Извор на фотографија: Укринформ

Руските сили ги интензивираа ракетирањата на украинските градови во изминатово деноноќие, а бројот на загинати и повредени лица е зголемен. Во Донецкиот регион најмалку осум цивили загинаа, а 19 се повредени во нападите врз градовите Бахмут, Торецк, Орливка, Хирнук и Соледар, јавува Укринформ.

Две лица го загубија животот од морска мина во приморскиот град Коблево на Црното море. Лицата биле кренати во воздух додека пливале во морските води, и покрај забраната за користење на морето за капење во регионот Миколаив, информираат украинските власти, пренесува Гардијан.

Во ракетниот напад на центарот на Харкив била погодена двокатна зграда и образовна институција, но нема информација за повредени и загинати лица. Со касетни бомби утрово е гранатиран и приморскиот град Миколаив на југот на Украина, при што украинските власти тврдат дека има жртви во нападот, а во моментов е во тек спасувачка акција, јавува Гардијан.

И во текот на изминатава ноќ биле ракетирани населени места во регионот Днипропетровск во централниот дел на Украина. Над 40 ракети го погодиле градот Никопол, при што биле оштетени пет куќи и комерцијални зданија. Неколку илјади граѓани од овој град лоциран на десната страна на реката Дњепар се без електрична енергија поради гранатирањето, пишува Укринформ.

На првите борбени линии на фронтот нема позначајни промени во текот на изминатово деноноќие. Украинските сили успешно го одбиле обидот за пробив на руската војска кон Авдивка и Краснохоривка во Донецкиот регион. Истовремено, украинските сили продолжуваат со гранатирањето на руски воени цели на југот на земјата во својата контраофанзива за ослободување на окупираните територии, пишува Гардијан.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here