По првичниот напад на Израел врз Иран, исламската држава возврати со испалување на повеќе ракети, што претставува најголема воена ескалација меѓу двете земји досега. Израелските одбранбени сили потврдија дека Иран истрелал повеќе од 100 балистички ракети во два бранови, а дел од нив го пробиле израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ и погодиле објекти во Тел Авив. Повредени се најмалку 21 лице, две од нив сериозно, објави Си-Би-Ес.
Вториот бран ракети пристигна неколку часа подоцна, а според израелската армија, и во тој случај дел од проектилите биле пресретнати, но не сите. Тие соопштија дека тимови за пребарување и спасување работат на повеќе локации низ земјата поради извештаи за паднати проектили.
Според израелски извори, нападот од Иран доаѓа како одмазда за големата израелска операција „Исправен лав“, која започна во текот на ноќта меѓу четврток и петок. Израелските сили извршија над 200 воздушни напади врз ирански нуклеарни објекти, лаборатории и домови на воени команданти, вклучително и главниот нуклеарен објект во Исфахан и подземни капацитети во областа Натанс.
Израелската војска тврди дека во нападите се убиени неколку високи ирански воени лидери, вклучувајќи го и началникот на Генералштабот на вооружените сили на Иран, командантот на Револуционерната гарда и шефот на итната команда.
Иранските власти соопштија дека во израелските напади загинале 78 лица, а повеќе од 320 се повредени. Врховниот лидер на Иран, ајатолах Али Хамнеи, во телевизиско обраќање најави „силен и пресметан одговор“ и додаде дека Иран „ќе го натера Израел да зажали“.
Американските власти потврдија дека САД не учествувале во израелските воздушни напади, но помогнале во пресретнување на дел од иранските ракети. Американските трупи во Ирак и Сирија беа привремено засолнети, а персоналот на амбасадата во Израел доби наредба да остане на безбедно.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека операцијата ќе продолжи „сè додека не биде целосно елиминирана заканата од Иран“, наведувајќи дека Техеран интензивно се приближува до развој на нуклеарна бомба.
Меѓународните реакции беа брзи. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека „не постои непосредна закана од нуклеарен конфликт“, но повика на итна деескалација. Меѓутоа, воени аналитичари предупредуваат дека конфликтот може да се прошири, особено ако Иран ги активира своите сојузници како Хутите во Јемен, кои веќе најавија можно враќање на нападите во Црвеното Море.
Во меѓувреме, судбината на најавените преговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма е неизвесна. Ирански пратеници веќе изјавија дека „шестата рунда преговори веројатно нема да се одржи по нападите“.