Интервју со Огнен Митев – fussflow: За музика се потребни идеја, креација и интерпретација

Огнен во своето „студифце“, фото: лична архива

Македонската музичка сцена во последниве години сведочи за нови имиња, стилови, изведувачи кои го менуваат и обновуваат нејзиниот репертоар. Македонскиот музички продуцент Огнен Митев се вбројува во ново-одговорните музичари кој со својата умешност во аранжирање и компонирање траки создава нови, поинакви и различни песни и најважно, нова музика.

Досега, Огнен или познат како „fussflow“ потпишува едно продолжено издание, неколку соработки и како посебен белег што го одѕива неговото име, преработка на македонските поп хитови создавани во периодот меѓу 70-те и 90-те години од минантиот век. Огнен моментално живее во Германија со своето семејство и неговата главна професија потекнува од ИТ областа, но музиката никогаш не ја изоставува од своето секојдневие. Неговите почетоци со музиката се поврзуваат со средношколските денови кога тој доаѓа најблиску до неа започнувајќи со свирење во бендови и на различни инструменти. Во разговор за Мета.мк тој открива за својата врска со музиката, како настанува продуцирањето, и зборува за својата постојана и макотрпна желба преку која настануваат неговото име, траките и колаборативните проекти.

„Љубовта и пасијата кон музиката биле отсекогаш присутни дури и во школските и тинејџерските години. Започнав со гитара и свирев во училишниот оркестар на О.У. „Христијан Тодоровски – Карпош“, во тоа време раководен од „даскалот“ Ангел Ќосев. Подоцна во средното училиште „Орце Николов“ немав некоја посериозна активност со музиката, само постоеше како хоби и свирев „во друштво“ и по дома, но се сеќавам во тој период кога навлегував малку повеќе во ИТ светот го направив првиот мој Хакинтош (евтина варијанта на Мекинтош) и на него во Logic почнав да правам некои работи. И тогаш си мислев којзнае што правам. Потоа заминав за Калифорнија каде што учев една година средно училиште и свирев за средношколскиот бенд како перкусионист. Се вратив во Македонија и формиравме бенд во кој јас свирев тапани добри 7 години. Пробувавме на „суво“ да направиме некои наши песни, но не успеавме. Фокусот ни беше на комерцијалната музика“, се навраќа Огнен.

Ангел Ќосев е еден од најквалитетните и влијателни музички продуценти и аранжери што ги памети домашната сцена. Огнен, при компонирањето на своите први траки преку вибер сесии се консултира со Ангел, чии совети како што раскажува се од голема важност за него.

„И ден денес имам консултации со Ангел и неговото мислење ми значи многу, сепак е повеќе од 20 години во тој свет и пред сè има многу искуство. Паметам откако се преселив се погоди да сме во Македонија и го исконтактирав Ангел. Тој има свое професионално студио („Подрумот“) и отидов кај него да се видиме после долги години (можеби повеќе од 15 години). Преслуша и тој неколку песни, ми даде пар совети и ми рече „Дете ајде добро е ова, пуштај што чекаш“. И пуштив. Мојата прва аранжирана песна што беше објавена е од „Prince“ – „I would die for you“, која беше поттикната од еден наш пријател тука, во Германија, Хатор. Аранжирањето се случи, односно направив комплетна промена – ремикс на таа песна и ја издадов“, вели Огнен.

Негова прва официјална компонирана трака каде комплетно стои тој како автор е  „Wait for me now“. За да продолжи да создава и да се занимава со музика главни како што вели, се Хатор, кој доаѓа од Босна и кому главно хоби му е ДиЏејството, неговиот брат Леон, дипломиран музичар, Дј Тоше, Fitz (Blackstate), Petko Turner, а на почетокот имал помош и од FunaticFunk.

