Исти ветришта ги носат на Балканот дезинформациите за ковид и оние против ЕУ

Групите коишто порано ширеа ковид дезинформации, експресно се префрлија на проруските наративи, пишува Вистиномер во најновото истражување

Илустрација изработена во Канва

Слично како и на Балканот, така и во Германија, Франција, Шпанија, Швајцарија и Шведска, групите коишто порано ширеа ковид дезинформации, експресно се префрлија на проруските наративи. Дезинформациите за вакцините се штетни за обичните граѓани, но за оние што ги споделуваат веројатно се начин на кој гледаат на нештата, иако тоа гледиште е погрешно, а некогаш и бизарно. Дури и да не се мотивирани од лоши намери, овие фракции прават штета и се преплетуваат во едно мочуриште каде има по нешто за секого – и за оние што целат кон намалување на довербата во ЕУ и НАТО и за оние што ги отфрлаат современите придобивки на медицината под изговорот дека застапуваат „право на избор“, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

 

Kовид пандемијата во Северна Македонија, Србија и Босна и Херцеговина (БиХ) донесе наплив на дезинформации и теории на заговор во врска со ефикасноста на вакцините, кои целеа да ја нарушат довербата на граѓаните и да ги збунат. Вакцините беа примарна мета на дезинформации, дури и долго откако луѓето ги примија. Онаму каде дезинформациите не успеаја да ги поколебаат граѓаните да се вакцинираат, се користеа поинакви методи: неосновано се обвинуваа вакцините за бројни болести настанати наводно како последица на вакцинацијата. Сето ова беше завиено во обландата на теориите на заговор.

Но, кога на 24 февруари 2022 година Русија ја почна својата неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, дел од оние што дотогаш се занимаваа со дезинформации за пандемијата, се осврнаа на нова топ тема: ширење на анти ЕУ сентиментот во полза на Русија. Овие актери во С. Македонија некогаш доаѓаа од ентитети кои отворено се изразуваа позитивно за Русија и тоа во организирани политички форми, како на пример политичката партија Родина. Повеќе од две години откако Русија води војна во Украина и е предмет на рестрикции и осуда од Западот, Родина на својот сајт презентира паралелна реалност во која Путин има возвишена улога.

Родина Македонија упатува честитки до Владимир Путин за неговата инаугурација за претседател на Русија. Родина Македонија посебно ја цени улогата на Русија во создавањето на поправеден меѓународен поредок, каде народите ќе живеат слободно. Токму вашето лидерство во изминатите децении поттикна многу народи да се оттргнат од канџите на колонијалното ропство и да тргнат по патот на независностаобјави Родина на 7 мај годинава во својата честитка до Путин.

Партијата на сајтот соопшти и дека е отворено против НАТО и ЕУ:

Ние сме уверени дека вештачките воено-хушкачки творби ЕУ и НАТО кои ни се распаѓаат пред очи наскоро нема да постојат и нашата програмска цел е да ја подготвиме Македонија за надоаѓачката геостратешка реалност и единствена природна опција за следните најмалку сто години, а тоа е идејата на Шарл де Гол за Евроазија од Лисабон до Владивосток, како заедница на слободни и суверени народи.

Една од темите на кои ѝ придаваат особено внимание во Родина е и вакцинацијата. Така, кога се појави епидемијата на пертусис во државата, оттаму излегоа со реакција.

Ги повикуваме политичките партии, на кои им е полна устата со ЕУ, а во ЕУ вакцините се препорачани, да застанат во одбрана на основните човекови права меѓу кои и правото на информирана согласност при медицинска интервенција. Бог го создал овој свет совршен и човекот налик на него. А паднатиот сака на тоа да му додаде несовршена западна природа, пишува во една од реакциите на Родина по повод мерките на Министерството за здравство по прогласената епидемија од голема кашлица во Скопје, во градинките да се примаат само деца кои се целосно вакцинирани со Ди Те Пер вакцината.

