Иранската револуционерна гарда соопшти денеска дека ги ослободила десетте американски морнари што синоќа ги зароби во Персискиот Залив.

Иран приведе морнари на два американски чамци затоа што ги нарушиле иранските територијални води.

Командантот на револуционерната гарда, Али Фадави, рече дека истрагата утврдила дека морнарите завршиле во иранските води поради дефект на навигацискиот уред.

Претходно, командантот на иранската армија, генерал-мајор Хасан Фирузабади, рече дека запленувањето на двата патролни чамци е приведувањето на десетте морнари е лекција за членовите на Конгресот на САД кои сакаат да воведат нови санкции кон Техеран.

– Овој инцидент во Персискиот Залив, кој веројатно нема да биде последна грешка на американските сили во регионот, треба да биде лекција за сите што прават неволји во Конгресот на САД – рече Фирузабади.