Со Катерина Гогова во ова интервју зборуваме за нејзините поетски книги „Актите се Кастрирани“, „Сонцестој“ и „Пад во немирна вода“ (бесплатна верзија како аудио книга е достапа на Самоглас), за нејзината професија како медицинар како медицинска сестра и наскоро и како доктор, говориме и за здравствениот систем воопшто, образованието што се однесува до медицината и за нејзините волонтерски активности преку „Ретвитни оброк“ и „ХОПС“. Во интервјуто разговаравме и за ред други интересни порелаксирани теми како астрономија и филмови за суперхерои, како и за докторите кои во екот на ковид пандемијата беа и се споредувани со суперхерои.
Имате издадено веќе поголем број збирки поезија и знаете да ја вџашите публиката со насловите. Насловот на вашата прва збирка поезија „Актите се кастрирани“ е одлична алегорија на тоа дека уметничките дела од секаков вид се комерцијализирани и донегде осакатени, дека им недостига вистинска вредност и суштина – што и ја означува „кастрацијата“ на „Актите“ – како архетип за уметнички дела. Дали клучот на здравата слободна уметност е во трудот или во моменталната инспирација, а можеби и во двете и како во пишувањето да се избегнат замките да се одолее на она што е комерцијално наспроти оригиналноста?
Ти благодарам, Иван за епитетот кој ѝ го додели на мојата прва збирка поезија. Насловот на книгата сосема природно се наметна како стих од песната „Наследство“, всушност во целата книга провејува една таква атмосфера, „кастрирани“ емоции, „кастрирани“ акти, неми спомени но, никако како горчина, резигнираност или пак иронија, повеќе како една бунтовност кон сето тоа, нешто што е веројатно вообичаено кај многу млади луѓе. Многу од поезијата во „Актите се кастрирани“ е пишувана во моите доцни адолесцентни години, време за одсебување, себепронаоѓање, учење да се биде, сам со себе, со сите, а притоа чудно време некое. Денеска не е многу поинаку, како да сè почесто сме „сами со себе“, претенциозноста се изедначува со индивидуалност, оригиналност. Во трка за некаква цел која општествено се дефинира како успех, не сме со сите, фигуративно, а некои од нас и буквално (ха,ха).
Во уметноста сè се сведува на следење внатрешен глас, порив, на почетокот е потешко да се слушне, бега искрата, се крие, но кога ќе се заузда потоа лесно се отелотворува пламенот, нема бегање од тој оган. Најубаво е кога ќе дојде како молња, наеднаш и без предупредување. Многумина би ми рекле дека оваа перцепција на креативниот процес е премногу романтичарска, и би биле во право ама ова е само поетот во мене. Поезијата е лесна, таа не бара, не тежнее, се спротивставува на правила, додека прозата бара многу повеќе труд, работа и посветеност и сигурно не е едноставно да се постигне квалитет и оригиналност меѓу една хиперпродукција каква што сведочиме. Веројатно затоа сè уште не сум се впуштила во таква авантура. Според моите скромни сознанија од домашната и останатата литература, за жал многу тешко се одолева на трендовите кои се диктирани и наметнати од глобалните струи и влијанија. Но, тоа е друга тема.
Насловот на вашата поетска книга „Сонцестој“ покрај трите значења означува и вистинска астрономска појава. Дали со ова го следите теркот на промовирањето и на астрономијата како најбрз начин за влез во вистинска наука која со научни докази побива многу и денес постоечки теории на заговор како на пример дека никогаш не се случило слетувањето на Месечината или Земјата е рамна. Астрономијата или љубопитноста кон неа отвора врата за вистинска заинтересираност и за другите науки како математиката, физиката иако вашата примарна дејност и наука е медицината. Кои други појави истражувани од астрономијата ве фасцинираат?
„Сонцестој“ како најдолгата ноќ, најдолгиот ден и копнежот за полноќното сонце многу кохезивно ги собраа песните што ги пишував во период од две години. Најдолгата ноќ и најдолгиот ден, иако астрономски спротивни, сепак имаат нешто заедничко, чекањето. Чекањето да дојде сонцето, да дојде ноќта, макар била бела и несона таму некаде во Финска. Природните појави често пренесуваат некаква слика, атмосфера или чувство во стиховите во оваа книга, а и во претходната „Пад во немирна вода“.