Синмње со Нина Јанева за Евросонг 2022 во студио, фото: лична архива

„Консултациите се важни, мислењето од другите е убаво, но музиката е многу субјективна работа. Или ти се допаѓа или не. На почеток ги праќав првите верзии до сите, a и до многу други, од возбуда и радост дека сум направил нешто ново и од сите добивав разноразни коментари. Некогаш многу ме демотивираа тие коментари. Искрено, многу често. Но, продолжив понатаму, бев упорен и на крајот останаа неколку луѓе со којшто го споделувам само крајниот продукт – песната 90% завршена, или само финалниот производ. Од тие луѓе навистина добивам конкретни и значајни сугестии кои што вреди да им се обрне внимание и да се направат корекции“, вели Огнен.

Огнен свирел во групата „Bandover“ заедно со Диме, Аце и Ана, а подоцна им се приклучил и Емил Бакев кога свиреле комерцијална музика или како што вели Митев, „модерен поп, буквално сè што е комерцијално и по некоја песна што на секој член му лежеше на душа“. Со бендот престанале да свират, тој се преселил, но, како што раскажува желбата да се создава нешто на музичко поле никогаш не замрела.

„Жарта која што континуирано тлееше пламна во 2016 година и ме натера да почнам да купувам полека опрема и напоредно да правам музика. Правев некои работи, експериментирав и се пронаоѓав. Скоро две години креирав некои чудни жанрови и некоја музика што за мене беше WOW. Сега кога слушам што сум правел си се смеам на глас, иако има некои интересни елементи. Во 2018 година докупив уште малку опрема и почнав посериозно да работам. Учев, многу учев и многу време посветував на едукација. Повеќе учев за продукција отколку што продуцирав скоро цела година. Така 2019 година помина едукативно и експериментално и веќе во 2020 година имав спремено скоро 20 песни. На сите им фалеше по нешто, но сите беа скоро готови. Да бидам поточен со одговорот, иако малку одоколу ви ја претставив целата слика, активно и посериозно работам само 4 години. Дома имам дел од соба наменета за моето домашно „студифце“, кое што врши многу повеќе од работа. Кога сум во Скопје можете често да ме најдете кај Ангел во студио Подрумот. Во последно време многу често се случува скоро секое доаѓање во Македонија да снимаме по неколку денови. Обично ги снимаме вокалите во Подрумот каде што тоа е на едно тотално подруго ниво од тоа дома“, забележува продуцентот.

„Тапани во Маракана“, фото: лична архива

Досега нема работено со некоја продукциска куќа, но има издадено песни преку HatorRecords и Basspatrol Records. За соработката со продукциски куќи вели дека  навистина треба да се вложи многу труд, но верува дека со континуитет и упорност сигурно ќе се постигнат некои резултати.

Псевдонимот под кој ги потпишува своите изработки настанува по неколку месеци откако веќе имал нешто спремно. Сакал да постигне нешто уникатно и единствено па вели дека „Fuss“ има значење нешто како галама, гужва, a flow е проток, движење, тек. Заедно би му дошло како Гласен Проток, фамозен тек или нешто слично.

Логото, лична архива

„Точно е дека и за креирање на музика е потребно време, коешто јас понекогаш го немам. Работам од дома, со три дечиња сме дома, сите тие имаат вон-школски активности кои ги посетуваат, семејното време што го поминуваме заедно и едноставно толку е денот. Е, од друга страна љубовта, желбата и пасијата за музика се огромни. Тие се оние кои што некако прават чуда (не само во музиката) да се случат и да направат да се добие мотивација и да се одработи тоа што треба. Немам некој шаблонски начин на работење со конкретно работно време, едноставно работам кога ќе ми дојде, освен кога песната ми е скоро готова и додека не ја подготвам до крај и немам финална верзија, тогаш работам на таа песна во секоја слободна секунда. Сметам дека во денешно време е многу полесно да се нанаправи музика. Има еден куп алатки и уреди за кои не ти требаат многу вештини. Потребно е да се има време за да се научат тие алатки за да се создава музика, а условите се лаптоп, музичка картичка и слушалки. Сепак, чувството кога сами ќе си отсвирите нешто на жив инструмент е многу поразлично, подлабоко и поемотивно од семплувани лупови. За инспирацјата, чудна работа е тоа инспирација (хахах) и не знам дали можам да кажам што најмногу ме инспирира. Имам моменти кога ќе ми дојде инспирација во 8 часот наутро по пиење на кафе од нигде никаде, некогаш некој муабет од по дома, или некоја случка, или едноставно ќе се разубдам со идеја. Емотивна состојба. Спомени. Промени. Ама, некогаш па никаде ја нема“, раскажува музичарот.

