Триесетте организации од #ЗеленФронт #ЗеленаРеволуција денес објавија дека го поздравуваат чекорот на Владата за прифаќање на седумте првични барања кои беа доставени по протестот наречен Марш за чист воздух, одржан на 29 ноември во Скопје, како предуслов да почнат преговорите со извршната власт околу ургентните мерки за заштита на животната средина кои беа побарани со објавувањето на т.н. „Зелена книга“. Сепак, потсетуваат граѓанските здруженија, тие на средба со Владата ќе појдат само доколку тие првични барања бидат во целост исполнети, а не само прифатени.

„На тој начин ќе се покаже вистинска воља за почеток на решавањето на овој проблем. Будно ќе ја следиме реализацијата на барањата, и очекуваме нивно целосно исполнување во најбрз можен рок“, велат од „Зелената Револуција“.

Претходно, Владата објави дека ги прифаќа сите седум барања на екологистите, меѓу кои беше донесувањето на ДУП за Вардариште, отворањето на истраги за ОХИС и за палењето кабли во Скопје, измени на Законот за животна средина, на стопирање на намалувањето на казните за сторителите на прекршоци од областа на животната средина, впишувањето на Охридското езеро и на Студенчишкото блато во Рамсарската Конвенција, како и одземањето на концесиите на рудниците за бакар и злато во Иловица и Плавица.