Инвеститор од Луксембург сака да вложи 336 милиони евра во погон за согорување на отпадот од земјава

Фото: Архива на Мета.мк

За трајно решавање на проблемот со управувањето на отпадот во земјава, премиерот Зоран Заев денеска информираше дека би следела нова предложена инвестиција „енергија од отпад“, за која владата веќе 7-8 месеци преговара со инвеститор од Луксембург. Станува збор за погон во кој би се вложиле 336 милиони евра, кој би работел со плазма за согорување, односно безкислородно согорување на отпадот на високи температури. Премиерот тврди дека ваквата инвестиција е во затворен систем, односно погон без оџак, во форма на строго еколошка инвестиција.

На отпочнувањето со работа на ваквиот погон би претходела постапката за набавка на опрема наменета за примарна селекција на отпадот низ македонските општини. Премиерот Заев најави дека инвестицијата содржи купување на 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 збирни претоварни станици и дополнителни 11 збирни потстаници за отпадот, како и набавка на 6.000 метални и пластични комунални контејнери. Централната локација на која ќе се наоѓа овој погон е во селото Дубро, Општина Неготино.

Доколку се реализира инвестицијата, ваквиот третман на отпадот би опфатил 4 од вкупно 8-те плански региони во земјава, со можност да се прошири опфатот на собирање на отпадот кон Полошкиот и Скопскиот регион.

Според премиерот Заев, со овој проект целосно и трајно ќе се реши проблемот со третманот на отпадот на 74 проценти од територијата на Северна Македонија, односно со него би биле опфатени 48 општини од земјава. Странската приватна инвестиција би се реализирала по пат на Законот за стратешки инвестиции, што значи дека во најскоро време ќе се влезе во македонскиот парламент за да се усвои оваа стратешка инвестиција, информираше тој.

Како обврска што ќе ја имаат јавните комунални претпријатија од општините, тие ќе треба на инвеститорот да му плаќаат по околу 20 евра по тон за депонирање на сметот, додека годишно се очекува да се собираат и третираат помеѓу 700.000 и 1 милион тони годишно отпад. Собраните средства како обврска на инвеститорот директно би влегле во посебниот фонд за изградба на обновливи извори на енергетија во земјава, што значи дека тие би биле приходи на државата.