Истиномер: Математички егзибиции на српските власти со бројките за ковид-19

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести,што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите istinomer.rs направил опсежна анализа на изјавите од одговорните за справувањето со ситуацијата со ковид-19 во Србија, откривајќи многу празни зборови, нелогични изјави и тврдења што не соодветствуваат со реалната ситуација.

„За корона вирусот јавноста во Србија ќе ги добие сите податоци („нема да исчезнат“, како што вели министерот за здравје), но утре, за еден месец и кога сето ова ќе помине и кога ќе преживееме, или пак веднаш, „само да знаете, не се баш доверливи“, оти потфрлил ИТ секторот, а впрочем тестирањето повеќе не е ни важно, па со тоа и податоците за бројот на заболени.

Сето ова, парафразирано, се насоките што новинарите ги добиваа од членовите на Кризниот штаб кога сакаа да дознаат зошто информациите за бројките на тестирани и заболени што ги соопштуваат регионалните клинички центри или општините не се поклопуваат со оние што Кризниот штаб и Министерството за здравје ги објавуваат на прес-конференциите во 15 часот“, пишува istinomer.rs на почетокот на аналитичкиот текст.

Работите се одвиваат по исто сценарио – првин Кризниот штаб на граѓаните им соопштува колку луѓе се тестирани, колку се новите случаи, а неретко и се фали дека Србија тестира повеќе луѓе од нејзините соседи. Но проблемот е што тие бројки секој ден се сè потешко објасниви. А обидите за објаснување зошто кај не функционира една најобична база на податоци се како истресени од ракав, нагласува сервисот.

 

И лекарите се сомневаат во Кризниот штаб

Тоа, меѓу другите фактори, било и причина за отвореното писмо од неформалната група „Обединети против ковид“, составена од околу 350 лекари, упатено до Владата на Србија и останатите надлежни институции, во кое се оградуваат од републичкиот Кризен штаб и бараат негова смена, наведувајќи дека Србија се нашла во „јавно-здравствена катастрофа“. Лекарите што се потпишале на ова писмо покрај барањето да се формира нов Кризен штаб и да се истражат наводите за сокривање податоци, бараат „и да се застане на патот на застрашувањето и политизацијата, коишто го нарушуваат личното достоинство на здравствените работници.

Тие исто така бараат на јавноста да ѝ се објасни кој е надлежен за базата на податоци и порталот за Ковид-19 и да се организира постапка за точно утврдување на бројката заразени, заболени и починати од корона вирусот.

Istinomer.rs потсетува на изјавата што во понеделникот ја дал министерот за здравје Златибор Лончар, обидувајќи се да објасни зошто збирот на броевите што претходниот ден ги изнеле локалните штабови е речиси два пати поголем од официјалната вкупна бројка.

„Морам да обрнам внимание на тоа дека во тие бројки имате луѓе што дошле во стадиум во кој треба да се во болница, а дека истекло тоа време, па мораат да направат PCR тест. Имате и помал број луѓе што во еден ден три пати се тестираат, бидејќи се плашат дека ќе има некој застој и таков пациент во три лаборатории ќе се покаже како позитивен. Имате и луѓе што останале позитивни и не можете да ги сметате како нови. Ние ќе се занимаваме со пациентите што се во болница и им треба лекување, тие се нашиот приоритет и немојте да се грижите. Податоците не можат да исчезнат, само ќе бидат поажурни и подобри. Неопходно ни е единство. Сите податоци ќе ги имате, но е потребно време, има луѓе што се занимаваат само со тоа. Значи, разликата е во луѓето што се тестираат втор, трет пат, и луѓето што одат на повеќе места за да се тестираат“, рекол Лончар.

На истата конференција за медиуми, директорката на Институтот за јавно здравје на Србија „Др Милан Јовановиќ – Батут“, Верица Јовановиќ, рекле дека веб-сајтот COVID-19 „ е алатка од неизмерна важност, показател колку луѓе се под инфекција“.

