Врховниот лидер на Иран изјави во четвртокот дека Исламската Република ќе ги заштити своите „нуклеарни и ракетни капацитети“ како национално богатство, повлекувајќи цврста линија во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да постигне поширок договор за стабилизирање на кревкиот прекин на огнот во војната, Асошиејтед Прес.
Ајатолах Моџтаба Хамнеи, во писмена изјава испрати сериозна порака, оценувајќи дека единственото место за Американците во Персискиот Залив е „на дното на неговите води“ и дека во регионот се пишува „ново поглавје“.
Неговите изјави доаѓаат во услови кога иранската нафтена индустрија се соочува со притисок од блокада на американската морнарица, која ги спречува танкерите да испловуваат. Во меѓувреме, цената на нафтата од типот „брент“ за испорака во јуни достигна и до 126 долари за барел, додека Иран го задржува влијанието врз Ормускиот теснец, клучна морска рута низ која поминува околу една петтина од светската трговија со нафта и природен гас. Ова дополнително врши притисок врз глобалната економија, додека Вашингтон размислува за следните чекори.
„Со Божја помош, светлата иднина на регионот на Персискиот Залив ќе биде иднина без Америка, насочена кон напредок, благосостојба и просперитет на неговите народи“, се наведува во изјавата на Хамнеи.
Тој нагласи дека Иран и соседните земји „делат заедничка судбина“, додавајќи дека странските сили „кои доаѓаат од илјадници километри далеку со алчност и злонамерност немаат место во регионот, освен на дното на неговите води“.
И покрај формалниот прекин на огнот, САД и Иран остануваат во затегната состојба околу контролата на Ормускиот теснец. Американската блокада има за цел да го спречи извозот на иранска нафта и да ја лиши земјата од клучни приходи, што потенцијално би можело да доведе и до запирање на производството.
Истовремено, ограничувањето на сообраќајот низ теснецот создава притисок врз администрацијата на Трамп, поради растот на цените на горивата пред важни избори, но и врз неговите сојузници од Заливот, кои зависат од оваа рута за извоз на енергенси.
Во меѓувреме, Иран предложи одложување на преговорите за нуклеарната програма, додека Трамп нагласи дека токму спречувањето на развој на нуклеарно оружје било една од причините за воената ескалација.
„Деведесет милиони горди Иранци ги сметаат сите капацитети на државата, од нанотехнологија и биотехнологија до нуклеарни и ракетни способности, за национално богатство што мора да се заштити“, рече тој.
Хамнеи најави дека Иран ќе ја задржи контролата врз Ормускиот теснец, но меѓународната заедница го смета за теснецот за слободен воден пат. Според извештаи, Техеран наплаќал и до два милиони долари од брод за премин низ теснецот.
