Борците на терористичката организација Исламска држава киднапирале 295 поранешни припадници на ирачките безбедносни сили и присилиле околу 1.500 семејства да се повлечат со нив од ирачкиот град Хамам Ал Алил, информираат од Обединети нации. Киднапирањето се случило минатата седмица откако ирачките државни безбедносни сили, курдските борци и шиитската милиција, поддржани од американските воздушни сили, извршија напад врз Мосул за да го ослободат од Исламска држава.

– Киднапираните лица се присилно иселени, а веројатно е дел од нив понатаму да бидат искористени како жив штит, а дел да бидат убиени, зависно од нивната припадност – изјави портпаролката на комесарот за човекови права на ОН, Равина Шамдасани.

Според информациите на Шамдасани, околу 100 поранешни ирачки офицери се киднапирани околу полноќ на 3 ноември, на дваесетина километри западно од Мосул, а 195 се киднапирани од 1 до 4 ноември од селата во провинцијата Тал Афар. Киднапираните семејства, пак, биле однесени на аеродромот во Мосул. Портпаролката Шамдасани изјави дека судбината на киднапираните е неизвесна.

ОН имаат информации дека на 2 и 3 ноември најмалку 30 шеици биле, исто така, киднапирани и однесени на непозната локација, а се претпоставува дека 18 од нив се веќе убиени, изјави портпаролката Шамдасани.