Јавното претпријатие за државни патишта го исчисти сиот отпад фрлен долж скопската обиколница. Со средства од буџетот на ова претпријатие е реализирано косење на тревата и плевелот, кастрење на гранките и грмушките, како и сечење на дрвја во патниот појас, информираат од ЈП за државни патишта.

Количеството на собраното ѓубре од скопската обиколница говори дека постојат многу несовесни граѓани што фрлаат смет каде што ќе стигнат. За решавање на овој проблем, Јавното претпријатие за државни патишта годинава склучи два договора за надминување на ваквите проблеми.

Компанијата „ЕКО КЛУБ“ од Битола, во период од две години, е ангажирана за косење на трева, плевел и грмушки, кастрење на гранки и нивно сечење во рамките на патниот појас, како и за чистење и собирање на сметот. За одржување на патиштата со овој договор се издвоени 70,8 милиони денари.

За период од две години, летово беше склучен и договор за чистење на канавки, риголи, пропусти, берми и кресање на банкини. За овој сегмент од одржувањето на македонските патишта се издвоени дополнителни 70,8 милиони денари од буџетот на ЈП за државни патишта.