Иранските медиуми известуваат за интензивни напади врз јужен Иран. Локален функционер изјави дека најмалку четворица цивили, меѓу кои и едно мало дете, биле убиени на свадбена церемонија во куќа во јужниот округ Сирик, во близина на Ормутскиот теснец, а десетици други биле повредени, објави Би-Би-Си.
Иако САД велат дека не таргетираат цивили намерно, иранските државни медиуми велат дека биле погодени и голем број други цивилни локации, вклучувајќи цивилен аеродром и фабрика. Се наведува дека вкупно биле убиени околу десетина луѓе.
Иранската револуционерна гарда соопшти дека четворица нејзини припадници биле убиени во американски напад на западот од земјата.
Американската амбасада во Абу Даби и Генералниот конзулат на САД во Дубаи предупредија на „потенцијална непредвидена ескалација“ поради зголемените тензии на Блискиот Исток.
Американците во регионот се повикуваат да се подготват за можни откажувања на летови, затворање на воздушниот простор и други прекини во патувањето.
Во известувањето, исто така, се наведува дека американските дипломатски објекти претходно биле цел на напади, како на Блискиот Исток, така и на други места.
