fbpx

Инстутуциите се координираат за утврдување на причините за автобуската несреќа

-

Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдување на причините за автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово, кај село Ласкарци, во Основното јавно обвинителство Скопје денеска се одржа работен состанок на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

Од ОЈО Скопје информираат дека во текот на денешниот ден почнале со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот.

„Од Министерството за внатрешни работи до Обвинителството денеска е доставени скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози во поглед на сообраќајната несреќа, а во текот на денот ќе биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Претходно, постапувајќи по првичното известување од Министерството за внатрешни работи доставено во петокот, Обвинителството уште истиот ден изготвило наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи.

Од Јавното обвинителство информираат дека до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беа доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените.

Исто така, биле побарани листинзите од мобилниот телефон на возачот, а за самиот телефон била изготвена наредба за вештачење, со цел да се утврди дали во критичното време возачот активно користел некоја од комуникациските врски на тој телефон. До Машинскиот факултет во Скопје во петокот била доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата, велат од Јавното обвинителство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.