Иран воведува повеќеслоен систем за контрола на преминот на бродовите низ Ормутскиот Теснец, додека државите се обидуваат да ги обноват енергетските текови нарушени од конфликтот. Соединетите Американски Држави предупредуваат дека не треба да се прифаќаат иранските механизми, но дел од бродовите и владите сепак избираат да соработуваат, прифаќајќи ризик за да обезбедат транзит, пренесува Ројтерс.

Во деталниот текст на Ројтерс, составен од разговори со повеќе од 20 лица запознаени со процесот, анализи на движења на бродови и документи поврзани со иранските процедури, се опишува зацврстувањето на Техеран на контролата врз една од најважните светски поморски рути.

Еден од примерите што се наведуваат е танкерот „Agios Fanourios I“ на Иран, кој носел сурова нафта кон Виетнам. Бродот бил блокиран во Персискиот Залив во близина на Дубаи од крајот на април, а на 10 мај продолжил кон Ормутскиот Теснец по посебен договор меѓу Ирак и Иран, постигнат со посредство на ирачкиот премиер. Според извештајот, неговото движење било внимателно следено од повеќе држави и морски служби, додека во одредени моменти транспондерот на бродот бил исклучуван, но тој продолжувал да се движи по одредената рута.

Како што се приближувал кон теснецот, бродот минал низ ирански контролни точки на островите, каде што се поставени припадниците на Револуционерната гарда (ИРГЦ). Според ирански официјален претставник цитиран од Ројтерс, бродот бил накратко запрен откако се појавиле сомнежи за можен шверц на товар, по што била извршена проверка. По неколку часа, добил дозвола да продолжи, што го продолжило преминот од вообичаени пет часа на речиси два дена.

Во извештајот се наведува дека ваквиот инцидент е дел од поширок ирански механизам кој комбинира државни договори, безбедносни проверки и во некои случаи наплата за „безбеден премин“. Според сознанијата на Ројтерс, Иран со ваквиот систем практично воспоставува де факто контрола врз Ормутскиот Теснец, преку кој минува околу една петтина од светската нафта.

Во пракса, како што тврдат извори за агенцијата, бродовите се третираат различно во зависност од политичките односи на нивните држави со Техеран. Пловила поврзани со Русија и Кина добиваат приоритет, додека земји како Индија и Пакистан, кои одржуваат подобри односи со Иран, имаат олеснет пристап. Останатите бродови зависат од билатерални договори или од поединечни одобренија, при што во некои случаи се спроведуваат и дополнителни проверки од страна на иранските власти.

Според два извори од поморската индустрија, некои бродови кои не се опфатени со државни договори плаќаат и над 150.000 долари за да обезбедат безбеден премин. Ирански официјални лица, пак, потврдуваат дека се наплатуваат безбедносни и навигациски такси, чија висина зависи од товарот и типот на бродот, но не прецизираат конкретни износи.

Еден аналитичар цитиран од Ројтерс ја опишува ситуацијата како нова реалност во регионот, во која преминот низ теснецот зависи од политички одлуки, плаќања или целосна забрана. „Некои ќе поминат поради политички врски, други ќе мора да платат, а некои ќе бидат вратени назад. Ова е новата нормала“, изјавил тој.

Репортажата укажува дека кризата има значителни последици за глобалниот енергетски пазар. Илјадници морнари и стотици бродови биле заглавени во Заливот во одредени периоди, додека бројот на пловила што поминуваат низ Ормутскиот Теснец е драстично намален во однос на претходните години. Во периодите опфатени со анализата, наместо вообичаените 120 до 140 бродови дневно, низ теснецот поминувале значително помалку пловила.

САД, од своја страна, предупредуваат на ризиците од соработка со Иран, вклучително и можноста за секундарни санкции. Американското Министерство за финансии наведува дека ќе преземе мерки против компании што учествуваат во такви трансакции, додека Вашингтон ја зајакнува и сопствената поморска контрола во регионот.

Во извештајот се наведува и дека Иран спроведува детална безбедносна проверка на бродовите преку Револуционерната гарда, која ги анализира сопственоста, потеклото, товарот и екипажот на секое пловило. Во некои случаи, проверките траат и до една недела, а бродовите мора да достават обемна документација преку посредници пред да добијат дозвола за транзит.

За одредени држави, како Индија, постои дополнителна дипломатска координација, при што по одобрување од Иран, бродовите добиваат прецизни рути и инструкции за движење, вклучително и препораки за исклучување на комуникациските системи за време на пловидбата.