Историски самит на ЕУ за иднината на Грција

-

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска има средба со судбината во Брисел. „Ден Д“ за Грција, договор или нова финансиска неизвесност и можен банкрот е дилемата со која Ципрас ќе се соочи вечерва на вонредниот самит на Европската унија.

Грчкиот премиер е веќе во белгиската престолнина, со доставени нови предлози и реформи до европските кредитори, кои ќе чекаат на нивно одобрување или одбивање до крајот на денот.

Идејата на грчката влада е денеска, конечно, да се завршат преговорите и Ципрас да се врати во Атина со зелено светло од ЕУ и со договор за нов финансиски пакет, кој ќе ја осигури финансиската стабилност на државата, но се очекува сѐ да биде неизвесно до самото завршување на вечерашната средба на лидерите на ЕУ.

Првите реакции на дел од европските лидери за новата листа грчки реформи се позитивни, но останува под знак прашалник како ќе се надминат недоразбирањата и несогласувањата околу грчките и европските црвени линии и дали ќе се најде начин да се постигне компромис без Грција да се соочи со можноста за банкрот и за напуштање на еврозоната.

Викендов Грција на барање на кредиторите достави нова подобрена листа на реформи, во кои има идеи за воведување вонредни даноци за компаниите и за индивидуалците со високи приходи, укинување на предвремените пензионирања, идеи за надминување на дупката од 900 милиони евра која постои во преговорите и кои, според Европската комисија, се добра основа за денешните преговори.

Преговорите ќе бидат на политичко ниво наместо на ниво на министри за финансии на ЕУ, токму онака како што владата на Ципрас и СИРИЗА посакуваа и се надеваа од самиот почеток. Останува да се види дали тоа ќе ѝ биде од корист на грчката страна, по сите овие месеци неуспешни преговори и удирање во ѕид поради непопустливоста од двете страни околу прашањата како зголемување на данокот на додадена вредност, справувањето со платите, пензиите и со бенефициите на семејствата што живеат на раб на сиромаштија, како и со приватизацијата на државни компании.

Ципрас, во суштина, ќе се најде на тест дали е можно да се придржува до европските барања, правила и принципи и да покаже волја за компромис и за во иднина и да ја раководи Грција по европски терк или, пак, планира да продолжи со бунтовничкиот став против ЕУ.

Наспроти тестот на европските партнери, стои и барањето на народот кој последниве денови излезе на неколку протести во знак на поддршка на владата и на нејзиниот став кон ЕУ и кој очекува Ципрас да не дозволи државата да се врати во рецесија и да прифати нови строги мерки за штедење, кои дополнително ќе го стегнат ременот на граѓаните.

Кусо пред почетокот на историскиот самит, кој се очекува да ја одлучи иднината на Грција, Ципрас ќе се сретне со првиот човек на Комисијата, Жан-Клод Јункер, шефицата на ММФ, Кристин Лагард, и со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск.

Паралелно со неговите средби, ќе има состанок на европската работна група што детално ги разгледува точките и реформите за Грција, како и состанок на Еврогрупата, на кој ќе учествува министерот за финансии, Јанис Варуфакис.

М.П.

Вртоглавица, замор и повраќање се симптоми на топлотен удар, ИЈЗ со препораки за работниците

Поради најава од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за очекувани повисоки максимални дневни температури од 24 до 27 јуни, Институтот за јавно здравје повикува на почитување на мерките на заштита на...

Го удирале со клоци и тупаници, а потоа со камен го удриле по главата – Истрага за насилство во Батинци

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица – татко и син, осомничени за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став...

Ученици со просек 5,00 денеска полагаа квалификациско тестирање во „Георги Димитров“ и во „Д-р Панче Караѓозов“

Ученици со просек 5,00 кои се пријавиле за упис во училиштата „Георги Димитров“ (гимназиско образование), „Д-р Панче Караѓозов“ (медицинска сестра и забен техничар на албански наставен јазик), како и во училиштето...

Врховниот лидер на Иран бара поголема помош од Русија која ќе ја искористи против САД

Врховниот лидер на Иран го испрати својот министер за надворешни работи во Москва за да побара од претседателот Владимир Путин поголема помош од Русија по најголемата воена акција на САД против...

Вртоглавица, замор и повраќање се симптоми на топлотен удар, ИЈЗ со препораки за работниците

Поради најава од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за очекувани повисоки максимални дневни температури од 24 до 27 јуни, Институтот за јавно здравје повикува на почитување на мерките на...