ГОЏО, РОДИНА И „ОД НАС ЗА ВАС“

На 4 јули 2019 година, пак, во С. Македонија се формираше здружението на граѓани „Од нас за нас“. Претседателката на здружението е Гордана Гоџо, е дипломиран економист и е членка на претседателството на проруската партија Родина. И здружението на Гоџо и партијата делат неколку заеднички карактеристики: ширење антизападен наратив и сомнежи во вакцините зад превезот на правото на избор и демократските слободи.

Гоџо од својот личен профил на Фејсбук постојано ги напаѓа вакциналните програми во земјава, не само тие што се однесуваа на справување со коронавирусот, туку и тие што се однесуваат на задолжителната имунизација на децата. Таа честопати им излегува во пресрет на родители што имаат проблеми да ги запишат своите деца во градинка или во училиште поради тоа што одбивале да ги вакцинираат. Како? Преку грст изјави, правни акти за кои вели дека се на страната на „информираниот избор“ односно отпорот против вакцините. Дезинформациите за ковид што се ширеа од личниот профил на Гоџо, вклучуваа дури и дека „папаја и кока кола“ излегле позитивни на ПЦР тест за ковид.

 

„МАЈК ТАЈСОН“ 

Во Скопје во 2024 г. беше прогласена епидемија на голема кашлица што придонесе да се засилат двете полиња на интерес на едните исти Фејсбук профили: „против вакцините и ЕУ“ и „за Русија“. Какофонијата што произлегуваше од некои јавно споделени објави, потврди дека фактите не се важни, туку е важна бизарноста која произлегува од ваквите наративи. Не е реткост профилите што во текот на пандемијата со коронавирусот беа фокусирани на вакцинален скептицизам и ширење бесмислици, сега да се ориентираат на други конспирациски тематики поврзани со војната што Русија ја почна во Украина. И тоа – на страната на Путин. Така барем покажува навивањето во објавите.

Како поминува времето сѐ повеќе се уверуваме дека дигиталните војници биле во право. Ковид е измама, ова во Украина не е војна, туку чистење на сатанистичката змија. Главата ѝ е отсечена, а Путин го чисти тоа зло. Се повеќе луѓе ја споменуваат информацијата дека всушност се случува големо чистење. Ако некој биде уапсен на улиците од тие војски кои ќе и бркаат тие лопови, преваранти на владите кои го спроведоа планот за депопулација, вакцините… Тие сите се издадоа. Сите кои го спроведоа ковид планот за депопулација го покажаа своето лице, докторите, полицајците, командирите, го гушеа народот, даваа маски, вакцини, препорачуваа вакцини, сите спортисти кои ги форсираа ковид отровните вакцини за убивање луѓе, владите кои правеа незаконски локдаун, апсеа, осудуваа луѓе. Сите се издадени и сите се запишани. Одамна ја добив информацијата дека сите кои треба да се уапсат им се доставува барање сами да се предадат за 24 часа. Ако не се предадат сами, во текот на апсењето после 24 часа имаат право да го убијат ако бега.

Вака им се обрати на своите следбеници на Фејсбук главниот протагонист на Кју Анон во Македонија, кој се претставува под името Мајк Тајсон. Но, наспроти неговите тврдења, немаше никакви апсења на „длабоката држава”, исто како што немаше ниту ковид план за депопулација, а Путин почна неиспровоцирана воена инвазија врз Украина која уште трае.

 

СЗО, ГЕЈТС, ДЕПОПУЛАЦИЈА…ОМИЛЕНИ ТЕМИ ЗА ДЕЗИНФОРМАЦИИ

На слични профили се прогласува Путин како победник во војната што ја почна во Украина, додека Светската здравствена организација (СЗО), која е претставена како западна творба се обвинува за „тероризам“, зашто препорачува вакцини против разни болести. Ниту медицинските професионалци во државата кои се трудат да ја подигнат јавната свест за тоа зошто вакцинацијата е неопходна за да се искоренат вакцинопревентабилните болести, не куртулија од напади. Тие се клеветени дека се „убијци“ од страна на истите неидентификувани профили кои шират симпатии за Путин. Секако, од истите профили каде се шират дезинформации и сомнежи за вакцините кои спасуваат од болести, се кажува и дека „Македонија има алтернатива, а таа не е НАТО и ЕУ“. Челните политички фигури на ЕУ на овие заговорнички профили се сатанизираат, се демонизираат и се обвинуваат за сѐ и сешто.

