fbpx

Историјата не се повторува, бидејќи Зеленски не е Хитлер

Ваквите споредби се дел од руската пропаганда која челниците на Русија упорно ја форсираат со цел да ја оправдаат својата воена агресија врз Украина

-

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират наративи дека Украина е нацистичка и фашистичка, дека таму се глорифицира нацизмот (неонацизмот), како и дека Зеленски е нацист. Ова се прави сè со цел да се оправда руската агресија врз оваа суверена земја којашто трае повеќе од една година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост на Фејсбук  во кој се прави споредба меѓу нацистичкиот лидер на Германија, Адолф Хитлер и претседателот на Украина, Володомир Зеленски, при што се нагласува дека „историјата се повторува“.

Постот споделува две фотографии. Една датира од 1933 година и на неа е прикажан Адолф Хитлер како го поздравува Алберто Васало ди Торегроса, апостолскиот нунциј во Баварија по повод Денот на германската уметност во Минхен.

Втората фотографија е од неодамнешната средба на Зеленски со папата Франциск.

Тврдењето дека историјата се повторува и повлекувањето паралела меѓу Зеленски и Хитлер е класичен спин и е во духот на руската пропаганда.

Теоретичарите на заговор и руските пропагандисти постојано се обидуваат да го претстават претседателот на Украина како неонацист или нацистички симпатизер, иако Зеленски е Евреин и тројца браќа на неговиот дедо загинале во Холокаустот.

Коментирајќи ги овие обвинувања, Зеленски во една прилика изјави дека Москва „го следи истиот концепт на Гебелс и тие ја користат истата методологија“ во обидот да ја оправдаат војната против Украина.

Не е првпат на социјалните мрежи да се шират наративи дека Украина е нацистичка и фашистичка, дека таму се глорифицира нацизмот (неонацизмот), како и дека Зеленски е нацист. Ова се прави сè со цел да се оправда руската агресија врз оваа суверена земја којашто трае повеќе од една година.

Вистиномер има пишувано на оваа тема, кога Зеленски манипулативно и неосновано беше споредуван со Хитлер, а се ширеше и фотографија на која тој наводно држи дрес на којшто има свастика. Проверувачите на факти на АФП покажаа дека фотографијата којашто е споделена е дигитално изменета и го покажува Зеленски фотомонтиран.

Се споделуваше и фотографија која делува како да е снимена после склучување на брак, а новите младоженци изгледаа како да симулираат нацистички поздрав додека во позадина се гледа знамето на Украина. Меѓутоа, проверката на факти покажа дека фотографијата на којашто гости на свадба симулираат нацистички поздрав не е направена во Украина, туку во Русија.

Наративот со неонацистите го почна на крајот на февруари 2022 година рускиот претседател Владимир Путин, кој кажа дека лидерството на Украина содржи неонацисти. Путин започнувајќи ја својата „специјална операција“ во Украина, меѓу другото ја оправда и со „денацификацијата“ на оваа земја.

Употребата на терминот „денацификација“ во конотација со Украина е сосема погрешно, оценува политикологот Андреас Умланд од Стокхолмскиот центар за источноевропски студии (SCEEUS). Тој посочува дека актуелниот претседател на Украина е Евреин кој победил еден неевреин кандидат на последните избори.

Умланд напоменува дека во Украина има десничарски екстремни сили, кои сепак се слаби во споредба со другите европски земји.

На последните избори екстремно десничарскиот Обединет фронт освои само 2,15 отсто од гласовите, посочува Умланд.

На удар на критиките се најде една воена единица со десничарска екстремна позадина, која беше активна на почетокот на конфликтот во Донбас. Но, таа група, според Умланд, е интегрирана во постоечките единици на Националната гарда. Десничарските екстремистички групи се минорна појава во Украина, заклучуваат експертите.

За потсетување, Украина го забрани промовирањето на нацизмот во 2015 година.

Оттука може да се каже дека нема никаква поврзаност меѓу Зеленски и Хитлер и тој во никој случај не може да се споредува со германскиот нацистички лидер. Ваквите споредби се дел од руската пропаганда која челниците на Русија упорно ја форсираат со цел да ја оправдаат својата воена агресија врз Украина. Според тоа, постот кој го анализираме го оценуваме како манипулација со која се злоупотребува контекстот во кој се настанати споделените фотографии, а со цел да се испрати погрешна и неточна порака.

 

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поројни дождови ќе има и деновиве, предупредува УХМР

Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека поради присуство на влажна и нестабилна воздушна маса, денеска и во следните денови повторно ќе има честа појава на пороен дожд и грмежи,...