Испорачани дел од новите печатени учебници за основно образование

Фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Испораката на учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение кои беа направени согласно новата Концепција за основно образование, се одвива согласно утврдената динамика, информира Министерството за образование и наука (МОН). Веќе е завршена испораката на учебниците по првиот договор за печатење, што ги опфаќа учебниците за четврто одделение по македонски јазик и по математика на македонски наставен јазик и учебниците по турски јазик за четврто и петто одделение на турски наставен јазик.

Од МОН додаваат дека испораката на учебниците по вториот и третиот договор ќе се одвива во текот на оваа работна недела, а станува збор за 18 учебници на македонски, турски, албански и српски наставен јазик. По ова, ќе почне испораката на учебниците по четвртиот договор, при што треба да бидат испорачани учебници по албански јазик, математика, природни науки и историја и општество, сите на албански јазик.

Од МОН информираат дека новите учебници се достапни и на интернет-страницата на Министерството – „е-учебници“ и апелираат до родителите да не прават беспотребни трошоци за копирање, бидејќи печатените учебници ќе бидат достапни за секој ученик бесплатно.

Испораката на новите учебници за основно образование започна на 17 ноември. Досега, во првото тримесечје учениците користеа наставни материјали. По печатењето и испораката на учебниците за основното образование, предвидено е печатење на повеќе нови учебници за средното стручно образование.