Интернет Експлорер згаснува догодина, „Мајкрософт“ се фокусира на Еџ

Интернет Експлорер
илустрација: преземено од Твитер

По повеќе од 25 години функционирање на еден од најстарите интернет прелистувачи во светот – Интернет Експлорер, „Мајкрософт“ официјално ќе престане да го поддржува на 15 јуни наредната година.

Сиот труд „Мајкрософт“ ќе го вложува во прелистувачот Microsoft Edge, кој беше претставен во 2015 година и уште тогаш го најави „пензионирањето“ на Експлорер.

„Објавуваме дека иднината на Интернет Експлорер на оперативниот систем Windows 10 е во Мајкрософт Еџ“, соопшти Син Линдерсеј, програмски менаџер на Мајкрософт Еџ.

На 15 јуни 2022 година компанијата ќе престане да им нуди поддршка и ажурирање на сите кориснички верзии на стариот прелистувач. Иако од таму не појаснуваат целосно, сосема е веројатно дека после овој датум Интернет Експлорер повеќе нема да постои и неговата икона ќе исчезне од десктопот на уредите.

Крајот на Интернет Експлорер се очекуваше долго време. „Мајкрософт“ го најави заминувањето на прелистувачот уште минатата година, но корисниците сѐ уште можат да користат дел од ограничените функции на Експлорер. Од средината на август годинава пребарувачот повеќе нема да биде дел од услугите преку Интернет, како што се „Office365“, „OneDrive“, „Outlook“ и други.

И додека Експлорер ја загуби својата релевантност изминативе неколку години, како оригинален прелистувач на „Мајкрософт“ беше важен дел од историјата на Интернетот. Тој покриваше над 90 отсто од пазарот во 2004 година, но почна да ја губи доминацијата со претставувањето на Гугл Хром (Google Chrome) во 2008 година. Денес, Експлорер покрива помалку од 2 проценти од интернет-пазарот.

Неговата приказна ја вклучува и првата голема антимонополска битка помеѓу технолошките компании и регулаторите, откако „Мајкрософт“ се појави пред Министерството за правда на САД кон крајот на 90-тите. Исходот од овој случај е една од причините зошто речиси сите веб-прелистувачи денес се бесплатни.