Фото: Архива на Мета.мк

Најновото национално истражување на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) покажува најголема загриженост кај граѓаните на Северна Македонија за темпото на пристапување кон ЕУ, за невработеноста и достапноста на вакцини против ковид-19. Освен тоа, граѓаните на Северна Македонија се чувствуваат обесхрабрени од градоначалниците и локалните претставници пред изборите кои треба да се одржат оваа есен.

Анкетата покажа дека пристапувањето во ЕУ има поддршка кај 79 отсто од јавноста. Сепак, процентот на оние кои сметаат дека С. Македонија денес е поблиску до влез во ЕУ, отколку во 2005 година, кога првпат добивме статус на земја-кандидат, во последните три години падна, од 57 отсто на 32 отсто.

„Одложувањата и назадувањата на процесот на пристапување во ЕУ, поради ветото од Бугарија, се чини дека влијаат врз убеденоста на граѓаните дека може да има напредок во пристапниот процес“, рече Пол Мекарти, директор на ИРИ за Европа. „За среќа, ова не го намали нивниот ентузијазам за потенцијално долгорочната цел за пристапување“.

Прашани за најважниот проблем, најголемиот дел од граѓаните (23 отсто) ги наведоа невработеноста, пандемијата и загриженоста за достапноста на вакцини против ковид-19 (22 отсто). Граѓаните, исто така, имаат ниска доверба во локалните претставници пред изборите во октомври. На прашањето, дали би го поддржале градоначалникот на општината, повторно да биде избран, половина од испитаниците (53 отсто) рекле дека би требало да се избере друг кандидат.

„Повеќе од една година пандемијата сѐ уште е примарна грижа за граѓаните на Северна Македонија, кои, исто така, се грижат за достапноста на вакцините и за економските последици од ограничувањето на движењето и од затворените бизниси. На локално ниво, граѓаните можеби ќе бараат промени на претстојните избори, што ги зголемува шансите на опозициските кандидати“, рече Мекарти.

Ова национално репрезентативно истражување беше спроведено во име на Центарот за истражување на ИРИ од страна на „Брима“ – компанија за истражување на пазарот, во периодот 4 март – 6 април 2021 година. Податоците беа собрани преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Националниот примерок е 1.222 испитаници на возраст од 18 години и повеќе години и беше дополнет со 1.285 интервјуа за примероци во одредени општини. Стапката на одговор беше 66 отсто. Оваа анкета е спроведена со поддршка од Националната фондација за демократија, соопштуваат од ИРИ.