Интервју со Магдалена Чапаровска: Јавноста за бездомните животни е поларизирана до бескрај

Магдалена Чапаровска / Фото: лична архива, се користи со дозвола
Фото: лична архива, се користи со дозвола

Магдалена Чапаровска е магистер по психологија, поетеса и писателка, која досега има издадено две збирки поезија „Еленот слуша виножито“ и „Скршен Аватар“. Исто така, таа е и ревносен активист за правата на животните и истовремено подолги години помага да се спасат и вдомат бездомни животни. Со неа зборуваме за нејзината работа како психолог, за нејзиното творештво и за активностите околу правата на животните.

 

Психолог, советник, поет, писател или активист за правата на животните, која од овие именки сметате дека најдобро би можела да ве опише?

Магдалена Чапаровска: Живееме во свет каде се идентификуваме според она што сме го изучувале или работиме, имено она што сме го достигнале на професионално поле. Дури и ако во равенката ги додадеме нашите страсти и хобија, повторно нема да успееме да се доловиме во целост  – ние луѓето сме комплексни, повеќеслојни битија. Имаме уникатна, вродена вредност. Себеси се пронаоѓам во горенаведените именки, но пред сè, се сметам за човек отворен да учи и осознава преку искуства, љубопитен човек полн емпатија за секоја форма на живот.

Вашите искуства во советувањето и психологијата се воглавно online? Зошто? Со какви клиенти воглавно сте се среќавале?

Магдалена Чапаровска: Едноставно ваквиот приод за мене имаше повеќе смисла и ми даде повеќе слобода во работата. Имајќи во предвид дека англискиот јазик многу солидно го познавам и имајќи предвид дека преку онлајн платформите можам да достигнам поширок опсег. Клиентите кои сум имала шанса да ги советувам често не биле базирани во Македонија, а биле претставници на нормалната популација. Најчесто советувањето било во рамки на интраперсонални односи, анкциозност, мотивација, животни транзиции и слично.

Двете ваши збирки поезија „Еленот слуша виножито“ и „Скршен аватар“ имаат интригантни наслови, а во нив можеме да се сретнеме со надреалистични концепти и елементални меланхолии. Пишувате љубовна поезија, социјално ангажирана поезија, поезија за поезија… Дали песните ги пишувате со иницијалниот порив или ги доработувате во неколку наврати? Дали од досега објавените имате омилена песна?

Магдалена Чапаровска: Иницијалниот порив е важен за да се започне, но во повеќето случаи за да финализирам песна потребни ми се повеќе навраќања. Нема правила во временските рамки, некогаш тоа може да значи часови подоцна, а некогаш и месеци, па и година. Има песни почнати но недовршени… тие остануваат во приватната архива.

Ми се чини, како и за повеќето автори, скоро невозможно ми е да издвојам омилена/и песна/и. Сите оние кои сум одбрала да ги споделам со јавноста сметам дека исполнуваат одредени стандарди и токму затоа и се селектирани. Во оваа прилика ќе ја спомнам само најдолгата песна во мојата прва збирка Еленот слуша виножито: Зар не сме сите исти пред воздухот!? Не беше случајно што на оваа песна одвоив најмногу зборови односно стихови. Тоа беше пред сè поради круцијалноста на темата која ја третира – аерозагадувањето во нашиот главен град.

Вашата втора збирка „Скршен аватар“ е поезија поттикната од времето на современите технолошки достигнувања. Да парафразирам дел од рецензијата, метафизичките прашања и дилеми се надоврзуваат на модерната технологија и новите медиуми. Колку алатките на современото технолошки развиено општество ни го олеснува односно отежнува – пронаоѓањето на одговорот. Кој е тука вашиот став?

