fbpx

Историјата од „семоќното толкување“ на „Труд“ и рускиот одговор

-

Бугарскиот весник „Труд“ на својата веб-страница на 4 ноември објави колумна од Костадин Филипов, еден од најгрижливите скрибомани во бугарскиот медиумски простор кој речиси не остава да помине ден без да пишува за „македонското фалсификување на историјата“.

Во овој текст тој во фонот на самитот на НАТО коментира за политичката ситуација и расположението во Македонија, навраќајќи се и на автентичното толкување на помилувањата на Иванов, па настаните од 27 април 2017 година, a потоа преминува на сосема друга област – работата на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски прашања и проблемот со наводните „македонски фалсификувања на историјата“.

„Наместо да се фокусираат во земјата на правосудните реформи, целиот систем се тресе од обидот некој да ја врати во едни, божем надминати времиња“, вели текстот.

Тезата пласирана од авторот воопшто не отстапува од класичната бугарска догма речиси век и половина (колку што постои во разни форми државата Бугарија, односно дека Македонците се Бугари, а во периодот на македонската република во рамките на Југославија, но и потоа во самостојноста, се вршеле фалсификати за да се негира бугарската интерпретација на историјата и да се измислат Македонци како етност и македонски јазик и македонска култура.

Како оска на која се пласираат овие тези во текстот се користи Гоце Делчев. Авторот вели дека последната средба на Заедничката бугарско-македонска комисија не изненадува никого и „завршил еден нервозен, безрезултатен циклус кој почна во мај, кога на дневен ред дојде прашањето кој е Гоце Делчев“ и дека тоа прашање е темелниот камен во „националната конструкција на соседите и ако го извадил, целиот систем граден со децении, се урива“.

Но дали е така? Македонската историографија несомнено го има поставено Гоце Делчев како еден од првите меѓу корифеите на борбата за самостојна Македонија понастрана од другите пропаганди, но тоа не е единствениот елемент на македонската историска догма. Поткрепа за тезата македонските историчари кој се зафаќаат не само со 19. и 20. век, туку и порано, сепак не се фалсификати, како што тврди Бугарија. Во делата на врвните историчари од Македонија, голем дел од доказите се вадени од турските дефтери, од пишувањата на патеписците – најчесто странски разузнавачи и дипломати кои крстареле низ Отоманската империја минувајќи и на ова парче земја. Тука се и дипломатските депеши од 19. и 20. век кои руските и австроунгарските претставници ги испраќале до своите централи, кои говорат за автентична македонска самосвест.

Да не должиме многу, може да се погледнат трудовите на видни руски историчари, кои повикувајќи се на дипломатската кореспонденција од руските архиви за овој преломен период, зборуваат за јасна определба како Македонци кај дел од населението што не ги прифаќало српските, бугарските, грчките пропаганди.

Еден пример е трудот „МАКЕДОНСКАЯ СМУТА»: ВЗГЛЯД РУССКИХ КОНСУЛОВ“ (Македонското прашање -поглед на руските конзули) од О.Н. Исаиева.

Почнувајќи со објаснување на милетскиот систем во Отоманската империја и за учество на населението на денешната територија на Македонија во „Бугарскиот препород“, авторката, повикувајќи се на руските дипломатски архиви,  вели дека веќе во 60-тите години на 19. век, уште пред ослободувањето на Бугарија, „кај дел од македонската трговско-индустриска буржоазија и интелигенција се јавува засилен интерес за елементите на локалната народна култура (јазик, фолклор, минато), што доведува до пробудување на патриотски чувства и засилен стремеж да се зачува областната специфика. Уште во 60-тите години на 19. век некои од просветителите во Македонија почнале да создаваат учебници на основа на месните говори, а кај некои дејци, кои почнале да се нарекуваат „македонисти“ се раѓа идејата за создавање самостоен македонски јазик, т.е. уште во тој период, пред Големата источна криза, било забележано разбудување на национално самосознание кај дел од населението на Македонија (авторката мисли на територијата Македонија која не ја опфаќа само територијата на денешна Северна Македонија, туку и подрачјата во Бугарија, Грција и дел од Албанија – заб.авт).

Малку подолу, руската историчарка зборува дека ваквиот процес во децениите потоа дополнително се развива.

„Соперништвото на Бугарија, Грција и Србија, кои мечтаат за целосно или делумно преземање на Македонија, повлијаело на појавата на македонската национална идеологија, чија што основна содржина се сведува на нагласување на етничката самобитност на Македонците и нивното полагање право на сопствена територија. Најјасно таа заштитна доминанта се одразува во програмата на тајната револуционерна организација, создаден во 1893 година во Солун. Ориентирана кон постигнување на политичка и административна автономија во рамките на Османската империја, организацијата излегла со слоган „Македонија на Македонците“, пишува, меѓу другото, Исаиева.

Што се однесува, пак, до Гоце Делчев и авторот на текстот во „Труд“, бидејќи во Бугарија постојано неговите писма се предаваат не како факсимили, туку како текст во книги, а и не се објавени сите на едно место, ќе ја искористиме истата форма, за да видиме кој бил тој.

На пример, писмото до Ефрем Каранов од 17 октомври 1895. Гоце Делчев сепак не е само „Бугаринот Гоце Делчев“ од бугарската историографија не само од поново време, туку и од периодот кратко по неговата смрт, кога во Софија, каде било невозможно да бидеш издавач што може да печати нешто што се одвојува од официјалната државна догма, се објавуваат книги за него и негови „писма“, се разбира минати низ државната цензура или самоцензура на уплашени автори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...