбата на албанскиот и македонскиот народ за слобода и самостојност“.

– Да не заборавиме дека големиот македонски поет Глигор Прличев има напишано поема на грчки јазик која се вика Скендербег. Скендербег наоѓа место и во зборниците на Кузман Шапкарев, како и во Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци. Односно, како што има речено големиот современ македонски поет, есеист, историчар и академик, Гане Тодоровски: „Скендербег е позитивен историски јунак во македонската историска меморија“ – рече Џафери.

Тој нагласи дека денес кога регионот и секоја поединечна држава се соочуваат со разни предизвици „токму споменот за Скендербег и неговото историско и цивилизациско наследство, треба да не обединува“, повторно цитирајќи го Гане Тодоровски, кој во своето експозе по повод 600 години од раѓањето на Скендербег, во МАНУ, рекол: „Големиот Скендербег, вечниот Скендербег, е божјото око кое бдее врз мирот на Балканот“.

По повод 550-годишнината денеска беше презентирана и поштенска марка со ликот на Скендербег.