Задолжителното купување на оригинални книги како услов за полагање на предметот или добивање дополнителни поени е најчестата коруптивна практика која ја применуваат дел од универзитетските професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ). Ако професорите не престанат со ваквото делување во претстојниот период, ќе ги објавиме со име и презиме, вели во интервју за Мета.мк претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС УКИМ), Александар Николовски.
„Има професори кои ти велат ‘ако сакаш со книга да полагаш пет минути на испит или ако сакаш уште десет поени за целиот предмет да добиеш повисока оценка, купи ми ја книгата која чини 3.000 денари’. Што им порачуваме ние на тие професори? Додека не сме почнале јавно да ги прозиваме за тоа што го прават – бидејќи тоа е коруптивно однесување, со време да ја повлечат ваквата пракса на делување“, вели Николовски.
Тој најавува дека овој семестар ќе се прават анализи и анкети за да се види дали оваа форма на корупција е повлечена.
„Неделава ќе биде испратено барање до сите деканати за ова, а потоа ќе провериме, ќе направиме анализа дали до крајот на семестарот тоа е повлечено. Ако не биде, јавно со име и презиме, секој професор ќе биде објавен што прави, за која сума на пари се работи и потоа тој нека си го сноси товарот на честа. Зошто за одредени 200 денари авторски права да им се наплаќаат толку средства на студентите?“, вели Николовски.
Претседателот на УСС УКИМ во интервјуто ја објаснува и иницијативата за бесплатно високо образование, која е дел од програмата за работа на ова студентско тело.
Според Николовски, досегашниот систем на финансирање на високото образование недоволно придонесува за развој и квалитет и треба да биде променет.
„Не се доволни финансиските средства. Универзитетите се жала дека немаат финансии. Министерството за образование се жали дека нема финансии, а сите сакаат подобар квалитет. Тоа не е начин. Треба и државата да изнајде систем на финансирање преку даноци, дотации и друго. Во однос на партиципацијата што ја плаќаат студентите, сметаме дека оние што се најдобри треба да бидат наградени и дека треба да студираат бесплатно“, вели студентскиот лидер на УКИМ.
Александар Николовски неодамна беше реизбран за претседател на Универзитетското студентско собрание на најголемиот универзитет во земјава. Студент е на постдипломски студии на програмата монетарна економија, финансии и банкарство и по вторпат ќе раководи со ова студентско тело.
Во интервјуто за Мета.мк, Николовски зборува за работата на УСС УКИМ, мерките субвенциониран студентски оброк и најавените ваучери за електронски уреди во износ од 250 евра, како и за состојбата во студентските домови и законите за високо образование и за младински стандард.