Во новата учебна година, најисточниот дел од земјава ќе забележи неславен рекорд бидејќи на училиште ќе тргне најмалкубројната генерација првачиња во училиштата во Берово и во Делчево.

– Во учебната 2015/16 година се запишуваат деца родени во 2009 година. Во Делчево таа година се родени 176 деца, но дури 59 се иселиле. Така, во основното училиште „Ванчо Прке“ наместо 98 првачиња, ќе бидат запишани 23 помалку – вели директорот Сашко Ивановски.

Меѓутоа, според прогнозите, оваа бројка од 98 ученици во генерацијата најверојатно нема да се задржи до деветто одделение. Одделенските наставници велат дека намалувањето на бројот на учениците почнува во трето, петто и во шесто одделение. Делчево е една од општините каде младите прво заминуваат на сезонска работа од два-три месеци во Италија, а подоцна успеваат да најдат постојано вработување и заминуваат со децата. Само во текот на мај годинава, 2.000-3.000 млади луѓе од Источна Македонија заминаа на работа на лозовите плантажи во Италија.

И во Берово не е ништо поинаку. Во најголемото основно училиште „Дедо Иљо Малешевски“, годинашната генерација првачиња ќе брои 92 деца.

Од некогашните големи беровски села има по едно-две првачиња, како што е случајот со Владимирово и со Мачево, четири првачиња се запишани во Будинарци, пет во Ратево, шест во Смојмирово и осум во Двориште.

Ако се спореди генерациски, во основното училиште „Никола Петров Русински“, годинава основно образование завршуваат 31 полуматурант, додека запишани се само 12 ученици.