Инвестицијата во фотоволтаици за домаќинство се исплатува за пет до шест години

Фото: Влада на РСМ

Колку повеќе енергија произведеме од сонцето, толку помалку ќе ни треба РЕК Битола. Замената на нечистата енергија од фосилни горива со зелена од сонцето е една од најголемите придобивки од инсталирањето на фотоволтаични системи, иако и намалувањето на зависноста на земјата од увоз на скапа електрична енергија е голема мотивација.

Инвестицијата во сончеви панели од шест киловати во земјава чини околу шест илјади евра, велат во компанијата КМГ ЕОЛ Квазар, која се занимава со инсталација и одржување на соларни системи. Според првичните пресметки вложените сретства би требало да се вратат за околу пет до шест години, а може и помалку во зависност од висината на субвенциите кои би ги добиле домаќинствата.

„Просечното месечно производство грубо се проценува на 720, а годишното на 8640 киловати, за домаќинство што би инсталирало максимално дозволени шест киловати. Тоа пресметано со сегашната цена на струјата би чинело заштеда од околу 60.000 денари годишно, а инвестицијата би се исплатувала од пет до шест години“, велат од компанијата.

Пресметките за произведеното и потрошеното се прават двапати во годината во јули и во декември. Вишоците струја кои се произведени и предадени во мрежата во првите шест месеци, домаќинството ќе може да ги искористи во вторите шест месеци.

Животниот век на соларните панели е околу 50 години, а во земјава се проценува дека има над 1500 сончеви часови годишно, што оваа инвестиција ја прави уште поинтересна и поисплатлива и за домаќинствата и за компаниите.

Одлуката за олеснување на процедурите за поставување на сончеви панели кај домаќинствата и компаниите ја поздравија и граѓанските еколошки организации. Сепак, тие сметаат дека, за сите навистина да го почувствуваат бенефитот од измените, мора веднаш да се работи на едукација и информирање, но и на ефикасни мерки за поттикнување и субвенционирање на инсталирањето на фотоволтаици.

Според Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени, зголемувањето на максималната инсталирана моќност е многу важно, но многу поважно е тоа што веќе домаќинствата немаат ограничувања за учество нa пазарот без оглед на тоа кој е нивниот снабдувач, за разлика од досега кога сите оние што имаа договор со универзалниот снабдувач беа оневозможени. Особено е важно што сега се создаваат и технички можности за фактурирање и исплата на надоместокот за испорачаната електрична енергија на мрежа.

„Последните измени се очекува да придонесат во зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во финалната потрошувачка, кој за жал во последните години во С. Македонија не бележи напредок, но и за подобрување на квалитетот на воздухот особено во урбаните средини“, вели Станојевска-Пецуровска

Посочува дека треба да се разгледа можноста и за поповолно субвенционирање на инсталацијата на фотоволтаици во комбинација со топлинска пумпа за греење, како особено одржливо решение. Критериумите за субвенционирање на фотоволтаиците треба да бидат прецизно утврдени, а посебен фокус да се стави на мониторирањето и анализата на остварените резултати од примената на стимулативните мерки.

Од Центарот за климатски промени сметаат дека е неопходно и поголемо информирање на граѓаните за процедурата за поставување на фотоволтаиците, особено преку социјалните медиуми, бидејќи стравот од комплицираната бирократијата кај надлежните институции е се уште присутен и голем и е сериозен отежнувачки фактор кој ги обесхрабрува граѓаните да посегнат по промени.

„Од општините доаѓаат информации за примери на одбиени апликации на мали компании за енерегетска согласност за приклучување на дистрибутивната мрежа за фотоволтаици, со образложение дека не постојат услови за тоа. Ова е сериозен проблем, кој бара посериозна контрола од страна на надлежните институции врз исполнувањето на обврските за инвестирање во дистрибутивната мрежа од страна на операторот на дистрибутивниот систем. Малите бизниси мора да имаат поволна клима за инвестирање, бидејќи само на тој начин ќе можат да бидат поконкурентни и како што е тоа случај со земјите од ЕУ навистина да станат окосница на економскиот развој на државата“, вели Станојевска-Пецуровска.

Посочува дека сега е вистинскиот момент да се афирмира и поддржи здружувањето на граѓаните, здруженијата и компаниите во локални енерегeтски заедници, преку кои заеднички се дели инвеститорскиот ризик, но и профитот од продажбата на оствареното производство на електрична енергија. Смета дека посебно треба да се стимулира инсталирањето на фотоволтаици со повисок степен на ефикасност, односно ефикасноста на модулите да биде меѓу критериумите за висината на надоместокот во вид на субвенција.

Зголемувањето на цените на електричната енергија, заедно со олеснувањето на административната процедура за поставување на фотоволтаици, треба да биде добар поттик за домаќинствата да се одлучат и да инвестираат во обновливи извори на енергија, смета Невена Смилевска од „Еко свест“.

„Зголемувањето на инсталираната моќност е секако позитивен чекор, иако од овој аспект пресметките се секогаш различни, па така на пример на некои домаќинства им беа доволни и претходните четири киловати, а на некои им е поповолна новата граница од шест. Она што вистински ги одвраќаше граѓаните и компаниите беа премногу комплицираните процедури“, смета Смилевска.

Додава дека сега е моментот бизнисите од секторот за соларна енергија проакативно да делуваат и да ги искористат сите канали да допрат до граѓаните и да им дадат добри понуди за инвестирање во фотоволтаични системи. Тоа треба да допринесе за намалување на потошувачката на електрична енергија, а со тоа и намалување на зависноста од увоз на скапа енергија.

„Кога зборуваме за намалување на потрошувачката не мислиме само на домаќинството, туку за целата земја. Доколку на овој начин успееме да намалиме одреден процент од вкупната потрошувачка на тој начин ќе ни треба многу помалку нечиста енергија која се произведува во РЕК Битола или пак струја од увоз која се плаќа многу скапо“, нагласува Смилевска.