Магдалена Чапаровска: Денес модерната технологија и новите медиуми се нераскинлив дел од човековото искуство, освен ако случајно или намерно не се приклониме кон некое племе оддалечено од цивилизацијата. Еве да земеме предвид што се случува со GPT Chat или GPT Zero, кои изминатиов период придобиja на популарност. „Скршен аватар“ е поезија создавана во 2017/2018, издадена 2019, значи пред ковид пандемијата, која своевидно ја продлабочи нашата зависност и премреженост со технолошките алатки и онлајн домени. Го спомнувам сево ова само за да илустрирам – денес технологијата и новите медиуми се клучен дел од она што значи да си модерен човек. Денес за да одговориме кои сме, што е значењето и суштината, немаме избор освен во равенката да ги вклучиме сите досегашни технолошки достигнувања и алатки кои повеќемината од нас ги користат на дневна база во приватниот и професионалниот живот. Ова само по себе не е отежнување, туку приказ на времето кое го живееме. Помудро би било да ги прифатиме промените, отколку да пружаме отпор. Како автор мојата цел не е да дадам суд, туку да разберам, а потоа и прикажам… онака најдобро како што умеам.

Технологијата и начините на комуникација неспорно еволвираат и се менуваат, но ние луѓето и не до толку. Базичните потреби ни се идентични, денес само цуркулираме во една поинаква рамка. Наше е како ќе гледаме на предизвиците наметнати од современото општество.

Ги споменавте Chat GPT и Chat Zero. Во вашата книга „Скршен аватар“ го наговестувате спојот на технологијата и уметноста – дали мислите дека поезијата од чет ботовите ќе може да се мери со поезијата напишана од луѓе?

Магдалена Чапаровска: Тематски ја опфатив модерната технологија и новите алатки на комуникација во својата поезија. Помалку се работеше за наговестување, повеќе за пресликување на современиот свет. Не сум електроинжинер, ниту некој со длабински познавања околу темава, но не се сомневам во способноста чет ботовите да се надоградат во иднина. Што се однесува до тоа дали поезијата напишана од чет ботови би можела да се мери со онаа напишана од луѓе, би поставила контра прашање – дали убаво срочениот стих би го имал истото значење и тежина ако зад него не стои човековото искуство, човековата емоција?

Дали бунтовноста е битен елемент во вашата поезија? И зошто?

Магдалена Чапаровска: Мило ми е што мојата поезија си ја доживеал како таква. Бунтовноста е уште еден елемент кој во моите песни си го нашол патот несвесно, но сам по себе е доста важен. Делата кои ги создаваме често ни се огледало, па така бунтовноста која ми е карактеристична мене, се отсликала и во творбите. Мислам дека живееме во општество, држава, систем во кој – бунтовноста е нужна. На просечниот граѓанин на ова тло му недостига во поголеми количини.

Дали сметате дека надреалистичните концепти во вашата поезија се повеќе расплинување или токму ги употребувате за симболики?

Магдалена Чапаровска: Надреализмот ми лежи без разлика дали пишувам проза или поезија. Ми се допаѓа и како правец во другите видови уметност: слика, фотографија, инсталација, перформанс, театар или филм. Се разбира, повеќето надреалистички описи меѓу стиховите имаат симболика и отвоаат врата кон една поинаква димензија. Нели е тоа целта на уметноста!?

Дали вашите љубовни песни се посветени на повеќе одминати љубови или само една личност?

Магдалена Чапаровска: Љубовните песни не се посветени, но повеќето се инспирирани од една љубов.

Што пишувате сега? Има ли нова збирка на повидок?

Магдалена Чапаровска: Во последниве години повеќе сум посветена на пишување проза. Читам книги и се информирам преку разни извори околу правилата употребени при создавање добра приказна. Сè уште учам, сè уште ја усовршувам формата, развојот на карактерите, дејствието. Инаку, пишувам раскази кои се надевам во догледна иднина ќе го дочекаат светлото на денот. Не брзам… по природа сум перфекционист, па една од лекциите ми е да продолжам да пишувам дури и кога резултатот е помалку од совршен.

Освен психологијата и пишувањето, уште една област во која успешно се пронаоѓате е активизмот за заштита на животни. Можете ли да ми кажете нешто повеќе околу оваа тема. Што значи да се биде активист за заштита на животните во Македонија. Дали дома имате милениче? Некој ве поттикнал да се борите за правата на животните?

