[Интервју] Фидиас Панајоту: Како млади да ја преземеме иднината во свои раце, подобро од возрасните разбираме како се развива светот

Европратеникот Фидиас Панајоту има 24 години и доаѓа од Кипар. Тој е инфлуенсер и јутјубер со над 2,6 милиони следбеници

фото: Порталб.мк

Порталб.мк подготви поинакво интервју од Европскиот парламент во Стразбур, каде разговараше со најинтересните европратеници. Еден од нив има 24 години и доаѓа од Кипар. Тој е инфлуенсер и јутјубер со над 2,6 милиони следбеници. На последните избори во ЕУ беше изгласан за пратеник на Европскиот парламент, каде работи како независен европратеник.

Прочитајте го интервјуто со Фидиас Панајоту кој раскажа повеќе за неговото патешествие.

 

Интервјуиран од: Фисник Џелили

 

Дали може накратко да ни објасните како преминавте од јутјубер во политичар и што ви помогна да победите на изборите?

Ми здосади од политичари кои зборуваат на висок стил, зборуваат 10 минути, а не кажуваат ништо. Не сите, но повеќето од нив се такви. Тие се облекуваат добро, но не забележуваме големо влијание од нивна страна. Сакав да видам нешто поразлично. Слушнав дека Илон Маск рекол: „Ако сакате да видите промена во светот, бидете промената“. Сакав да бидам промената во светот. Добро ми оди, бев најгласаниот човек во Кипар, во мојата држава од сите други членки на Европскиот парламент. Мислам дека причината поради која е така е тоа што ги користиме социјалните мрежи. Го одигравме тоа на нов начин. Правевме преноси во живо на ТикТок, на Јутјуб, снимавме видеа на ТикТок, за луѓето навистина да се вклучат и навистина да им се допадне новиот вид на политика. Сега носам голема одговорност.

Како ви оди одржувањето баланс помеѓу вашите политички должности и активното присуство на социјалните мрежи?

Ова е, всушност, една од моите политички должности – да ја пренесам пораката и да соопштам што се случува овде. Многу луѓе мислат дека ова е единственото нешто што го правиме – работата на социјалните мрежи, но тоа, во суштина, ни одзема само еден до два дена во неделата. Останатите денови – работиме седум дена во неделата – се фокусираме на законодавството и на тоа да научиме и да се подобриме, да лобираме за нашите идеи кај други луѓе и сите овие работи.

Вие сте многу активен на социјалните мрежи преку кои ја информирате публиката за работата на ЕУ. Колку е важна транспарентноста и отчетноста за европратениците и дали тие прават доволно во врска со ова?

Не, не сметам дека прават доволно, а многу е важно за еден член на Европскиот парламент, како и за Европскиот парламент воопшто, да комуницира. Ние сме за народот. Ако народот не знае што се случува, не се информирани околу тоа што прават политичарите и како функционира системот, како ќе се образуваат тие за да можат следен пат да гласаат, или пак, да разберат дали сте одговорни или добро ја вршите работата? Како проценуваат? Поради овие причини, тоа е многу важно. Мислам дека ова е многу значајна работа што ја правиме за да ја подигнеме свеста на општествата на Европската Унија, па народот да биде поинформиран. Така, тие носат подобри одлуки. Можеби ќе одлучат да станат политичари. Сметам дека важен дел од работата на политичарот е да ги прави овие работи.

Доаѓате од земја со разновидни култури и меѓуетнички предизвици, се залагате за овие прашања на социјалните мрежи. Патот на Северна Македонија кон ЕУ е блокиран од Бугарија, Северна Македонија треба да го промени својот устав за да ги започне преговорите со ЕУ. Каков е вашиот став за пречките за членство во ЕУ со кои се соочува Северна Македонија, особено со противењето на Бугарија?

Искрено, не сум многу запознаен со проблемот во Северна Македонија во врска со ЕУ. Но, ќе се информирам и можеби следен пат кога ќе ме прашате, ќе дадам одговор. Општо речено, ЕУ сака земји кои се држат до правилата, регулативите и филозофијата на ЕУ. Мислам дека доколку Северна Македонија се држи до сето ова, ништо не треба да ја спречи да влезе во ЕУ.

За крај, каква порака би испратиле до младите во Северна Македонија, од кои многумина ја напуштаат земјата за подобра иднина во земјите на ЕУ?

Забавувајте се. Многумина мислат дека да се забавуваш не е толку сериозно. Но, се вели дека да се забавуваш е најсериозното нешто што можеш да го правиш, затоа што кога се забавуваш, учиш повеќе работи, повеќе се интересираш за темата и општо за работите што ги правиш.

Во таа смисла, одбирајте патишта кои се поинтересни и кои на некој начин ви носат знаење. Исто така, постои уште нешто поврзано со младите, со оглед на тоа што тука, во Европскиот парламент, просечната возраст на членовите е околу 50-55 години. Треба да ја земеме иднината во своите раце, затоа што малку подобро разбираме од возрасните на кој начин се развива светот. Затоа, пробувајте многу работи. Обидете се да станете политичари, на пример, или пак пробајте на друг начин да влијаете врз насоката на општеството, зашто сега се наоѓаме на најважната пресвртница на општеството. Одлуките кои ќе ги донесеме, во иднина ќе го утврдат влијанието на општествата и влијанието на човештвото, што е многу важно во поглед на вештачката интелигенција и сите овие работи.

Одлуките што сега ќе се донесат на политичко ниво веројатно ќе ја одредат иднината на човештвото. Затоа, ајде сите да бидеме вклучени во тоа, да се осигураме дека ги носиме правилните одлуки, затоа што влогот е голем. Станува збор за уништување на нашата планета. Веројатноста не е голема, но сепак постои. Затоа, мора да се погрижиме да не потфрлиме на ова поле.