Исчезнатата Инстаграм авантуристка Габи Петито е пронајдена мртва

фото: Инстаграм

Приказната за исчезнатата авантуристка Габи Петито, која моментите од своите патувања ги споделува на социјалната мрежа Инстаграм, продолжува да ја бранува јавноста во САД.

22-годишната американка од Флорида, заедно со нејзиниот свршеник Лондри, кој има 23 години, во текот на летото заминале на патување низ американскиот запад со бело комбе, пишува „Си-ен-ен“. Лондри во својот дом на Флорида се вратил на 1 септември со возилото со кое заминале на пат, но без неговата свршеница. Нејзиното семејство ја пријавило за исчезната дури на 11 септември.

Потрагата која започна оттогаш, својот крај го доживеа во неделата, кога човечки остатоци кои одговарале на описот на Петито биле пронајдени во една област за кампување во Вајоминг, која е дел од националниот парк Гранд Тетон и каде порано се претпоставувало дека може да се наоѓа младата Петито. Полицијата од Флорида потврди дека станува збор на Инстаграм авантуристката.

Обдукцијата не телото е закажана за денес, кога треба да биде потврден идентитетот на Габи Петито.

Како што пишува „Си-ен-ен“, главен осомничен за нејзиното убиство во моментов е нејзиниот свршеник Лондри, кој исчезнал три дена откако случајот на Петито бил пријавен во полиција. Полицијата сè уште трага по Лондри, извршила претрес во неговиот дом, а неговите родители неколку пати биле враќани на сослушување.

За време на патувањето, сега починатата Петито имала неколку разговори по телефон со нејзината мајка, а според адвокатот на нејзиното семејство, со секој разговор „се чинело дека има сè поголема тензија помеѓу неа и Лондри“.

Последната СМС порака која ја добила мајката на Петито од нејзиниот телефонски број на 27 август била опишана како „порака со чуден текст“. После ова, телефонот на Петито веќе не бил во функција, а таа престанала да објавува содржини од патувањето на своите социјални мрежи.

Последната фотографија на нејзиниот Инстаграм профил кој брои над 900.000 следбеници е објавена на 26 август.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Gabby (@gabspetito)

Уште една порака пристигнала на 30 август која гласела „Нема мрежа во Јосемити“, но семејството на Петито се сомнева дека пораката е напишана од нивната ќерка.

Полицијата веќе има неколку докази за недоразбирањата помеѓу Габи и нејзиниот свршеник. Граѓанин на сојузната држава Јута во САД пред неодамна пријавил случај на семејно насилство помеѓу млад пар, тврдејќи дека мажот почнал да ја удира својата жена сè додека не влегле во нивното возило, бело комбе со регистарски таблички од Флорида.

После овој повик полицијата го запрела возилото, а случајот на Петито и Лондри во полицискиот извештај бил опишан како „физичка пресметка на која и претходеле расправии, но и мажот и жената изјавија дека се заљубени еден во друг и дека се свршени“.

На предлог на полицијата, парот се разделил истата веечер, а Петито во извештајот била опишана како „збунета и емоционална“.

На патолозите кои треба да направат целосен форензички преглед на пронајдените остатоци, им останува да ја идентификуваат и причината за смртта.

Таткото на Габи, Џозеф Петито, сподели нејзина фотографија на Твитер и напиша „Таа допре до светот“.

На Инстаграм е креиран нов профил посветен на Габи Петито, каде заедницата на следбеници бара правда за нејзиниот случај. Таму постојано се објавуваат најновите информации поврзани со Петито, кои доаѓаат од официјалните лица и од медиумите.