Интервју со фуд блогерот Бранко Попоски: Готвењето е љубов, исполнување, задоволство

Кратoк, би рекол дека не може да биде, зaшто секогаш кога ќе ми кажат ‘Дај нешто кратко и концизно’, а јас сум човек кој што многу сака да зборуваме не само за себе туку и за другите, потребни се повеќе од еден лист А4 формат хартија”, смеејќи вели Бранко Попоски, фуд блогер, кога побаравме да каже нешто за себе.

Бранко за Порталб.мк вети дека ќе се обиде да се опише самиот себеси со своја најкратка биографија, што доволно кажува за тоа каков човек е тој. Што сака Бранко да постигне во својот живот?

“Да, тоа е Бранко, човек кој што сака многу да зборува, кој што е активен 24/7, кој е 24/7 на неговиот телефон и сите оние кои што ќе го читаат ова мое интервју ќе речат ‘Ете, види, постојано е на телефон, а мене не ми крева’ и личност која што е лудо заљубена во готвењето, имагинацијата во кујна, во маркетингот и која не може без креативност ниту 10 секунди во денот. Сакам да споделувам совети, сакам да помагам, сакам кога слушам и учам за нови работи и кога гледам свет во други бои, кога немам монотони чувства, а верувале или не, ги има многу малку”, вели Бранко Попоски.

Бранко е еден од најмладите и најуспешните готвачи во Македонија. Но, каде научи да готви? Кој му ги покажа првите чекори во готвењето? За ова, Бранко вели:

Секогаш кажувам дека мајка ми е виновна за готвењето, но, сепак, и татко ми замешал прсти тука. Готвењето е љубов, исполнување, задоволство. Готвењето за мене е извор на позитивна енергија, момент на докажување, исчекување на нешто ново, нешто кое што ќе биде вкусено од самиот себе или од другите, нешто кое што ќе задоволи и насмее многу други лица”, вели тој.

Има толку многу различни приказни за готвењето, а најубавата е дека таму има многу многу љубов! – вели Бранко. Секој готвач има свој омилен рецепт кој ужива да го готви, Но, за Бранко ова не важи. Тој ни кажа:

Готвам буквално сѐ! Месам леб, сукам пити, сакам многу месени работи, како што се кифлички, пита или како што ја викаме ние вевчанците – губа. Многу сакам бурек, но морам да признаам дека пастата ми е најомиленото јадење и најмногу сакам да ја подготвувам. Сепак, сега сум на доста строг режим на исхрана и морам да признаам дека најмногу сакам зеленчук и овошје!”, вели Бранко Попоски.

Што го прави уникатен блогот кој што го поседува Бранко на Инстаграм?

“Cooking with Branko e сам по себе уникатен, не само како блог туку јас го гледам и како личност. Забележувате и на самиот Инстаграм профил дека многу играм со бои кои ми значат живот. Храната е многу разновидна и ја има во најразлични бои. Таа е насликано платно кое само треба да го поставиш и тук-таму некаде да додадеш или одземеш нешто. Голема е приказната на милион и еден вкус од Cooking with Branko, и токму тоа е причината за таа уникатност”, вели познатиот фуд блогер.

На фуд блогот на Бранко, може да се најде сѐ што на него му се допаѓа, што има приказна зад себе и што сака токму тој рецепт да се најде таму.

Пријателите, следбениците, сакам да знаат дека повеќе од две години Cooking with Branko e блог за храна кој на еден поинаков начин направи зближување на луѓето, ја постави храната и случувањата на едно поинакво ниво и внесе свежина која мора да признаеме дека влијае доста позитивно на сите. Сакам да знаат дека сѐ што е на менито кај Cooking with Branko е сервирано само за нив! Доволно е да се препуштат на уживањето!”, вели Бранко.

Бранко беше избран за најдобар фуд блогер во Македонија. Што значи оваа победа за него?

Успех, мотивација, борба, гордост, насмевки, труд, инвестирање и ЉУБОВ!

Секој кој што ќе го прочита одговорот барем малку ќе се пронајде во сето ова, зашто оваа награда не е само моја, оваа награда е на сите оние кои се дел од мојата кујна и мојата кулинарска приказна. Сакам да изразам голема благодарност до Убавина и Здравје, до сите кои што гласаа, сите оние кои што ме поддржуваат и до моите пријатели од светот на блогерството за храна – Радица, Мартина … Да победиш значи да успееш, ама до тој момент. Сѐ понатаму е повторно пат кој што мора да го изодиш за повторно да се радуваш на успеси и да учиш од неуспесите, затоа што се доста паметна мотивација!”, вели тој.

Бранко, за крај, им порача на сите:

Верувајте дека сте доволни за победа!, заклучува фуд блогерот Бранко Попоски.