„Во право сте кога велите дека со собирање на податоците доаѓаме до бројката што ја надминува онаа соопштена вчера. Меѓутоа, мора да знаете дека тоа се сумарни податоци што во еден ден, во еден момент, поради застојот што беше во претходниот период, едноставно се случил на територијата на еден округ. Ние сме среќни кога сите тие податоци благовремено се испорачуваат и кога секој во што пократок временски период може да добие резултат дали е позитивен или негативен, оти тоа ни претставува параметар и показател како да се однесуваме кон тоа лице. Мора да имате предвид дека не станува збор за податоци за еден ден, туку за податоци што пристигнале, некогаш тие се зголемени за оној процент на податоци и резултати од изминaтите денови. Тоа во следниот период ќе се корегира“, навела Јовановиќ.

Бидејќи одговорите не биле најјасни, новинарите на Н1 се обиделе објаснување да добијат од уште еден член на Кризниот штаб, Предраг Кон, кој истакнал дека негов извор на податоци е дневниот извештај на Градскиот завод за јавно здравје, кои се праќаат на Кризниот штаб и на Институтот „Батут“.

„Што се однесува до објавуваање на овие дневни податоци, тие црпат информации од сите прбрани податоци, претпоставувам дека тоа било од базата на податоци. Според тоа, таа разлика е неминовна и речиси секогаш ќе ја има. Овие сите податоци никогаш не се апсолутно точни, тоа мора да се разбере, можеби тоа не е едноставно, затоа и постои тоа доцнење на статистиките. Од друга страна, тоа не е никакво оправдување,но е објаснување. Мислам, да биде јасно. Јас ако зборувам за Белград и кажам дека сомнителни на ковид имало по 13 јули меѓу 750 и 850 во ковид-амбулантите во Белград, мислам, а пред тоа имало преку 900, јас ги црпам податоците од дневните извештаи и тие се неизоставно точни, а од друга страна ако кажам дека процентот на позитивност од некој сосема друг примерок што е исто така испратен во лабораторија е помеѓу 12 отсто и 56 отсто, тоа исто така е извор на податоци.

Меѓутоа, кога сите овие податоци ќе се слеат, тогаш би требало, нормално, да даваат резултати што би биле отприлика потполно еднакви. Но тоа сепак зависи како се внесува, како се подготвува таа база на податоци, зависи од низа работи што се врзани за информатичкиот дел на оваа работа што нема никаква врска со мрежата на институти и заводи, во овој случај“, вели Кон.

Објаснување за податоците се обидела да пружи и заменичката на директорот „Батут“, Дарија Кисиќ – Тепавчевиќ, истканувајќи дека покрај нивниот институт постојат уште 24, како и Домови на здравје и ковид-болница, што, нагласила таа, е повеќе од 200 установи што прават PCR тестови.

„Голем тим луѓе учествува во собирањето на овие податоци. Тие податоци се внесуваат, секој за своите пациенти, во базата. Тоа, поради обемот на работата, не се прави во истиот момент, тоа се прави до крајот на денот и тука е можно несложување… Сето тоа може да се објасни, но бара време да не се создаде слика дека тоа е една база каде еден човек може да каже, менува и зборува што сака. Оваа база е направена со цел да имаме надзор во секој момент. И таа не е идеална, за што на сите ни е жал, но е добра основа за понатамошна работа (прес-конференција на 21 јули).

 

Брнабиќ лута на новинарите

Неколку дена претходно и српската премиерка Ана Брнабиќ изјавила дека во ниту еден момент не се намерно сокривани статистички податоци за епидемијата. Таа за Радио-телевизија Војводина рекла дека во најголема можна мерка, податоците што официјално се објавуваат се „вистински податоци“.

