Претставници на Иран денеска изјавија дека само дипломатијата може да го реши конфликтот со САД и Израел, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека го отфрлил иранскиот предлог за повторно отворање на Ормускиот теснец и прекин на непријателствата.
„Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на теснецот зависи од исполнувањето на тие услови“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на социјалните мрежи. „Само решение постигнато преку преговори може да ги извлече од овој ќорсокак.“
Минатата недела, за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Иран објави мировен предлог, наведувајќи дека тој им бил пренесен на Американците преку катарски посредници. Трамп во саботата изјави дека го отфрлил планот и тврдеше дека очајот е она што ги тера Иранците да бараат договор за овој клучен воден пат.
„Тие сакаат веднаш да склучат договор за отворање на теснецот бидејќи трпат тешки загуби“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
И покрај јавните изјави на Трамп, посредниците кои ги олеснуваат разговорите меѓу Иран и САД официјално не го пренеле американското отфрлање на планот, според Аракчи.
„Чекаме посредниците да ни ги пренесат конечните ставови, па врз основа на нив ќе донесеме одлука“, напиша Аракчи.
САД воведоа економска блокада врз Иран за да извршат притисок врз Техеран да ги запре нападите врз пловила во теснецот напади што драстично го намалија поморскиот сообраќај во тој регион, иако Трамп постојано тврди дека САД го контролираат водниот пат.
Весникот „Волстрит џурнал“ прв објави дека Трамп го отфрлил иранскиот предлог, повикувајќи се на неименувани американски функционери.
Во извештајот се наведува дека Трамп приватно изразил скептицизам оти Иран ќе ги исполни неговите барања и им кажал на своите соработници дека смета оти е веројатна нова кампања на бомбардирање по ноемвриските избори за Конгресот во САД.
Претходно, еден американски функционер изјави дека разговорите со Иран преку посредници биле „позитивни и конструктивни“.
Иранците исто така стапија во контакт со своите ривали од Саудиска Арабија во врска со теснецот, нагласувајќи ја сериозноста на конфликтот што трае седум месеци, а кој го попречи протокот на нафта низ клучниот поморски пат и имаше негативно влијание врз глобалната економија. Аракчи во петокот им изјави на новинарите во Обединетите нации дека предложениот договор би означил почеток на седумдневно одбројување до повторното отворање на теснецот и прекин на борбите во регионот.
„Доколку постои сериозност од страна на САД за постигнување договор и повторно отворање на Ормускиот теснец, сè е подготвено“, рече Аракчи. Ако САД се согласат, завојуваните страни би можеле да започнат пошироки разговори „за теми за кои постои заедничка согласност“.
Тоа потенцијално би можело да вклучи разговори за иранската нуклеарна програма. Трамп изјави дека Техеран никогаш не смее да дојде до нуклеарна бомба, додека висок ирански функционер за Ројтерс изјави дека Иран нема да покаже флексибилност во однос на својата нуклеарна програма, дури и ако САД го прифатат мировниот договор.
Иран нема да направи отстапки во однос на своите права, вклучително и збогатувањето ураниум или извозот на високо збогатениот ураниум надвор од земјата, рече функционерот.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во интервју за емисијата „Face the Nation“ на Си-би-ес (CBS), изјави дека Техеран е подготвен за разговори за својата нуклеарна програма и други прашања, но нема да прифати малтретирање или принуда.
„Иран не бара војна, но ќе се брани од притисоци, закани и напади“, рече Пезешкијан, додавајќи дека земјата веќе се согласила оти не треба да развива нуклеарно оружје.
Претходните дипломатски обиди не успеаја да ја прекинат војната, која започна на 28 февруари со напади од страна на САД и Израел.
Оттогаш, војната се одвиваше со наизменични прекини и обновени напади, при што загинаа илјадници луѓе, а истовремено беа ослабени конвенционалните сили на Иран и оштетена неговата економија, која и онака е во тешка состојба.
Иран и неговите сојузници возвратија со проширување на конфликтот низ целиот регион. Иран ги нападна сојузниците на САД во Заливот со беспилотни летала и ракети, додека неговите сојузници Хути во Јемен ги нападнаа саудиските интереси.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен рано во саботата соопшти дека пресретнала две балистички ракети и две беспилотни летала лансирани од Хутите кон кралството.

Ознаки: Иран, мировен предлог, Ормуски теснец, САД