Интервју, Петар Атанасов: Сакав да бидам министер оти малку се прави во образованието

-

Во образованието владата прави малку, или недоволно. Оттука мојата реакција и желбата да го водам овој ресор, со целосна одговорност, вели во интервју за „Мета“ доскорешниот заменик-министер за образование, Петар Атанасов, кој со ова потврдува дека една од причините за оставката е и амбицијата да стане министер.

Тоа синоќа во телевизиско интервју го кажа и премиерот Заев „тоа го направи затоа што не стана министер за образование. Тој бараше од мене да стане министер за образование, но не стана министер“. Атанасов предупредува дека „треба да се запали црвеното светло“ и многу да се работи за да се подобри образованието. Оставката на Атанасов предизвика реакции во јавноста и го отвори прашањето, до каде сме со промените и реформите во образованието.

Најавивте дека сакате да продолжите со академската кариера. Би се вратиле ли некогаш повторно во политиката? 

Академската работа е моја редовна професија. Желбата ми беше преку учество во политиката да се променат и придвижат работите. Јас не барав да влезам во СДСМ. Тие сами ме повикаа во 2013 година кога заглавија и програмски и идеолошки. Бараа поддршка и помош. Тоа не беше време за бавење со политика, особено опозициска. Беше време на опасно живеење. Јас се одлучив да го прифатам политичкиот ангажман затоа што работите во државата не одеа во добра насока. Во овој момент изгледа дека патиштата ни се разидуваат. Владата во некои ресори и сектори прави добри работи, но во некои не. Во образованието прави малку, или недоволно. Оттука мојата реакција и желба да го водам овој ресор, со целосна одговорност. Велам дека треба да се запали црвеното светло и многу да се работи за да се подобри образованието. А образованието е, како што велите, столбот на општеството. Во политиката може да се вратам само ако се изгради цврста политичка програма и со добар тим за да се разбие оваа неперспективност и безбојност. Македонија и Македонците можат многу повеќе.

Со години работите и ги следите проблемите во образованието, поради што очекувањата на јавноста, дека работите ќе се придвижат кон подобро кога стапивте на функцијата, беа големи. Зошто ваков епилог, што се случи? 

Да, изминатите шест години го следам образованието интензивно на сите нивоа. Бев неколку години претседател на Комисијата за образование на СДСМ. Со мојот тим во партијата создадовме амбициозна изборна програма и очекувавме дека ние ќе ги спроведуваме реформите. За жал, партијата, или врвот на партијата, Министерството за образование пред две години го даде да го раководи друг кадар. Конечно, во септември 2018 ја добив позицијата заменик министер, но не ми беше овозможено да ангажирам дел од моите луѓе. И покрај тоа, моето работење во МОН беше со голема динамика и со големи очекувања, но во овие 10 месеци изостана поддршката од кабинетот на министерот. Иако премиерот се обиде да ги поправи работите, ништо значајно не се промени. Начинот на кој МОН беше навикнал да ги врши работите е како да нашиот образовен систем е во одлична форма и само се потребни редовни мали измени. Но нашиот образовен систем е девастиран, поради повеќе и различни причини. Токму затоа се потребни храбри и големи чекори за да се поместат работите од сегашната летаргична позиција. Исто така, кога влегов во МОН со себе донесов многу анализи и искуства, како и неколкугодишна активна дебата со сите чинители во образованието. Но ова искуство не беше употребено, бидејќи промените што МОН се обидуваше да ги направи се базираа само на анализата на ОЕЦД и советите на УНИЦЕФ. Но, тоа не е доволно бидејќи капацитетите на институцијата се недоволни за поголеми интервенции.

Се залагавте за промени, но во практика гледаме дека не се случува ништо посебно кога станува збор за решавање на проблемите во образованието, а нема ниту позначајни реформи што треба да го подобрат квалитетот на системот. Што и кој го кочи процесот?

