Властите во Босна и Херцеговина под засилени мерки за безбедност ги ставија амбасадите и резиденциите на Јапонија и на Саудиска Арабија, кои се најдоа под директна закана од напади од членови на џихадистичката група Исламска држава, информира весникот „Независне новине“.

Информацијата на весникот е потврдена од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи на БИХ и од јапонската амбасада.

– Точно е дека добивме барање за засилување на безбедносните мерки на резиденциите и на амбасадите на Јапонија и на Саудиска Арабија по информациите за можни напади од Исламска држава врз дипломатските мисии на овие држави во Босна и Херцеговина. Вербалните ноти беа испратени преку Министерството за надворешни работи – изјави Мирсад Вилиќ, директор на дирекцијата за координација на полициските органи во земјата.

Дека заканата не е безопасна, се потврдува и со фактот дека дипломатските претставништва на овие држави се означени како цели за напади во електронскиот весник „Дабик“ (Dabiq) на Исламска држава, преку кој терористичката организација ја шири својата пропаганда и собира нови членови.

Шефот на јапонската дипломатијата, Фумио Кишида, за западните медиуми изјави дека неговото министерство веќе ги испратило инструкциите до јапонските дипломатски мисии во Босна и Херцеговина, Малезија и во Индонезија, кои се посочени како можни цели за напади од страна на Исламска држава.