Војната со информации која се одигрува во реално време покажува дека големи организирани онлајн групи кои претходно ги туркаа теориите на заговори за коронавирусот, сега ја претставуваат руската инвазија во Украина како да се одигрува меѓу „доброто момче Москва“ и „лошиот Киев и неговите западни поддржувачи“. Станува збор за тренд кој е нотиран во светските медиуми.

Крајно десничарски групи во Франција, Германија и САД, кои беа гласни противници на рестрикциите и мерките за време на ковид-19, се шампиони во ширењето дезинформации во кои се манипулира дека „НАТО ја поттикнал руската инвазија врз Украина“, пишува Политико.

Во земјава постојат профили на Фејсбук кои недвосмислено се изразуваат позитивно за Путин, иствремено обвинувајќи го Западот за почеток на воената инвазија во Украина.

Неизбежно е да се забележи и тоа што, кога овие профили ги шират лагите и антагонизмот против ЕУ и НАТО, тоа го прават со наведувачко претставување како да се своевидни „месии“, „оние коишто ќе го просветлат населението за скриената агенда“, многу често претставувајќи се како луѓе запознаени со „длабоко скриената вистина“ која „масовните медиуми ја кријат“. Иако, вистината е дека сериозните медиуми кои работат базирано на докази и извори на информации кои се кредибилни, се одлучуваат да не шират дезинформации, бидејќи тоа е спротивно на новинарските стандарди, а кои на социјалните мрежи во овие конспирациски објави изостануваат. Во таков случај се преоѓа кон демонизирање на некој кој изразува став дека антиваксерството не е случајно туку организирана појава.

 

„СЛОВЕНСКИ МЕДВЕД“

На целиот Балкан, во Србија, БиХ и во С. Македонија, постојат „заеднички множества“, односно бази од кои се излеваат дезинформациите насочени против Западот, а во полза на Русија. Како што открива босанскиот „Детектор“, таков е случајот со Телеграм каналот „Словенски медвед“.

За помалку од една година овој Телеграм канал привлече повеќе од 50 илјади следачи на објавите со илјадници видеа и десетици илјади фотографии за кои на Русија ѝ е важно граѓаните на Србија да ги знаат. Каналот е отворен во јануари 2023 година, една година по почетокот на руската воена инвазија врз Украина и сака да биде „глас на Русија во Србија“ и е еден од најбрзорастечките проруски Телеграм канали. Во една од неодамнешните објави за повеќе од 54 илјади свои следачи, преку каналот се собираа пари за војната во Украина, открива босански „Детектор“. За ова, колегата Владимир Ерцег од српската организација Црта, која работи на истражувања на теми поврзани  кон развојот на демократската култура и граѓанскиот активизам, ни сподели од каде извираат анти-ваксерските и анти-ЕУ наративите :

Патеките на манипулација се повеќедимензионални. Изворите се и поединци  — локални теоретичари на заговор и (често) проруски групи на Телеграм, како и популистички сајтови за дезинформации од САД. Но, за загадувањето на медиумскиот екосистем придонесуваат и институциите кои понекогаш шират манипулации заради интересите на партиите на власт, како и политичките актери кои опортунистички користат добро воспоставени пропагандни техники. За жал, особен проблем е фактот што експертите и академијата обично не реагираат јавно на ваквите наративи. Има и одредени страници и профили кои редовно објавуваат дезинформации кои потоа кружат низ регионот, но тие се само дел од проблемот“ сподели Ерцег.

Од овој канал на Телеграм се излеваат дезинформациите и на другите социјални мрежи.

И на македонското говорно подрачје „Вистиномер“ забележа дека видеоматеријали оригинално споделени на овој Телеграм канал се префрлаат на социјалната мрежа Фејсбук, претставувајќи ја Украина како „нацистичка“, што е еден од лајт мотивите на руската дезинформациска пропаганда.