Непотребно е да се посочи асоцијацијата со вода во самиот наслов, а пак „Сонцестој“ носи една прозрачност во своите страници, и од самите мотиви и слики во песните, но сакам да мислам и од леснотијата со која ја сработив збирката, трета по ред. Човеколикост барам во контрастите на природните појави, изгледа ме фасцинира дуалноста, спротивставеноста, во секој од нас тече по една спокојна и по една немирна вода. Имам оскудно да не речам слабо познавање од физиката, математика воопшто не ми одеше зошто не сакам бројки, ама во медицината најдов многу поезија. Првенствено зошто сфатив дека сето е магично испреплетено, и сонот и јавето во циркадијален ритам, дури и примордијалните инстинкти понекогаш зависат од долгите зими и жешките лета.
Вие моментално привршувате со студиите со кои ќе станете докторка, а во литературата едни од попознатите писатели што исто така биле медицинари се Чехов, Булгаков, Артур Конан Дојл, Китс и други, но ова кажува многу за големата потреба од повеќе жени-писателки и поетеси кои се и медицинари. Но, вие стриктно пишувате поезија и вашите книги се доста успешни и сработени од срце. Безрезервно пишувате за романтичната љубов, но исто така не ја занемарувате и љубовта кон најблиските, пријателската и роднинската љубов, како и социјалните проблеми на луѓето воопшто. Во каков вид на песни од наброените најдобро се изразувате себеси?
Студиите по медицина се спартански припреми за борба со живот и смрт. Тука би го споменала и нашиот Анте Поповски, за кој имам слушано дека бил докториште со сите суперлативи иако поголемиот дел од животот го посветил на литературата. Жените во медицината секогаш жонглираат со медицината во едната рака, и сите останати улоги кои природно ги превземаат во семејниот живот во другата рака. Веројатно затоа светот не познава позната жена писателка, докторка. Всушност, првата жена која воопшто добила право да изучува медицина на медицински факултет во Филаделфија, САД, Елизабет Блеквел, дипломирала во 1851 година. Во кариерата се соочила со многу предизвици, практикувала медицина во време кога ретките жени доктори биле нарекувани доктори за абортуси. Денес пак на нашите факултети по медицина побројни се жените, може да се каже дека е подобро во голема мера, но некои врати за оние со два икс хромозоми се сè уште затворени.
Мене лично најдраги ми се песните во кои целосно можам да се изземам, да не ја вмешам личната приказна, песни каде што останува прочистена емоција, возвишен стих кој е на неутрална поетска територија, ако има смисла. Со ова доаѓа и ризикот понекогаш песната да звучи херметички затворена. Не би знаела да издвојам баш тип на песни кои ми се најдраги, се надевам дека низ книгите, засега три на број се следи градација во нагорна линија во однос на квалитетот. Дебитантската „Актите се кастрирани“ колку и да беше храбра, изостануваше во занаетски финеси кои потоа ми се кажаа со другите две книги. Можам да кажам дека сум особено задоволна како излезе „Сонцестој“, кога го виде лицето на денот.
Познавајќи ве и приватно како пријателка и колешка литерат можам да заклучам дека “имате добра душа”, но кој совет би го дале на колегите за одржување на “позитивно расположение” кон пациентите?
Медицината е повик и определба која се одбира поради многу човекољубие, многу љубов за наука и алтруизам, бара многу откажувања, дисциплина и упорност. Медицината ми е прва љубов, имавме кризички како и секој „пар“, ама решивме дека сакаме да сме заедно за озбилно (ха, ха). Речиси и да нема студент на медицина кој одреден дел од студиите или паузата измеѓу студиите не работел нешто друго врзано со медицина. Јас работев подолго време како сестра, една многу благородна работа за која навистина не е спремен секој. Најинтимните моменти од своето боледување пациентот и ги доверува на сестрата, понекогаш дури и грижата за хигиената и исхраната. Убаво е секој студент да го искуси ова зошто учи многу за природата и суштината на професијата.
Волонтерството кај нас сè уште не е доволно регулирано, па затоа и не се практикува често меѓу младите луѓе. Јас имав среќа да го правам тоа во неколку здруженија на граѓани, како дел од неформални иницијативи, како „Ретвитни оброк“, и овие искуства беа драгоцени, првенствено зошто ми овозможија да ги живеам некои од вредностите кои како личност ги застапувам. Работите се менуваат и на овој план, полека но сигурно, младите ја сфаќаат потребата од волонтирање како можност за свој личен напредок и сè повеќе се ангажираат. Би било убаво кога образовниот систем би можел да понуди повеќе на ова поле, да обезбеди платформи и соработки со стручниот сектор за да имаат можност студентите покрај студиите да се посветат и на волонтерска работа.
