fbpx

Инцидентот на границата ја врати Македонија во светските медиуми

-

Вчерашниот инцидент на македонско-грчката граница, кога илјадници мигранти се обидоа да ја урнат жичената ограда и да влезат во земјава, на што полицијата реагираше со солзавец за да ги одврати од намерата, повторно ја врати Македонија во фокусот на светските медиуми и новински агенции.

Поголемиот дел од нив известуваат прилично објективно, но имаше и такви кои сакаа да му дадат поголема доза драматичност на инцидентот со „гумени куршуми“ и со „шок-бомби“.

Американската телевизија „Си-ен-ен“ во своите вести за инцидентот пренесе дека илјадници мигранти од кампот кај селото Идомени, од грачката стана на границата со Македонија, со импровизиран „овен“ се обиделе да ја пробијат жичената врата на границата, поради што македонските власти употребиле солзавец и „гумени куршуми“ за да ја вратат толпата назад.

Телевизијата пренесе и дека дел од мигрантите успеале да ја поминат границата во моментот кога вратата била насила отворена. Во инцидентот, според „Си-ен-ен“, полесно биле повредени 23 лица, од кои 10 биле деца.

„Сè се случи одеднаш, кога група од околу 300 луѓе, додека ја тресеа оградата, почнаа да викаат „Отворете ја границата“. Во еден момент ја урнаа, но никој не се обиде да премине на другата страна на границата“, пишува лондонски „Гардијан“, пренесувајќи ја изјавата на портпаролката на „Лекари без граници“, Гема Џили, која била сведок на инцидентот.

Британскиот весник пишува дека македонската полиција испукала солзавец кон мигрантите за да ги одврати од намерата.

„Хафингтон пост“ за случувањата кај Гевгелија го пренесе извештајот на новинската агенција „Ројтерс“, во кој се вели дека македонската полиција испукала неколку патрони солзавец кон толпата кај оградата и на железничката пруга, на која другите мигранти седнати, одбивале да се тргнат, барајќи да влезат во Македонија.

Британскиот национален сервис „Би-си-си“ својот извештај од границата го почнува со тоа дека македонската полиција употребила солзавец за да ги растера мигрантите кои претходно, со импровизиран „овен“, урнале дел од оградата на границата.

„Засега нема информации дали некој од мигрантите ја поминал гранцата“, известува „Би-би-си“.

Безмалку сите медиуми, во своите извештаи, даваат поширок осврт на драматичната ситуација со мигрантите во Грција и долж западно-балканската рута.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...