„Земавме волонтери да седат во болниците и да прибираат податоци, ама немаме систем како во државната управа, што електронски влече податоци. Ние воведовме каков-таков систем којшто никогаш досега не постоел во Србија, го уведовме ад хок во текот на најголемата светска криза во последните 100 години“, истакнала Брнабиќ.

Таа потврдила дека постојат податоци што се наменети само за Владата на Србија, а не и за јавноста, но и додала дека не знае за што зборува редакцијата на БИРН, која објави податоци од, како што наведоа, информацискиот систем Covid19, а кои покажуваат дека бројката на заразени и умрени и е значително поголема од официјалната бројка (Бета, 15.97.2020).

И на прес-конференцијата на Кризниот штаб, премиерката на Србија нагласила дека „ако сакале нешто да скријат, не би правеле база на податоци“.

„Таа база на податоци никогаш не постоеше, ниту за една болест, ниту за една епидемија. Луѓето физички прибираат податоци. Да сакавме да криеме, би рекле ,Жико, ти јави ми оттука, Перо ти оттаму, ти запишувај“. Вие од БИРН, да имавте добра намера, чесна намера, ќе разговаравте со нас за тие податоци, декларативно сте се обидувале, во мојот кабинет немаме пишана трага дека се сте обидувале да ги контактирате“, навела Брнабиќ.

Таа дополнила и дека за новинарите базата првин не чинела, а „сега е Библија“.

„Јас сега ќе ви наведам 78 маани на базата. За секој човек има објаснување. Кога ќе ја завршиме работата со епидемијата, постои ревизија на податоци“, напоменала Брнабиќ и додала дека многу држави по завршувањето на првиот бран, по ревизиите ги зголемувале своите бројки, но никој не ги обвинил дека лажеле.

Сомневања во податоците што се изнесуваат првпат се појавија во текот на мај, а повеќе подоцна, пред изборите на 21 јуни, кога од ден на ден официјално се заразувале околу 90 луѓе, а умирал по еден човек, за веднаш по изборите тој број неколкукратно да се зголеми, тогаш БИРН пишуваше за необјаснивото неслагање на јавните податоци со оние од базата на „Батут“, потсетува istinomer.rs.

Премиерката на Србија, Брнабиќ, на 21 мај одговарајќи на прашање на новинари на БИРН како ќе го коментира тоа што од различни делови на Србија стасуваат неофицијални тврдења дека починале поголем број луѓе од официјално објавени бројки, нагласи дека станува збор за „сериозно обвинување“ тврдејќи дека официјалните лица „во ниту еден миг не криеле ниту еден податок“.

„Тие неофицијални приказни од различни краеви на Србија дека има поголем број починати од тоа што ние го пријавуваме е сериозно, сериозно обвинување. Ќе ви кажам и зошто. Затоа што ние во ниту еден момент не криевме ниту еден податок, не од кога е регистриран првиот случај, туку и пред тоа“, нагласила Брнабиќ.

Сепак, еден месец подоцна, истражување на БИРН покажа дека постојат официјални податоци за бројката на заболени од корона вирусот што се разликуваат од секојдневно презентираните пред јавноста, па затоа istinomer.rs изјавата на српската премиерка дека „ние во ниту еден момент не криевме ниту еден податок“ ја оценува како невистинита.

Скопјанец е осомничен за намерно предизвикување пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија...

Ученици поправале оцени во е-дневник, МОН бара сите родители и наставници да ги сменат лозинките

Упад во системот на електронскиот дневник, кој се случил викендов, беше причина надлежните во Министерството за образование и наука (МОН) да побараат сите корисници (околу 140.000 наставници, професори и родители) да...

Претставата „Види, летам!“ в четврток во чест на 30-годишнината на Претставништвото на УНХЦР во земјава

На Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје во четврток (5 декември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена претставата „Види, летам!“, во чест на 30-годишнината од отворањето...

Весна Дамева поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет, обвини за притисоци од власта

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и...

Скопјанец е осомничен за намерно предизвикување пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република...