Има еден одбрамбен механизам кој несвесно го користат повеќето здравствени работници, а тоа е оддалечување од секојдневието, изземање од чувствата кои несомнено се јавуваат кога човек е толку изложен на слики од страдање и за жал, неретко и смрт. Тоа не значи дека исчезнала емпатијата или сочувството, едноставно човечкиот ум е толку често во состојба на зголемена опасност, што бара начин да преживее, односно да продолжи да работи. Нашиот здравствен систем исто така со години е неодржлив, со премалку персонал, премалку услови за работа, премалку од сè. Никако нема изговор за дрско и лошо однесување, само сметам дека на сите понекогаш ни недостига малку повеќе трпение. Мене ми помага медитација и јога, исто така ми помага и редовно да се потсетувам за мотивите кои ме донесоа во медицината но, и да ја гаснам жедта за ново знаење, новини во науката. Имам прекрасни колеги со кои ќе биде чест да се работи и едвај чекам.
Што ги советувате луѓето што се лечат од разни болести во поглед на алтернативната медицина?
Еден огромен дел од фармакологијата се заснова на билки и растенија. Сите сме раснети со чај од нане за болно меше, чај од бел слез за надразнителна кашлица, чорапи натопени во ракија за покачена температура. Алтерантивната медицина во денешно време има и научна поткрепеност, може да биде и е моќна алатка во современата медицина. Сето она што претставува медицина заснована на докази светот треба да го исползува. Кинеската медицина е прв избор во азискиот свет секогаш кога е тоа возможно, но секако дека и тие ја имаат прифатено медицината заснована на докази која се практикува во останатите делови од светот. Нема друг лек за акутен апендицитис освен хируршка интервенција.
Многу поголем проблем кај нас се разноразните препарати, лекови, апчиња на природна база кои на пазарот се нудат како алтернатива за лекување на хиперлипидемија, дијабетес, висок крвен притисок и слични хронични состојби. Овие препарати немаат никаква контрола ниту пак клинички докажан ефект, а се достапни
зошто им е дозволено да се рекламираат на социјални медиуми, телевизии и слично. Употребата на овие препарати како замена за докажан третман може да доведе до сериозни здравствени проблеми кај пациенти со хронични заболувања, како на пример кај пациенти со инсулин зависен дијабетес.
Докторите и докторките за време на екот на ковид пандемијата – која според најнови сознанија сè уште трае иако е бајаги проретчена – беа прогласени за вистински суперхерои, втурнувајќи се во ризични ситуации за да спасуваат животи секојдневно. Имаше и познати плакати и слики на интернет со суперхероите од „Авенџерс“ и доктори претставени рамо до рамо со нив. Малку би го пренасочиле разговорот кон порелаксирано прашање: кои стриповски суперхерои и суперхеројки претставени на многу актуелните Марвел и DC филмови ви се омилени фантазиски ликови и зошто? И кој актер или актерка во истите би ги издвоиле како пример?
Убаво би било сликата за модерните херои малку подолго да се вреже во колективната меморија, зошто барем кај нас, долго време се зборуваше во еден негативен наратив за белиот мантил особено во јавното здравство.
Морам да признаам дека стрипови немам читано, сите предозирања со суперхеројски карактери ми се од актуелните блокбастери (ха, ха). Има навистина вредни за гледање, тоа се во суштина преубави бајки, иако продукциските машинерии како Марвел и ДС веќе сето тоа шаблонски и пресметано го работат. Јас сум фан на Бетмен, првенствено зошто карактерот е прототип на одметник од општеството со добри намери, неговата несреќа ја претворил во благородна мисија да го заштити човештвото без притоа да има натприродни супермоќи, а понекогаш и на своја штета. Кристијан Бејл би го издвоила како нај нај според мене во улогата на лилјакот. „Вондервомен“ ја засакав кога излезе новиот филм со Гал Гадот, за мене една од најубавите жени во Холивуд. Максимална забава ми причинува гледањето на „Чувари на галаксијата“.
Иако латинскиот се смета за „мртов јазик“ во медицината се користи за да се прецизираат болести и дијагнози и анатомски делови каде лекари од различни делови на светот можат да се разберат само преку употребување латински термини и да не си ги знаат меѓусебните матични јазици. Латинскиот е познат и по многу паметни поговорки и афоризми од кои многу несомнено знаете напамет, па би ве запрашале која ви е омилена поговорка на латински и зошто?
Интересно е што на медицинските факултети во државава долго време не се изучуваше латинскиот јазик, сега мислам дека новите генерации имаат барем едносеместрален предмет на почетокот на студиите. Јас не го учев, но немам проблем со терминологијата, со секојдневен контакт се сензибилизира и изговорот. Првите сеќавања и знаења за латинскиот ми се од прва година средно училиште, од часовите по анатомија со строгата, но праведна професорка Светлана Мокрова.
Оваа поговорка ми стана омилена кога самата решив да ја применувам: „Faber est suae quisque fortunae“ – Секој е креатор на сопствената среќа.