Хана Селмани создаде програма за откривање на депресијата со помош на вештачката интелигенција, пишува Порталб.мк. Разговорот на новинарите со Селмани каде таа зборува за тоа како функционира програмата, во продолжение го пренесуваме во целост.
Порталб.мк: Сте создале програма за откривање на депресијата со помош на вештачката интелигенција. Дали можеш да ни откриеш нешто повеќе за оваа програма?
Хана Селмани: Како студент по компјутерски науки отсекогаш ме привлекувала вештачката интелигенција (ВИ), па затоа решив подлабоко да ја истражам оваа тема во мојата дипломска работа за време на моите студии на Њујорк Универзитетот во Абу Даби. Исто така, знаев дека сакам да работам на проект што ќе му помогне на општеството.
Мојата менторка, професорката Маи Оуда, се занимава со проучување на информатиката, поточно со информатички студии што се занимаваат со микробиомот. Истражувањето се фокусираше на две главни прашања: дали може да се открие
депресијата со помош на вештачката интелигенција и дали ќе откриеме поврзаност помеѓу физичкиот дел од телото, како што е цревниот микробиом, и депресијата. Откако добив потврдни одговори на двете главни прашања, се фокусирав на оптимизирање на програмата за да биде што е можно попрецизна и поефикасна.
Конечниот перформанс е речиси совршен, со 99 отсто точна категоризација. Мотивацијата за овој проект е тоа да се создаде една ефикасна, достапна и евтина алатка. Традиционалните психијатриски дијагнози можат да бидат скапи и недостапни за голем дел од населението, и токму поради ова е потребна една алатка како оваа.
Порталб.мк: Како функционира конкретно оваа програма? Како можеме да ја детектираме депресијата?
Хана Селмани: Во оваа студија ние користиме техники на машинско учење (machine learning), или вештачка интелигенција, за да изградиме предикативен модел базиран на податоците од цревниот микробиом со цел откривање на депресијата. Поедноставно кажано, ова значи дека „машината“, или моделот на вештачката интелигенција, е обучена и учи од податоците за цревниот микробиом.
Овие податоци се означени и поделени на податоци на депресивниот микробиом и „здравиот“ (недепресивен) микробиом. Моделот почнува да прави разлика помеѓу профилот на микробиомот кај депресивните и недепресивните лица – и на овој начин во чекорите на тестирањето се елиминираат елементите и моделот треба да открие кој микробиом е депресивен, а кој не е депресивен. Податоците ги добивме од една лабораториска база на податоци, во која беа опфатени микробиоми на 43 лица со депресија и 47 без депресија. Моделот постигнува точност до 99 отсто бидејќи програмата што ја создадовме идентификува профил од 30-50 микроби кои се по информативни и дискриминативни за разликување на класите „депресивни“ и „здрави“. Ова претставува уште еден придонес во тоа што идентификуваните микроби можат да се земат од биолошки студии за да се открие поврзаност или причина помеѓу овие микроби и депресијата. Сите оние кои се заинтересирани за повеќе технички детали и резултати истите можат да ги најдат во публикацијата под наслов „Користење на машинско учење за откривање на депресијата врз база на цревниот микробиом“ во Springer Nature.
Порталб.мк: Кои се главните придобивки и предизвици на оваа програма?
Хана Селмани: Придобивките од програмата се бројните придонеси во различни науки. Во областа на програмирање и вештачката интелигенција значајно придонесува во студирањето на вештачката интелигенција и микробиомот, вештачката интелигенција и депресијата, како и техниките за оптимизација на моделите – кои се опишани подетално во публикацијата, познати како „селекција на карактеристиките (feature selection)“ и „инженерство на карактеристиките (feature engineering)“. Во областа на биологијата придонесува во студирањето на поврзаноста помеѓу микробиомот и менталното здравје, како и за идентификација на профилот на микробите кои се детектираат во присуство на депресијата.
Главната придобивка е целта на програмата – можноста да им се помогне на луѓето да ја детектираат депресијата на достапен и ефтин начин. Предизвикot лежи во фактот што само психијатарот може да ја постави конечната дијагноза, а креираната програма идентификува дали структурата на микробиомот се совпаѓа со структурата на микробиомот со или без депресија. Програмата ја детектира депресијата со голема точност, но не ја објаснува врската помеѓу микробниот профил и депресијата – како едниот влијае на другиот? Дали депресијата влијае на микробиомот или микробиомот предизвикува депресија? Овие прашања треба дополнително да се истражат во сферата на биологијата.

Порталб.мк: Колку време ви беше потребно за да креирате една ваква програма?
Хана Селмани: Програмскиот дел ми траеше околу година и полoвина, и во текот на оваа година бев редовна студентка на универзитетот и бев вклучена во процесот на пишување на ракописот и неговото поднесување за објавување. Од поднесувањето до конечното објавување – онлајн и во печатена форма – ми требаше уште една година.
Порталб.мк: Дали е направен некаков експеримент со оваа алатка и колку е ефикасна?
Хана Селмани: Како дел од креирањето на програмата се вршеше континуирано тестирање на моделот. Експерименти и тестови се спроведени со податоците од претходно споменатата база на податоци – кои се покажаа како многу ефикасни. Најефикасниот модел ја детектира депресијата во 99 отсто од случаите.
Порталб.мк: Дали очекувате оваа програма да има практична употреба?
Хана Селмани: Во моментов немам планови за практична употреба од моја страна, но ако има компанија што сака да создаде алатка за практична употреба, нормално дека може да ги искористи моите наоди.
Порталб.мк: Оваа програма е ретка и е креирана од вас како новодипломиран програмер. Кои се вашите цели и планови за во иднина?
Хана Селмани: Планирам да ги продолжам магистерските студии по компјутерски науки и вештачка интелигенција во Обединетото Кралство. Моментално сум во процес на објавување на мојата втора книга, која е од областа на безбедноста на електронските чипови. Сакам да продолжам да работам на проекти и студии кои што преку технологијата и вештачката интелигенција ќе му помогнат на општеството.
Порталб.мк: Која е вашата порака до сите млади луѓе кои сакаат да се бават со наука?
Хана Селмани: Не дозволувајте стравот да стане пречка за постигнување на вашата цел. Ако чувствуваат страст кон науката, би им препорачала на сите да ја следат оваа страст. Секако не е лесно, особено за девојките и жените кои општеството не ги охрабрува да го следат овој пат, но со напорна работа и упорност можете да постигнете многу важна цел.