Денеска е последен ден за поднесување апликации во рамки на првото пријавување од јунскиот рок за упис во средно образование во учебната 2025/2026 година.
Апликации можат да се поднесуваат до крајот на денот. Второто пријавување е на 30 јуни, додека конечните ранг лист по двете пријавувања, училиштата ќе ги објават на 2 јули.
„Потсетуваме дека пријавувањето е електронски и се спроведува преку порталот e- uslugi.mon.gov.mk, каде учениците се најавуваат со сопствените кориснички сметки на schools.mk. Не постојат никакви предизвици во работата на платформата, на која досега се поднесени 13.200 апликации, односно поголемиот дел од полуматурантите веќе се пријавени за продолжување на образованието“, наведено е во соопштението на Министерството за образование и наука (МОН).
Mета вчера објави дека за упис во средно, сите оценки треба да се внесат рачно на schools.mk, па потоа да се прикачат свидетелствата во електронска верзија, а на крај да се однесат на увид во училиштата на 18 јуни.
Ова е четврта година по ред уписите во средно образование во Македонија да организираат електронски.
Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ја објавува на 20 јуни 2025 година, најдоцна до 12 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница. Ако во некое училиште има пријавено поголем број ученици со одличен успех, а нема доволно слободни места за дас бидст примени сите, ќе се организира квалификациско тестирање на 23 јуни. Конечните ранг листи со резултатите ќе се објават истиот ден, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница.