fbpx

Инвестиција од 2,5 милиони евра на „М6 Аграр“ и „Тиквеш“ во нови лозови насади

-

Групацијата „М6 Аграр“ и винарската визба „Тиквеш“ продолжуваат со инвестицискиот циклус во нови лозови насади на површина од 120 хектари на локацијата Бабуна, во близина на Велес. Најновата инвестиција за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“ е вредна речиси 2,5 милиони евра, а дел од средствата се обезбедени со поддршка на ИПАРД програмата.

Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на промоцијата на новата инвестиција, на која, покрај менаџерите од овие компании, беа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа и Никица Бачовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

„Инвестицијата во нови лозови насади нема да придонесе само за унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“, туку ќе создаде и услови за производство за поголеми количини за освојување на светските пазари. Со овој нов потенцијал, винарската визба „Тиквеш“ со традиција на производството на врвни вина и присуство на над 25 пазари во светот, претставува најголем промотор на македонските вина на светската винска сцена“, нагласи Заев.

Новите лозови насади на локацијата Бабуна се дел од повеќегодишна инвестициска програма за унапредување на квалитетот на вината на ВВ „Тиквеш“, во чии рамки досега се инвестирани над 5 милиони евра за нови лозови насади и модерна механизација.

„Преку вакви примери ние застанавме на лидерското место помеѓу земјите кориснички на ИПАРД 2. Како резултат на добрата искористеност на средствата од оваа програма, за прв пат во историјата, две години едноподруго, 2019 и 2020 година, а и сега во 2021 година, Северна Македонија нема да враќа неискористени средства од оваа програма“, истакна министерот Хоџа.

Според директорот Бачовски, до сега преку ИПАРД 2 инструментот склучени се 1.723 договори со вкупна поддршка од 51 милиони евра. РСМ е лидер во искористеност на средствата во регионот, рече тој, а веќе со ИПАРД 3 програмата, која треба да започне со имплементација во 2022 година, се очекува поголем буџет од досегашниот.

Во своето обраќање, претседателот на УО на ВВ „Тиквеш“ и партнер во Групацијата М6, Светозар Јаневски, посочи дека, и во услови на пандемија компанијата продолжи со инвестиции во нови лозови насади, модерна технологија и развој на човечките ресурси за понатамошно унапредување на квалитетот на вината на „Тиквеш“.

Според инвестицискиот план за подигнување нови лозови насади, во текот на 2022 година треба да се вложат дополнителни 3,3 милиони евра со кои ќе биде опфатена површина од нови 180 хектари земјоделска површина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Нема казни за предизвикувањето на шумските пожари

Пожарите, покрај поплавите, се најчестите природни непогоди кои се случиле во земјата во изминатите две децении. Најчесто ги има во периодот меѓу март и септември, што укажува дека се...