Интервенција – „Проѕирниот човек“ за поголема медиумска писменост на младите

Фото: Гете институт

Интервенцијата „Проѕирниот човек“ која во организација на Гете-институтите во Југоисточна Европа ќе се отвори на 25 октомври во „Јавна соба“ нуди можност за младите и нивното опкружување да ја поттикнат нивната медиумска и информациска писменост и препознавање на феномените како сајбер-булинг, идеали за убавина, лажни информации и онлајн зависност.

Оваа интервеција, како што истакнаа организаторите, е поттикната од неизбежната нова реалност каде информациите на интернет се шират брзо и лесно. Степенот на општествено, политичко и културно влијание на овој феномен остава трага врз секојдневието во многу земји во Југоисточна Европа и светот.

„Личности од политиката и стопанството се обидуваат со помош на таргетирано користење информации да се позиционираат и да остварат добивка – често на сметка на заштитата на податоци и приватноста на луѓето. Луѓето често пати се повикуваат на непроверени извори и на тој начин создаваат лажни информации кои набрзина стануваат вирални и делумно имаат фатални последици врз граѓанското општество“, потестуваат од Гете институтот.

За време на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, Гете-институтите Атина, Анкара, Белград, Истанбул, Измир, Скопје, Софија, Солун и Гете-центар Тирана ќе нудат многубројни настани во онлајн и офлајн формат во регионот. Тие ќе бидат наменети за младите, нивните родители, како и наставници и други заинтересирани лица.

На отворањето на Интервенцијата „Проѕирниот човек“ со поздравен говор до присутните ќе се обратат Амбасадорката на Сојузна Република Германија, г-ѓа Анке Холштајн и Министерот за информатичко општество и администрација, г-дин Адмирим Алити, и со тоа ќе го означат стартот на инцијативата.

Во последователните две недели таму најпрво ќе може да се види изложбата „What the Future Wants“ на Берлинската невладина организација „Tactical Tech“, која беше создадена заедно со млади од Македонија и други земји од регионот. Преку јазик и дизајн соодветен за млади, изложбата се надоврзува на животната реалност на многу млади. Со тоа, „What the Future Wants“ ги мотивира младите интерактивно да се осврнат на актуелните теми од виртуелниот свет.

За време и по изложбата која ќе трае до 4. ноември, заедно со фондацијата „Метаморфозис“ ќе бидат понудени многубројни настани и активноси, како на пример, работилници за млади и наставен кадар, разговори со експерти, настани од информативен карактер за родители, анонимни советувања од страна на специјалисти за млади, натпревари и регионални средби за млади.