Историска победа над Италија забележа Фудбалската федерација на Северна Македонија, со што македонските фудбалери се чекор поблиску до пласман на Светското првенство во Катар.
Победничкиот и единствен гол на натпреварот го постигна Александар Трајковски во 92-та минута од мечот.
Селекторот Благоја Милевски и капитенот Стефан Ристовски беа поздравени со аплауз кога влегуваа во салата за прес-конференции по завршувањето на мечот.
“Ова се момци за кои вреди да се живее. Ова се момци со кои се гордеам. Сакам да останат такви какви што се, сакам да останат вечно вакви. Знаевме што сакавме, чекавме да ни се укаже можност. Тактиката не беше за два шута еден гол, но секако бевме подготвени да се изненади европскиот шампион и да го изненадиме со триумф за место во финалето“, изјави Милевски на прес-конференцијата.
Селекторот Роберто Манчини по натпреварот кажа дека ова му е најголемото разочарување во кариерата. Тој не сакаше да говори многу за неговата иднина, но рече дека му е многу жал за играчите.
Северна Македонија сега треба да го одигра вториот бараж против Португалија, која вечерва ја победи Турција со 3:1. Финалето треба да се одржи на 29 март во Порто.