Европската Унија, пак, уште во времето на ковид пандемијата, ги детектираше на својата веб-страница главните про-Кремљ дезинформации насочени кон вакцинацијата против ковид-19. Ова беше направено во 2020 година, а четири години подоцна, може да се види дека од оние профили на Фејсбук од каде се ширеа тие теории на заговор и антагонистички ставови спрема вакцинацијата, сега се шири поддршка за Русија.

Дезинформациите се преклопуваат на подрачјата на трите држави. Најголемите дезинформации кои се ширеа за вакцината во периодот на ковид пандемијата, а кои се наведени на сајтот на ЕУ (делегација на ЕУ во Азербејџан) беа: вакцините против ковид се експериментални и нетестирани, опасни несакани ефекти, вградување на чипови со вакцините во телата на вакцинираните, СЗО беше сатанизирана дека се обидува преку отровни вакцини да ја редуцира светската популација, дека тие што се вакцинирани имаат намален имунитет, дека преку вакцинацијата длабоката држава ќе изврши доминација, дека вакцините се неефикасни и не нудат заштита, туку се дел од измама предводена од Бил Гејтс... Сето тоа беше поткрепувано со наводи дека има „лек за ковид ама никој не сака да го имплементира поради тоа што е ефтин“.

Огромен дел од овие дезинформации, Вистиномер веќе има утврдено, а споменатата Гордана Гоџо ги сублимираше во само едно интервју. Целосната анализа на тоа интервју може да ја видите ТУКА. На Фејсбук профил потпишан како Илинка Гогова, во текот на ковид пандемијата се ширеа теориите на заговор дека Бил Гејтс сака да ја намали светската популација и тоа во корелација со вакцините. Кога заврши вакцинацијата, односно кога почна воената инвазија на Русија врз Украина, од профилот веднаш почнаа и анти-ЕУ наративите, приказните дека Европската Унија е разделена, неунисона во ставовите околу санкциите против Русија, итн.

Сите овие наративи често се испреплетуваат и се шират низ слична матрица. Наративите на антиваксерите – недоверба кон науката, институциите и официјалните податоци, најмногу се засноваат на критика на „модерното“ и вредностите на Западот, што за нив е декадентно и загрозувачко за семејството, природата и традиционалните вредности. Преку овие тези често се шират наративи против ЕУ/Запад и проруски. Треба да се напомене дека има и дел од населението кое, и покрај својата прозападна ориентација, своите анти-ваксерски ставови ги црпи од недовербата кон корпорациите, особено кон фармацевтската индустрија, што за време на пандемијата доведе до (можеби привремено) зајакнување на целиот тој блок, ни кажа Ерцег.

Анти ЕУ сентиментот се ширеше од овој профил, од каде што се исфрлаа критики кон демократските вредности на Унијата, правејќи обид да се претстави истата како тоталитарна. Уште на 12 декември 2022 година, од профилот се споделува навивањето во војната преку тврдења „дека Украина е на работ на колапс, целосно зависна од странска воена поддршка, а Руската армија е опремена со најсовремено оружје“. Отворено од овој профил се навива за Русија и неколку месеци од влезот во војната таа земја се прогласува за победник.

Проверувачите на факти од „Раскринкавање“, Босна и Херцеговина, откриваат дека вакциналните дезинформации за Бил Гејтс и целата теорија на заговор дека тој наводно ќе ги чипира луѓето и ќе изврши „масовна депопулација“ се споделувани во разни групи, откако потекнале првично од Телеграм канал.

Една од тие групи е „Антиглобалисти Србије“. „Вистиномер“ ја провери активноста на оваа група во 2024 година и најдовме објави во кои се тврди дека „војната во Украина почнала во моментот кога фирмата Шел во 2013 година добила можност за ископување на нафта во Азов“, а се споделуваат и поткасти со наслов „Србија стана колонија на Западот“.

Секако дека во содржините може да се најдат и такви поврзани со теоријата на заговор дека „нѐ запрашуваат од авиони“.

