Фото: Арбнора Мемети

Професионалните војници кои наполниле 45 години и веќе не можат да служат во АРМ ќе можат да станат пожарникари, најави државниот секретар на Министерството за одбрана Драган Николиќ. Тој објасни дека од денеска 16 поранешни војници минале во територијалните противпожарни бригади во Скопје, Кичево и Валандово.

– Од денеска отвораме нова можност, трансфер во противпожарната дејност во Републиката. Имено, 16 професионални војници својата кариера ја продолжуваат во територијалните противпожарни единици на работни места пожарникари-спасители. Со оваа опција го зајакнуваме составот на територијалните противпожарни единици во Републиката со високопрофесионален подготвен кадар а од друга страна им обезбедуваме продолжување на работен ангажман на нашите колеги до остварување на услови за пензија, со што нивното егзистенцијално прашање е затворено – рече Николиќ.

Министерството за одбрана има законска обврска да им најде државно вработување на професионалните војници кои ќе навршат 45 години старост, што е старосна граница за војници во АРМ. Министерката Радмила Шекеринска Јанковска најави дека со законски измени ќе се воведе и можност за отпремнина во висина од 1.000 евра за година стаж, а измената е во собраниска процедура.

Николиќ информираше дека течат трансферите на поранешни војници во други државни институции.

– Во моментов се преземаат во Управата за извршување на санкции како затворски надзорници во затворите во Идризово, Штип, Куманово и Велес, а во тек е административна постапка за преземање на војници како судски полицајци во судовите во земјава – рече тој.

Николиќ објасни дека ова е продолжување на трансферот почнат лани, со кој стотина војници веќе преминале во други државни органи.

Со годишниот план на Министерството за одбрана за 2021 за преземање и прераспределување на поранешните професионални војници со наполнети 45 години, дел остануваат и како цивилни лица на служба во Армијата.

Николиќ рече дека се разговара и со други институции за можен трансфер на војници.