Неодамна тој објави заедничка песна со младата и надежна пејачка Ана Петановска која со својот моќен вокал ја надополнува и комплетира преработената верзија на песната „Здодевно е“ од една од македонските безвременски поп-пеачки Нина Спирова, што ја изработил Огнен. Целата ново настаната верзија на песната била завршена за три работни денови.

Фото: Лична архива, снимање со Ана во студио

„Беше сабота и јас барав и се мислев која песна да ја направам следна за ремикс. Слушав песни, барав што да направам следно. Сакав да биде од Нина, но сите познати нејзини песни се веќе обработени од други артисти. Слушав и некако оваа најмногу ме инспирираше и викам тоа е тоа. Седнав истата вечер направив концепт за песната и ја направив можеби 80% песната од тоа каква што е сега. Бев инспириран. Утредента пробав да го одвојам оргиналниот вокал и да го додадам на песната, како што ги правев предходните, но премногу беше стара снимката и немаше никакви шанси тоа да се направи за да звучи убаво. Премногу беше нејасен звукот од пеењето. Јана Бурче ми даде предлог од неколку девојчиња и јас пребарав сè на интернет за да ги чујам која како пее. Ана ми остави најголем впечаток и стапивме во контакт. Се сретнавме, си дојде во студио и како прав професионалец си влезе си испеа сè комплет. Главен вокал и сите пратечки вокали. Феноменално. Мислите во студио e родена. Всушност со Ана прво ја снимивме нашата прва колаборативна песна насловена „You and I“ која официјално излезе вчера, а кратко потоа настана „Здодевно е“ која беше целосно завршена за издавање за 5 дена. Си ветив и желба ми е на Ана да и направам неколку песни. Имам уште минимум пет песни што би сакал да ги испее Ана, но ќе видиме дали желбите се обострани“, опишува Огнен.

„Fussflow“ за своето продолжено издание, „Family Time“ вели дека настанало откако се инспирирал од моменти и случувања настанати во својот дом, а истото е аранжирано во малку поинаков стил од оној што вообичаено го практикува, со акустични и електрични гитари и со House beat во позадина. Огнен покрај тапани свири и гитара, бас гитара а по малку и клавир. Во неговото издаваштво на најразлична музика, тој прави ремикси и од македонски поп хитови испеани во златното доба, времето кога тој бил мал. Истите го потсетуваат на детсвото, а главниот мотив е што сака да им го продолжи векот на некаков поинаков начин.

„Идејата ми е да се искористат некои главни елементи од песните и на нив да се додаде модерен, fussflow groove за новите генрации да можат да ја слушаат тогашната музика во модерно издание“.

За своето музицирање потајно посакува еден ден да му стане вистинска професија, бидејќи „убаво би било кога би можело своето хоби да ми стане професија“. Според него најважна е упорноста, а тука се и грешките кои е потребно да се прават за да се стане подобар.

„Нема граници во музиката. Има дел технички работи кои што мора да се испочитуваат и да се научат за композицијата да звучи како што треба, но другото сè е слободна волја. Ваша идеја, ваша креација и ваша интерпретација. Исто така, доколку е потребна било каква помош слободно нека пишат на некоја од социјалните мрежи. За музика можам да зборувам со било кого со денови, а совети ќе давам онолку колку што јас знам. Тука сме да си помагаме!“, додава Огнен.