Од една страна, за да има промени треба првите луѓе да соработуваат многу повеќе во една нормална и редовна процедура. Во МОН јас не бев воопшто запознат што работи и што спроведува кабинетот на министерот. Понекогаш се случуваше со министерот со недели да немаме средба. Од друга страна, образовниот систем е жив организам. Не се подобрува или решава со дописи или преку службена комуникација. Така што еден закон, колку и да е важен, сам по себе нема да ги реши процесите. Треба да се работи со наставниците, со училиштата, да им се помогне и да им се покаже преку пример. Некои наставници никогаш немале можност да видат како изгледа подобар систем на образование. Особено претставниците на образовните институции треба да се секој ден на терен со наставниците. Тоа во нашиот случај не се случува. Институциите се инертни и неефикасни. Кадровската политика, исто така, не е на задоволително ниво. Има погрешни луѓе на вистински места. Образованието стана место за вработување на партиски послушници. Дури не се вработуваат ниту најдобрите кадри на партиите, туку главно е политички пазар.

Во практика нема ништо ниту од идејата за дигитализација на наставата која освен набавка на компјутерска опрема, бара подготовка на целосно нов концепт. Неколку месеци работевте на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование, но предлог-мерките велите дека останале во кабинетот на премиерот Заев. Што според вас, е причина за незаинтересираноста на владата во врска со ова прашање? 

За големи промени потребни се добри и подготвени тимови. Кога ги немате барате поддршка од други институции и внатрешни структури. Да, подготвував и дизајнирав пилот-проект и барав поддршка од други институции затоа што МОН не беше подготвен за ова. Барав начин од септември да пробаме да проектираме виртуелна училница и да започнеме нов начин на предавање. Но, кога не го контролирате системот, не може ниту да го менувате. Според мое согледување, за овој но и други проекти, мислам дека е неопходен нов Институт за развој на образование, на местото на БРО, кој би бил државна институција каде ќе се креираат нови програми. Еве, по неколкумесечни анализи заклучивме дека дигитализацијата не може да се воведе без истовремено да ги зајакнете содржините за медиумската писменост. Секако, дека за ова ни е потребна и поголема помош, но не гледам дека структурите се заинтересирани за ова.

Не бевте вклучен во состаноците, настаните и останатите активности што ги организираше кабинетот на Адеми. Зошто вие двајца не соработувавте и зошто немавте комуникација уште од почетокот?

Нашата соработка зависеше од министерот, а не од мене. Мислам дека немаше искрена желба за соработка. Причините за тоа не ми се познати. Еве на пример, во Министерството за образование на Бугарија има четири заменици министри и секој е задолжен за по два или три сектори. Колегите се задоволни затоа што со започнувањето на евроинтерациите работата неколкукратно им се зголемила. Јас не бев задолжен за ништо конкретно, ниту пак имав какви било ингеренции. Значи и да сакав, не можев да направам многу. Тоа полека стануваше напорно.

Бидејќи имавте можност да бидете безмалку една година внатре и да ги согледате проблемите од поинаков агол, ме интересира какво е вашето мислење за ресорот-столб во државата? Можеме ли да очекуваме крупни, сериозни и суштински промени во насока на подобрување на образованието и науката во државата? 

Министерството за образование е најважната институција во системот на образование. Мислам дека прерано се пренесоа многу од ингеренциите на локално ниво. Општините не беа подготвени за тоа. Сега системот уште повеќе се прошири и се успори, а процесите многу потешко ќе се менуваат. Истовремено, повеќето од луѓето што ги предводат образовните институции, за нив дознаваат речиси пред да стапат на должност, без претходна подготовка. Затоа сето ова е многу некоординирано. Затоа капацитетот за промени е мал. Потребно е да се ангажираат сите постоечки ресурси и луѓе од праксата, како и да се земат искуствата од досегашните успешни проекти, за да се пристапи кон сериозни промени. Треба да се формираат разни совети, комисии, стручни тела, акциски групи, многу нешта со цел да се усогласат визијата за тоа што сакаме од образованието и нашите можности. Сојуз на сите за сите, нешто што ќе добие титулар на општествена и натпартиска цел.

Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел за употреба во Газа, што предизвика критики од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Би-Би-Си. Макрон за...