Коритото на Мала река, кочанско | Фото: Весна Коловска

До доцна во понеделникот советниците на Општината Кочани разговараа за Информацијата за текот на активностите за изградба на мини хидроцентрала на Мала Река, за на крај да ја отфрлат и дадат поддршка на двете граѓански иницијативи, кои се противат на овој проект.

Општината поднесе извештај за досегашниот обид да издејствува прекин од државните институции на сите активности со изградбата на мини хидроцентралата. Меѓутоа, како што беше кажано на седницата, исцрпени се сите можности, додека министерствата, државните агенции и други органи соопштиле дека нема пречка објектот за се гради. Единствена институција, која искажала противење на проектот е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Со тоа, Општината Кочани е пред последната фаза на издавање на градежна дозвола, како последна пречка пред почеток на проектот. Советникот Сашко Стефановски, кој е еден од поддржувачите на граѓанските иницијативи против изградбата на хидроцентралата, вели дека фактот дека по трет пат во Советот долго се расправа за истата тема, е доказ за разбирање на граѓанските потреби.

„И покрај тоа што не ја усвоивме Информацијата, Општината на крај, ќе мора да ја издаде градежната дозвола. Сега на потег се граѓаните, кои најавуваат протести и со присуство на терен, нема на дозволат изградба на мини хидроцентралата. Протестите пред Пејпар Мил покажаа дека кога се работи за здравјето, кочанчани знаат да бидат обединети и да постигнат резултат“, изјави Стефановски.

Советниците во своите дискусии истакнаа дека се свесни за незадоволството на граѓаните, кои се загрижени за деградација на теренот околу Брана Гратче, во чија близина е планирана мини хидроцентралата.

„Граѓаните знаат дека енергетските бенефити се минимални, а еколошката катастрофа е голема и несразмерна со тоа што ќе го претрпи природата“, кажа на говорницата советничката Гордана Арсова.

Во меѓувреме, Јавното обвинителство од Кочани побарало дополнителни документи од Општината. Неодамна во име на граѓаните адвокат од Кочани побара од Обвинителството да го разгледа издавањето на документите за мини хидроцентралата. Главниот аргумент на граѓаните, освен штетите по природата е немањето доказ за одржана јавна расправа, како основа за издавање на дозвола за проектот.