Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на регионалната конференција на тема демографски промени порача дека фокусот треба да се насочи од проблемите кон долгорочни и заеднички решенија.
Тој истакна дека целта е дебатата да се насочи од загриженост за демографските трендови кон градење отпорност преку политики базирани на податоци и вредности кои ги ставаат граѓаните во центарот и придонесуваат за поинклузивни и посилни општества.
„Концептот на демографската отпорност станува сè поважен во регионот. Истата значи способност општествата да ја препознаат и да се прилагодат преку политики што ги ставаат луѓето и нивните права во ценатарот“, рече Лимани.
Тој додаде дека во дел од земјите населението е намалено за околу една третина од 90-тите години што веќе се одразува врз пазарот на труд, пензиските и здравствените системи, како и економската конкурентност, а иселувањето како што кажа тој, особено на младите, претставува еден од најзначајните демографски предизвици.
„Посветени сме на поддршката на семејствата, унапредување на заштита на децата, развој на социјалните услови и создавање еднакви можности за сите. Иселувањето, особено на младите е клучен демографски прездивик за сите. Миграциските и повратните политики се важен дел од стратегијата за демографска отпорност“, рече Лимани.
Според него, „Стратегијата за демографски развој и отпорност“ предвидува „мултисекторски пристап кон иднината, со фокус на инвестиции во човечкиот капитал, зајакнување на семејствата и младите и социјална инклузија“ а значајна улога во градењето долгорочна демографска отпорност ќе имала и дијаспората.
