fbpx

Ирска не донела закон со кој се забранува читање и споделување на вести надвор од мејнстрим медиумите

Новиот закон воведува специфична легислатива за справување со злосторства од омраза за кои се смета дека се намерни, или пак, сторени со непромислени комуникации и однесувања кои што предизвикале насилство или омраза, а се воведуваат и казни затвор до пет години

-

Ирска донесе закон против говор на омраза за кој  известуваа повеќе официјални медиуми, а целосниот текст од законот е објавен на страницата на ирската влада. Станува збор за легислатива насочена против злосторства од омраза, со кои се потенцира дека е кривично дело да се негира или да се претставува на тривијален начин геноцидот, а се заштитуваат и родовиот идентитет и се вклучуваат одредби за лицата со попреченост. Во текстот од законот никаде не се споменува дека „се забранува читање и споделување на вести кои се косат со официјалната наратива, проверена од „фактчекерите“ и надвор од мејнстрим медиумите“, како што се тврди во постот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Ви кажав дека се спрема голема цензура?

Во Ирска донесен закон со кој се забранува читање и споделување на вести кои се косат со официјалната наратива, проверена нели, од „фактчекерите“ и надвор од мејнстрим медиумите. Ако ова не е фашизам, не знам што е?

Потоа се споделува надворешен линк од `The People`s Voice` во кој меѓу другото се вели:

Во Ирска усвоен е закон кој прави да биде нелегално да се читаат медиуми што не се мејнстрим. Политичарите во Ирска усвоија нов закон според кој е нелегално граѓаните да читаат (гледаат) или да споделуваат какви било не-мејнстрим медиумски содржини на нивните телефони или компјутери. Новата легислатива значи дека сето она што го прегледувате онлајн, а кое е оценето како „полно со омраза“ од страна на проверувачите на факти, ќе резултира со затворска казна за оние што го гледале или го споделиле.

Меѓутоа, закон со кој „се забранува читање и споделување на вести кои се косат со официјалната наратива, проверена од  ‘фактчекерите‘“ не постои, не е донесен, ниту некогаш постоел во Ирска. Ова е дезинформација.

Во самиот напис на The People`s Voice, се споделува дел од законот кој е објавен на следниот линк.

Во овој текст од законот пишува:

Престап на подготвување или поседување материјал за кој постои можност да предизвика насилство или омраза кон лица поради нивните заштитени карактеристики. Лице ќе биде прогласено за виновно за таков престап според овој член ако: а) подготвува или поседува материјал кој веројатно ќе предизвика насилство или омраза против лице или група поради нивните заштитени карактеристики б) ако подготвува или поседува таков материјал со намера да предизвика насилство или омраза против лице или група поради нивните карактеристики, или ако е непромислен поради што е предизвикано такво насилство или омраза.

Потоа во текстот се додава дека товарот на докажување паѓа на обвинетиот кој ќе треба да докажува дека материјалите се во склоп на артистички, литературни, политички, научни, религиозни или академски цели, или дека се работи за материјал кој е потребен за друга правна постапка, вклучително полициски истраги или истраги на обвинителството за гонење на некое кривично дело.

Од самиот текст на законот кој е споделен, не се потврдува на ниеден начин изнесеното во постот што го рецензираме, односно „цензура и забрана за читање и споделување на вести кои се косат со официјалната наратива, проверена нели, од „фактчекерите“ и надвор од мејнстрим медииумите“.

Всушност, во Ирска се донесе закон против говор на омраза за кој  известуваа повеќе официјални медиуми.

Според Еуроњуз, станува збор за легислатива насочена против злосторства од омраза, со кои се потенцира дека е кривично дело да се негира или да се претставува на тривијален начин геноцидот, а се заштитуваат и родовиот идентитет и се вклучуваат одредби за лицата со попреченост.

Министерката за правда, Хелен Мек Енти која прва го објави законот што моментално е во собраниска процедура, возврати на обвинувањата дека со овој закон се ограничува слободата на изразување:

Говорот на омраза и слободата на говор се две различни работи, а говорот на омраза е дизајниран за да ги замолчи луѓето и да прави да се плашат. Сите сме згрозени кога ќе слушнеме за хомофобични, расистички и други инциденти од омраза во нашата земја. Овие одбивни акти на злосторство и злоупотреба на невини луѓе се екстензивен предмет на медиумско известување, знаеме дека некои луѓе се плашат и се борат за своите животи константо, во страв дека ќе бидат малтретирани само затоа што се тоа што се, рече таа.

 

Новиот закон воведува специфична легислатива за справување со злосторства од омраза за кои се смета дека се намерни, или пак, сторени со непромислени комуникации и однесувања кои што предизвикале насилство или омраза, а се воведуваат и казни затвор до пет години, пренесе Евроњуз.

Жртвите на злосторства од омраза се таргетирани поради предрасуди за нивните возраст, етничка или регилиозна припадност, националност, сексуална ориентација итн.

Целосниот текст од законот беше објавен на страницата на ирската влада.

Во текстот од законот никаде не се споменува дека „се забранува читање и споделување на вести кои се косат со официјалната наратива, проверена од „фактчекерите“ и надвор од мејнстрим медиумите“.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...