 

ЕПОХАЛНИТЕ ДЕЗИНФОРМАЦИИ ОД „ЕПОХА“

Еден широкораспространет извор на анти ЕУ наративот и наративот против вакцините, како и портал од кој на Балканот се споделува наратив за „безизлезноста и распаѓањето на ЕУ“, „теоријата на заговор дека длабоката држава сака да го контролира светот и да врши депопулација“, е хрватскиот портал Епоха. Со него се занимаваат проверувачите на факти во сите балкански држави. Овој сајт има карактеристична графика и привлечен визуелен приказ, пропратен со бомбастични наслови што треба „да си ја завршат работата“ и да збунат, исплашат и да го засилат анти ЕУ сентиментот и ЕУ скептицизмот. Примерите се бројни. Во Епоха излезе една од најголемите шокирачки и вознемирувачки дезинформации дека „вакцините предизвикуваат турбокарцином“ и беше споделена на македонското подрачје на социјалната мрежа Фејсбук. Од овој сајт се споделуваа дезинформации дека „Германија им забранува на своите граѓани да се греат на дрва“, но и дека „жените што сакат да имаат дете, треба да бараат невакцинирани мажи“. Eпоха случајно или не, во поново време го претставува Западот како „крадец на рускиот имот и пари“ и споделува објави во кои се презентира наводната руска моќ и доминација.

Босанскиот сервис за проверка на факти Раскринкавање има разработено бројни анти-ЕУ наративи кои доаѓаат од „Епоха“. Така во еден случај, се наведува и небулозата дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рекла дека „ќе се спроведе вакцинација против погрешни мисли“. Она што претседателката на ЕК во своето обраќање со кое се манипулира во текстот на Епоха, го зборува, е токму борбата против манипулациите. Инаку таа како и други функционери од ЕУ е честа мета на наративи за поткопување на нејзиниот личен интегритет но и интегритетот на Унијата. Во обраќањето таа изразува особена загриженост поради растот на странските манипулации за европското општество, демократијата и изборите. Таа во говорот нагласува дека доколку повторно биде избрана за претседателка на Европската Комисија, ќе почне проект насловен „Европски демократски штит“. Проектот според Фон дер Лајен е еден од клучните приоритети на следниот мандат, додавајќи дека треба да претставува амбициозен европски проект фокусиран на најголемите закани од странски манипулации.

И повеќе од евидентно е дека сајтот Епоха допира до читателите во Србија, Босна и Херцеговина и во С. Македонија. Владимир Ерцег од Црта, за ова коментира:

Дезинформациите од сајтови како Епоха се шират брзо и лесно во регионот заради јазикот, сличностите во функционирањето на медиумите и пазарите во регионот, но и поради блиските односи меѓу инфлуенсерите, деловните и политичките елити од регионот. Нашето искуство покажува дека многу често исти или слични манипулации се вирални во регионот.

Во оваа насока, ќе издвоиме пример од Епоха кој директно се обидува да ја претстави Украина како држава која е на работ на пропаста, преку злоупотреба на најранливите. Станува збор за текст кој оригинално е објавен од Епоха со наслов „Очајната Украина повикува лица со Даунов синдром на првата борбена линија“. Истата дезинформација е присутна и во Северна. Македонија, но каналот преку кој доаѓа е од Телеграм.

Во согласност со стратешките цели на Кремљ, да се претстави претседателот на Украина како очаен, поразен и без морален кредибилитет, во текстот на Епоха пренесен во трите балкански држави пишува дека Украина наводно ги повикува лицата со Даунов синдром на првата борбена линија поради тоа што Зеленски повеќе нема воено способни нови војници за исцрпувачката војна со Русија. Се работи за невистина. Лицата со хромозомски пореметувања, со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром не можат да служат војска според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Зеленски на 16 април 2024 година го потпиша Законот за мобилизација со кој се очекува да се реши проблемот со недостигот на војници во Украина. Класично за руската пропаганда и нејзините инсталации е да се земе еден факт и да се меша вистината со многу дезинформации, за јавноста да биде збунета и парцијално дезориентирана во обидот да дојде до реалната слика.

Личните напади кон претседателот на Украина, Володимир Зеленски во обид да се нагласи наративот кој карактеристично се користи против него, а е лажен, се засилија во трите балкански држави. Впрочем, пропагандната идеја беше да се претстави Зеленски како човек кој е љубител на парите и кој наводно ја злоупотребува странската воена помош од западните држави и од САД за свое лично богатење и луксуз.

