Во време кога повеќе земји воведуваат или разгледуваат ограничувања за пристап на деца и млади до социјалните мрежи, повторно се отвора прашањето за нивното влијание врз менталното здравје, изложеноста на штетни содржини и дигиталните права.
Дел од експертите и граѓанските организации предупредуваат дека ваквите мерки може да ја префрлат одговорноста од платформите врз младите и нивните семејства, без суштински да го решат проблемот.
Раководителот на програмата Медиумски и информациски итегритет на Фондацијата Метаморфозис, и уредник на Мета.мк, Горан Ризаов, говори на оваа тема во интервју за меѓународната организација за човекови права Цивикус.
ЦИВИКУС: Зошто владите се обидуваат да го ограничат пристапот на децата и младите до социјалните медиуми?

Ризаов: Австралија беше прва што презеде мерки минатиот декември забранувајќи им на лицата под 16 години пристап до 10 големи платформи, меѓу кои Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Јутуб. Потоа, Грција најави забрана за лица под 15 години која треба да стапи на сила во јануари 2027 година, а Франција предложи сличен закон за истата возрасна група. Други европски земји, меѓу кои и Шпанија, разгледуваат слични мерки, а некои од нив повикуваат на заедничка законска рамка на ниво на Европската Унија (ЕУ).
Овие модели се потпираат врз механизми за проверка на возраста, но се разликуваат по тоа кој е одговорен за нивното спроведување. Во Австралија, самите платформи мора да ја проверуваат возраста на корисниците преку комбинирање на проценка со вештачка интелигенција и податоци од трети страни. Во Грција, владата презема директна контрола. Државна апликација наречена „Kids Wallet“(детски новчаник) ќе блокира пристап до ограничените платформи на уредите на децата.
Платформите на социјалните мрежи се дизајнирани со една цел: да остварат профит. За да го постигнат тоа, корисниците треба да се задржат онлајн и да бидат активно вклучени, а колку се помлади, толку подобро за компаниите. Но, тоа си има своја цена. Овој модел придонесува за пораст на ширењето дезинформации, говор на омраза и злоупотреба на податоците на децата, а влијае и врз начинот на кој младите размислуваат, учат и се концентрираат. Последиците можат да бидат сериозни. Во САД, големи платформи беа казнети со износи од милиони долари за злоупотреба на податоците на децата, а во Македонија, деца се вовлекувани во нелегални активности, вклучително и трговија со луѓе преку социјалните мрежи. Не е веќе прашање дали нешто треба да се направи, туку како.
ЦИВИКУС: Дали овие забрани функционираат?
Ризаов: Да се забрани нешто на интернет не е едноставно. Платформите веќе имаат правила кои забрануваат отворање профили за деца под 13 години, но тие во голема мера не се спроведуваат. Во Австралија, каде што забраната веќе е во сила, тинејџерите пронашле начини да ја заобиколат, користејќи ВПН мрежи, од кои дел се бесплатни и лесно достапни. Дури и ако забраната функционира, таа може да ги поттикне младите да се префрлат кон помалку регулирани простори и платформи што не се опфатени со овие мерки, а кои имаат многу полоши резултати во однос на говорот на омраза и незаконска содржина. Пристапот до интернет е човеково право, а социјалните мрежи, и покрај сите нивни недостатоци, остануваат важен извор на информации и алатка за комуникација. Младите не треба да бидат отсечени од нив. Решението не е да се забранат социјалните мрежи, туку да се направат побезбедни.
ЦИВИКУС: Кој е ставот на Фондацијата Метаморфозис?
Ризаов: Не поддржуваме општи забрани бидејќи не веруваме дека тие ќе го решат проблемот. Наместо да ги повикуваат платформите на одговорност, овие забрани ја префрлаат одговорноста на жртвите барајќи од децата да доставуваат лични податоци до компаниите што веќе профитираат од нив. Тоа не е решение, тоа е подарок за индустријата. Фондацијата Метаморфозис се залага за поинаков пристап, повикувајќи на регулација, или поконкретно, на целосна имплементација на Законот за дигитални услуги на ЕУ, кој веќе воспоставува рамка за одговорност на платформите. Законот за дигитални услуги ја префрла одговорноста таму каде што припаѓа, кај компаниите што профитираат од податоците и вниманието на корисниците. Тие треба да сносат одговорност за говорот на омраза, за содржините што ги препорачуваат и за влијанието врз децата. Проблемот е што Законот за дигитлани услуги сè уште не е целосно имплементиран и не се применува во земјите што сè уште не се членки на ЕУ, вклучително и во Македонија. Работиме со цел да влијаеме врз институциите да ги усвојат неговите стандарди бидејќи платформите мора да бидат повикани на одговорност без разлика каде работат.
ЦИВИКУС: Што треба да направат властите?
Ризаов: Заштитата на децата онлајн наложува две работи: одговорност на компаниите и оспособување на младите да се снаоѓаат во дигиталниот свет. Првиот чекор е регулација која ги таргетира платформите, а не корисниците. Владите треба да предлагаат, усвојуваат и спроведуваат рамки што ја доделуваат одговорноста на компаниите, наместо да ги оптоваруваат децата и нивните семејства. Ризикот, се разбира, е дека регулацијата може да се злоупотреби за ограничување на слободата на изразување. Токму тука граѓанското општество има клучна улога. Тоа мора да биде дел од процесот, да ги повикува на одговорност компаниите сопственици на социјалните мрежи и да се осигура дека овие рамки се зајакнуваат во насока на заштита на луѓето наместо во ограничување на нивните права. Властите треба да инвестираат и во образование. Критичкото мислење, дигиталната и медиумската писменост мора да бидат во сржта на начинот на кој ги образуваме младите. Општествата со високо ниво на медиумска писменост многу потешко подлегнуваат на онлајн манипулации. Иако овие забрани не се решение, сепак се корисни за едно нешто: поттикнаа разговор што одамна беше потребен. Барем сега младите, родителите и властите зборуваат за опасностите од социјалните мрежи. Важно е тој разговор да резултира со конкретни и значајни чекори.ж
Извор: Цивикус
