Исходот од германските избори и надворешната политика, ЕУ и проширувањето

Photo by Christian Wiediger on Unsplash

Исходот на германските избори е веќе јасен. Германските социјалдемократи (СПД) слават тесна, но значајна победа со 25,7% од гласовите. Историски најниски 24,1% доби ЦДУ/ЦСУ. Многу гласови се одлеаја од двете главни партии, главно кон Зелените (14,9%) и Либералите (11,5%), додека Левицата (4,9%,) и националистите (АфД) – 10,2% имаат пoслаб резултат од претходните избори имаат. Ваквиот исход на изборите води до различни опции за формирање на, неопходно, коалициона влада, за која најверојатните опции се меѓу првите четири партии.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Надворешната политика, очекувано не беше централна тема во германските парламентарни избори. Меѓутоа најжешките прашања на кампањата се поврзани со клучните прашања на политиките на ЕУ – економскиот развој, дигитализцијата, климатските промени. Разликите за актуелното прашање на климатските промени беа главно во целната година кога Германија би станала климатски неутрална. Додека Зелените се најамбициозни со 2030 година, ЦДУ/ЦСУ и СПД ја поставуваат 2045 како цел, додела либералите остануваат на преземената обврска – 2050. Големи се разликите во предлозите за буџетот и даночната политика – на домашен план, но и во рамки на ЕУ. Додека Зелените и Левицата би сакале новиот инструмент за обнова и отпорност на ЕУ да стане постојан, ЦДУ/ЦСУ и либералите се против, додека СДП би сакале да се искористи за фискална унија. Прашањето на миграцијата е актуелно, но не така изострено како порано, со релативно блиски ставови на партиите во континуитет на постојната политика – секако, освен АфД.

Според анализата на Европскиот совет за надворешни односи, сите партии се прилично блиски во позициите кон надворешната политика, со исклучок на крајната левица и крјната десница (Левица и АфД). ЦДУ/ЦСУ, СПД, Зелените и Либералите се за постојано место на ЕУ во Советот за безбедност на ОН, при што Зелените не се експлицитни, но се за укинување на ветото во овој орган. Имаат позитивни ставови за трансатлантските односи и односите со САД. Блиски се и во ставовите кон Русија, со осуда за анексијата на Крим и поддршка на санкциите, но и со внимателен пристап кон одржување и развој на односите. Додека сите ја истакнуваат Кина како глобален конкурент, истовремено бараат дијалог. Традиционално контрадикторното прашање во германското општество за улогата на германската армија се чини не ги дели четирите партии во поглед на потребата од нејзино јакнење, но различни се ставовите за определбата на НАТО за 2% од БДП за трошоци за одбрана – додека ЦДУ/ЦСУ и либералите се „за“, СПД не се експлицитни, а Зелените се против. Во поглед на стационирањето нуклеарно оружје и набавка на нуклеарни дронови, само ЦДУ/ЦСУ се изрично „за“, додека останатите немаат изграден став или бараат дополнителна расправа за прашањето.

Лондонската школа за економија подетално ги анализира ставовите на германските партии кон ЕУ. Двете најголеми партии ЦДУ/ЦСУ и СПД во нивните програми силно ја поддржуваат ЕУ, но без попрецизна визија за нејзината иднина. Либералите и Зелените се силно за евроинтеграција, со федералистичка визија. Левите, иако ја поддржуваат ЕУ, се против либералниот пристап и инвестициите во одбрана и се залагаат за повеќе јавни инвестиции, додека националистите се изразито против ЕУ. ЦДУ/ЦСУ, СПД, Зелените и Либералите се за европска одбранбена унија и за донесување одлуки за надворешната политика со мнозинство. Сите главни партии се за институционални реформи во ЕУ. Сите се за зголемена улога на Европскиот парламент, но додека ЦДУ/ЦСУ, Зелените и либералите ја поддржуваат процедурата на „главен кандидат“ за Европската комисија, само Зелените и либералите се изрично за транснационални листи.

Иако заштитата на демократските вредности во ЕУ и надвор од ЕУ е една од централните точки на четирите главни партии, еден од најголемите предизвици на новата германска влада ќе биде токму заштитата во практиката на демократските вредности во ЕУ и нивната промоција во странство. Компромисите поради транснационалните партиски алијанси внатре во ЕУ или миграциската политика можат значително да ги компромитираат принципиелните ставови и да бидат основа за разлики меѓу партиите.

Конечно – ставовите на партиите кон проширувањето. Програмата на СПД содржи само општа определба: „ќе ги интегрираме државите од Западен Балкан“. Програмата на ЦДУ/ЦСУ во заглавието насловено „Продлабочување пред проширување“, се залага за „интензивирање на односите со Западен Балкан“, ставајќи ги во контекст на стабилноста. Понатаму се нагласува дека со проширувањето не смее да биде загрозена внатрешната кохезија на Унијата и дека кандидатите мора да ги исполнат сите услови. Програмата на Зелените е најконкретна и најизрична во поглед кон проширувањето кон Западен Балкан, но и со јасна заложба за почитување на демократските вредности како услов. Оваа партија јасно се залага за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Програмата на Либералите не се осврнува на Западен Балкан, но е изрично за прекинување на пристапните преговори со Турција. Секако, покрај пограмските определби значајно ќе биде како идната германска влада во практиката ќе се артикулира прашањето на проширувањето кон Западен Балкан.