Фото: колаж од рецензирани дезинформации за Зеленски

Ова му оди во прилог на Кремљ, зашто така Украина се дискредитира на меѓународно поле, пред државите чија поддршка особено ѝ е потребна за да продолжи да се брани од руската воена инвазија. На целиот Балкан се шират рафални дезинформации дека Зеленски и неговата сопруга се фрлиле во шопинг на луксузни добра, како казина, автомобили Бугати, итн, но ништо од тоа не е вистина и секогаш во прашање се фалсификувани документи за кои невистинито се тврди дека прикажуваат „фискални сметки“ или „договори за купопродажба“. Не е потребен преголем труд да се види дека една иста дезинформација, во речиси исто време се појавува и во Србија и во Северна Македонија и во Босна и Херцеговина, на пример дезинформацијата дека „сопругата на Зеленски купила Бугати“. Во Србија и Босна и Херцеговина извор на оваа дезинформација е Спутник, медиум контролиран од Кремљ. За жал, во Македонија два медиума кои се сериозни, ја пренесоа дезинформацијата.

Војната со информации во Европската Унија се одигрува во реално време, исто како и во САД и станува збор за добро организирани големи онлајн заедници кои претходно промовираа дезинформации за ковид пандемијата, а сега ја врамуваат руската воена инвазија како нешто што се случува помеѓу добрата Москва и лошото момче Киев и западните сојузници, кои сега се дефинираат и како „угнетувачи на новиот светски поредок“. Ова за Политико го тврдат експерти за дезинформации и различни групи за проверка на факти.

 

ИСТИТЕ ДЕЗИНФОРМАЦИСКИ ТРЕНДОВИ СЕ И НА БАЛКАНОТ И ВО ЕВРОПА

Групи каде се шират теории на заговор за ковид на Фејсбук, од кои некои имаат десетици илјади членови, го обвинуваат Западот, а не Русија за предизвикување на војната. Телеграм канали кои во минатото „бруеја“ против таканаречената длабока држава, сега објавуваат фотографии од мртви Украинци загинати од руски напади и тврдат дека фотографиите се лажни. Сајтови кои се поврзани со Кју Анон теоријата на заговор сугерираат дека Русија ја нападна Украина за да ги истреби предаторите кои напаѓаат деца, централна мантра на целиот склоп на една теорија на заговор.

Засилувањето на про-Кремљ наративите за војната, во реалноста не е заради Русија, туку заради продолжителниот скептицизам што овие групи го имаат кон своите сопствени влади. Светското внимание е насочено кон руската инвазија. И затоа е природно дека Украина ќе стане централна точка за ширење теории на заговор од страна на овие групивели за Политико Грахам Бруки, директор на Форензичката истражувачка лабораторија на Атлантски Совет, организација што ги следи онлајн дезинформациите.

Слично како и на Балканот, така и во Германија, Франција, Шпанија, Швајцарија и Шведска, групите коишто порано ширеа ковид дезинформации, експресно се префрлија на проруските наративи.

Сите овие нови онлајн актери станаа влијателни за време на пандемијата, па се префрлија на проруска позиција. Тие секогаш се фокусираат на голема теорија на заговор којашто е насочена од елитите кон обичните луѓе. Луѓето страдаат во Украина. И теоретичарите на заговори не би го негирале тоа. Но едноставно би кажале дека тоа е „дел од поголемата нехумана конспирација што се случува“вели Јан Ратје, соосновач на Це МАС за Политико.

Дезинформациите за вакцините се штетни за обичните граѓани, но за оние што ги споделуваат неретко се начин на кој гледаат на нештата, иако тоа гледиште е погрешно, а некогаш и бизарно. Дури и да не се мотивирани од лоши намери, овие фракции прават штета и се преплетуваат во едно мочуриште каде има по нешто за секого  – и за оние што целат кон намалување на довербата во ЕУ и НАТО и за оние што`ги отфрлаат современите придобивки на медицината под изговорот дека застапуваат „право на избор“.

Пишува: Мирослава Симоновска

hubmk