Магдалена Чапаровска: Љубовта кон животните ми е вродена, од најрана возраст бев склона кон спасувачки мисии кога стануваше збор за некое животинче. Едноставно го почитувам животот во сите форми и не сакам да сум сведок на било чие страдање. Не сум поборник на антропоцентричниот пристап, според кој, ние луѓето сме поважни од останатиот жив свет. Да се присвои вакво гледиште ми се чини доста вообразено, па и неосновано. Бројни студии до сега имаат воочено – животните имаат емоции. Всушност на многу сличен начин чувствуваат болка, како и нас луѓето. Отсекогаш сум имала силен порив да се грижам и борам за правата на животните, бидејќи сметам токму тие се оние најмаргилиризираните. Оние безгласните.

Да се биде активист и поборник за правата на животните во Македонија е огромен предизвик, но истовремено и привилегија. Да, велам привилегија зошто секој оној кој спасил, вдомил, подал рака на бездомно животинче, многу добро знае – искуството е неспоредливо. Љубовта и благодарноста која ќе ја добиете за возврат исто така. И спокојот во себе, при сознанието дека сте постапиле правилно и на битие чиј живот до вчера висел на конец сте му нашле топол дом. Е сега самиот процес знае да биде доста стресен и макотрпен, особено ако се работи за болно, повредено или истрауматизирано животно. Сепак, обично трудот е возвратен.

Благодарение на модерните алатки и начини на комуникација – онлајн групите за миленици, ние активистите како и љубителите на животни успеваме полесно да се информираме, организираме и координираме околу одредено животно или некоја спасувачка акција. Постои соработка меѓу активистите, организациите и граѓаните кои се љубители на животни. Во минатава деценија донекаде поради залагањата на организациите и здруженијата за заштита на животни, свеста за тоа како се постапува со животно барем делумно е надградена и развиена. Сепак, имаме долг пат да доодиме… сè ќе биде поинаку кога институциите ќе ги спроведат законите за благосостојба на животните, кои до сега се присутни само на хартија.

Дома чувам три миленичиња, две мачки и едно кутре, сите пред години се спасени од улица. Мешаните, нерасни животни еднакво заслужуваат љубов – еднакво знаат да ја возвратат.

Изминатиов период имаше бројни немили случувања, написи по порталите, каснати граѓани, стрелани и отруени кучиња. Зошто имаме толку улични животни по улиците? Има некое решение во догледен рок? Како да се однесува обичниот граѓанин со бездомно куче?

Магдалена Чапаровска: Она што се случуваше во изминатите месеци е страшно. Јавноста е поларизирана до бескрај. Секојдневно по групите за миленици кружат вознемирувачки фотографии од отруени, малтретирани и убиени бездомни или домашни миленичиња. Трпението кај граѓаните е на многу ниско ниво. Проблемот со бездомните животни постои од кога постои и државата, а се работи за системски проблем кој бара системски решенија. Потребна е синхронизирана работа и соработка меѓу организациите и институциите, како и подигање на свеста и одговорноста кај просечниот граѓанин. Она што ние треба да го разбереме е – бездомните животни не се на улица по своја вина. Неодговорните граѓани и несовесното чување миленици (не се стрелизираат, се оставаат сами на јавни површини, се фрлаат несакани легла) е она што го пролонгира проблемот. Притоа, заспаните институции кои одбиваат сериозно да си ја сфатат работата и да започнат со санкции веројатно го носат најголемиот дел од вината. Само преку соодветни санкции и масовни стерилизации субвенционирани од државата, ќе можеме да видиме излез од оваа тешка ситуација за сите, најмногу за бездомните кучиња.

Медиумите можат да помогнат со тоа што пореално ќе ја испитаат ситуацијата и нема да се втурнат во негативна пропаганда кон бездомните животни. Секој има право да избере за себе, дали ќе ги сака и ќе им помага, но никој нема право да им го загрозува животот. Во суштина постои закон за благосостојба на животните според кој за секое непотребно мачење на животно правно и кривично се одговара.

Доколку на улица ви пријде бездомно животно, останете смирени. Избегнете ненадејни брзи движења и извици. Доволно е да им понудите малку добра волја, мил збор или храна и веќе сте стекнале пријател за живот.